Не „учество во толпа“ туку државен удар и терористичко загрозување на...

Не „учество во толпа“ туку државен удар и терористичко загрозување на уставниот поредок!

929
SHARE

Извршени се тешки кривични дела, какви што се организиран напад на Собранието и напад по здравјето и животот на пратениците, а Основното јавно обвинителство сака да ги минимализира кривичните дела, на тој начин што на јавноста ѝ го „сервира“ најлесното од сите сторени – учество во толпа што ќе спречи службено лице во вршење службено дејство, вели адвокатот Филип Медарски.

Пишува Весна Дамчевска

Државен удар врз уставниот поредок на Република Македонија и кривично дело „Терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста“ по член 313 од Кривичниот законик извршија сите оние насилници, криминалци и злосторници, кои по нарачка на Никола Груевски, Ѓорге Иванов, Трајко Вељаноски и Митко Чавков извршија обид за убиство преку крвавите напади врз пратениците од мнозинството во Собранието“, реагираат од СДСМ.

– Ќе одговараат и директните извршители, но уште поважно, ќе одговараат и оние што го нарачаа обидот за убиство во Собранието – изјави потпретседателот на СДСМ Дамјан Манчевски, објавувајќи дека идентификувале поголем дел од насилниците во Собранието.
Основното јавно обвинителство, пак, во случувањата од четвртокот засега препозна само „учество во толпа што ќе спречи службено лице во вршење службено дејство од член 384 од Кривичниот законик“, како и „учество во толпа што ќе изврши кривично“ дело по член 385.

Оттаму соопштија дека поради сомневање за ова кривично дело, засега почнале постапка против 15 лица, при што за 14 лица е определена мерка притвор, додека за едно лице е предложено определување мерки на претпазливост.

Адвокатот Филип Медарски вели дека не може да поверува оти ОЈО, од сите сторени кривични дела, се фатило за најлесното – учество во толпа што ќе спречи службено лице во вршење службено дејство, занемарувајќи го нападот врз Собранието и нападот врз пратениците. Според него, ОЈО на овој начин ја злоупотребило службената

– Станува збор за исклучително комплексен кривично правен настан, во кој се извршени поголем број тешки кривични дела. При анализата за тоа за кои кривични дела станува збор, треба да се тргне од констатацијата дека се работи за „организиран напад врз Собранието“ – квалификација што ја користи и заедничкото соопштение на ЕУ, НАТО, САД и на ОБСЕ. Цел на нападот е највисоката институција на власта, односно законодавниот дом, а со тоа и државата. Од кривичните дела против државата, можат да се детектираат елементи на две пропишани дела, велепредавство од член 305 и терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста од член 313 од Кривичниот законик. Тргнувајќи од намерите на напаѓачите, жестината на нападот, насилството, кое сите го видовме, и предизвиканите чувства на страв и несигурност кај граѓаните, посоодветна е вторава правна квалификација – вели Медарски.

Медарски потенцира дека тоа што се случуваше во Собранието, всушност сите можеа да го видат.

– Сите видовме дека цел на напаѓачите беше да се лишат од живот некои од присутните пратеници. Удар со железен држач со тежина од 4-5 килограми по глава, не може да има друга цел. Интензитетот и времетраењето на тепањето на господинот Села не може да има друга цел. Тука, ако не директна, дефинитивно имаме евентуална умисла за лишување од живот. За среќа, напаѓачите не успеале во намерите и кривичното дело убиство од членот 123 од Кривичниот законик е останато во обид – вели Медарски.
Тој објаснува и дека кај службените лица, односно полицајците, кои спротивно на нивната службена должност овој напад не го спречија, имаме повеќе кривични дела од главата на кривични дела против службената должност.

– Одговорноста на службените лица расте во согласност со нивното место во хиерархијата на командување. Најголема одговорност имаат оние лица што биле должни да издадат наредби за да го спречат организираниот напад, а тоа не го сториле. Ова под услов да не се во дослух со самите напаѓачи, ако се утврди дека постои таква врска, тие одговараат како нивни соизвршители – вели Медарски.

Од ОЈО, пак, информираа дека се сослушани поголем број припадници на полицијата.

– Во Основното јавно обвинителство Скопје досега се сослушани поголем број лица, припадници на полицијата. Сослушувањата што се во тек ќе продолжат во функција на целосно документирање на кривично-правните настани во Собранието на РМ – велат од Обвинителството.

Според Медарски, сторени се и низа кривични дела против јавниот ред и мир.

– Од тие дела би ги издвоил насилство од член 386 и напад врз службено лице при вршење работи од безбедноста од член 383 од Кривичниот законик. Сите оние што заедно со толпата влегле во Собранието, а самите не учествувале во насилството, сториле кривично дело учество во толпа што ќе стори кривично дело од член 385. Доколку произлезат докази дека организираниот напад претходно бил планиран, сите што учествувале во ова планирање се потенцијални сторители на кривичното дело Злосторничко здружување од член 394 од Кривичниот законик. Кај сите овие кривични дела посебна улога имаат организаторите и за нив се предвидени значително потешки казни – дециден е Медарски.

Адвокатот смета дека при изнаоѓање на вистинските правни квалификации за секој од учесниците, не треба да се тргне само од она што се случуваше критичната вечер, туку и од сето она што им претходеше на овие настани. Тој објаснува дека во говорите на организаторите и учесниците на протестите и некои од политичарите од овој период, може да се откријат елементи на делото предизвикување омраза, раздор или нетрпеливост врз национална, расна, верска или друга дискриминаторска основа од член 319 од Кривичниот законик.

NO COMMENTS

LEAVE A REPLY