Масовни протести и тврди политички ставови за добре дојде на Хан

Масовни протести и тврди политички ставови за добре дојде на Хан

658
SHARE
Фото: meta.mk

Неколку денови пред посетата на Скопје, комесарот за проширување прати порака за мирно и демократско предавање на власта во земјата, бидејќи, како што рече, токму од ова зависи европската перспектива на земјата и спроведувањето на реформите

ВМРО-ДПМНЕ подготви документ со три барања до Хан, да се осуди платформата, да се почитува принципот победник со победник и да се деблокира евоинтеграцијата на земјата

СДСМ заедно со неговите партнери се подготвени и во случај претседателот Иванов и понатаму да одбива да го даде мандатот на Заев за состав на влада

 

Еврокомесарот за проширување Јоханес Хан и тројцата европратеници Иво Вајгл, Едуард Кукан и Кнут Фелекенштајн, денеска на пладне пристигнуваат во Скопје, со цел уште еднаш да се обидат да влијаат врз политичките партии да постигнат договор за излез од политичката криза и особено да влијаат врз претседателот Ѓорге Иванов, да ја промени својата одлука и да му го довери мандатот за состав на влада на лидерот на СДСМ, Зоран Заев.

Според неофицијалните најави, Хан и тројцата европратеници ќе се сретнат со лидерите на парламентарните партии, со претседавачот на конститутивната собраниска седница Трајко Вељаноски, како и со претседателот Иванов.

Неколку денови пред посетата на Скопје, комесарот за проширување прати порака за мирно и демократско предавање на власта во земјата, бидејќи, како што рече, токму од ова зависи европската перспектива на земјата и спроведувањето на реформите.

Хан во изјава за виенскиот весник „Курир“ вчера оцени дека ситуацијата во земјите од Западен Балкан и натаму е кревка и трајно решение е можно само во меѓународни рамки, односно внатре во ЕУ.

Државите што сакаат да станат членки, според него, мора да исполнат предуслови, правниот систем мора да функционира, треба да бидат многу поатрактивни за инвестиции. Економиите на државите мораат, при идните приеми, да бидат клучен фактор.

Партиите ќе го дочекаат Хан со добропознатите ставови

Партиите очекуваат посетата на Хан да помогне за деблокирање на политичката криза. Тие ќе го дочекаат еврокомесарот со добропознатите ставови за излез од кризата, барањето на СДСМ Иванов да му го довери мандатот на лидерот Заев, а ВМРО-ДПМНЕ, пак, подготви документ со три барања до Хан, да се осуди платформата, да се почитува принципот победник со победник и да се деблокира евоинтеграцијата на земјата.

– Неговиот претходник Оли Рен во 2007 година, бараше да се почитува правилото при формирање влада кое значи, победникот во македонскиот, секогаш да коалицира со победникот во албанскиот блок. Бараме тоа правило да се почитува и сега и во иднина. Да не се прекршуваат правилата што ги бара самата ЕУ – рече пратеникот Александар Николовски во вестите на Сител.

Повикувањето на принципот „победник со победник“ кој ВМРО-ДПМНЕ упорно го турка, е спорен, не само пост-фестум, туку и генерално, а уште повеќе ако се има предвид дека Груевски и со партискиот Проглас најави дека ќе се спротивстави на хибридни решенија што не функционираат во ЕУ, потсетува професорот и поранешен министер, Ненад Новковски во изјава за Дојче веле.

– Тој принцип е спротивен на основното барање што по изборите го постави Груевски, а тоа е да не се применуваат никакви решенија што не се стандардни во Европа. Не постои никаков принцип „победник со победник“ ни во меѓународната практика, ни во нашите важечки акти. Станува збор за таен договор применет во 2008 година, со цел да се оправда формирањето на коалиција со ДУИ и исфрлањето на стратегискиот партнер ДПА и сродната ВМРО-НП од власта, што беше почетниот генератор на политичката криза. Можно е ова барање да има за цел враќање на процесот на конституирање на власта на почеток, но со оглед дека тој процес е во одмината фаза, најверојатно ова е само притисок да се издејствува најповолна можна позиција, односно најголемо можно учество во владејачките структури, кои се пред конечно формирање – оценува Новковски.

Од СДСМ, пак, велат дека на Хан нема да му испорачаат ништо ново, освен она што досега го кажале.

– Имаме јасно изразена волја од мнозинството граѓани и мнозинството во Собранието треба да ја формира новата влада. Не треба ние ништо да им кажеме ним, на Европската Унија, самата ЕУ во последниот извештај ја категоризираше Македонија како заробена држава. Македонија се ослободи на минатите избори, а сега е во заложништво само на еден единствен човек, а тоа е Никола Груевски. Многу бргу ќе дојде денот кога ќе се состане Собранието, ќе се избере претседател на Собранието и Македонија ќе добие нова демократска влада – изјави потпретседателот на партијата, Дамјан Манчевски.

Тој посочи дека заедно со нивните партнери се подготвени и во случај претседателот Иванов и понатаму да одбива да го даде мандатот на Заев за состав на влада.

– И ова е едно сценарио што лебди во воздухот подолг временски период. Ние како СДСМ и заедно со другите партнери сме подготвени за ова сценарио. Сепак, она што ќе го каже Иванов и неговиот ментор Груевски воопшто не значи дека тоа е така. Сѐ што кажаа во претходните две години испадна обратно – изјави Манчевски.

Масовни протести за добре дојде на Хан

Граѓанската иницијатива „За заедничка Македонија“, која ги организира секојдневните протести, за денеска повика на масовен протест со 200.000 луѓе во пресрет на доаѓањето на еврокомесарот и тројцата европратеници.

„Јасно, гласно и недвосмислено сите заедно, граѓаните на Македонија пред комесарот на ЕУ, Јоханес Хан, да кажеме не за влада која ќе работи според тиранската платформа, не за рушење на унитарноста на државата. Сите заедно да ги претставиме нашите црвено-жолти линии, кога ако не сега“, се вели во повикот на иницијаторите.

Од иницијативата бараат и средба со Хан за тој да ги слушне нивните барања.

– Бараме господинот Хан да се сретне со нас за да може да му ги претставиме нашите цели и барања кои се фиксни и непроменливи. Нивното игнорирање и игнорирањето на нашите барања може да создаде само дополнителни ризици. Ако ЕУ е за почитување на граѓанско општество, тогаш треба да покаже дека декларативните заложби не се само флоскули – изјави оперскиот пејач Игор Дурловски од „За заедничка Македонија“.

Во меѓувреме во Собранието за денеска е закажана координација за продолжение на конститутивната седница. На координативната средба треба да биде утврден предлогот за состав на Комисијата за прашања на изборите и именувањата кој ќе послужи како основа за закажување на продолжение на Конститутивната седница на Собранието на Македонија.

NO COMMENTS

LEAVE A REPLY