Македонија ќе тропа, Борисов ќе пушта на врата!

Македонија ќе тропа, Борисов ќе пушта на врата!

268
SHARE
Фото: Борче Поповски

Доколку Македонија не ја искористи шансата за влез во ЕУ и во НАТО во првата половина на годинава, тогаш треба на подолг рок да се прости од евентуални нови преговори, предупредуваат експертите.

 

Мартин Богатиноски

 

Почетокот на новата година претставува голем предизвик за Бугарија, бидејќи од првиот ден на јануари го презеде највисокото место во Советот на Европската унија и со него ќе претседава во следните шест месеци. Како што тврдат експертите за надворешна политика, новата позиција на Бугарија може да биде клучна за иднината на Македонија, а според декларативните заложби и преземените чекори на Софија, претседавањето треба да биде нова можност за евроатлантските интеграции на нашата земја и за конечно порамнување на ридовитиот пат кој треба да ја однесе Македонија до вратите на ЕУ и на НАТО. Вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи предвидува дека нашата земја ќе добие датум за преговори во јуни, но домашните политички експерти предупредуваат дека ако Македонија не ја искористи шансата во првата половина на годинава, тогаш треба на подолг рок да се прости од евентуални нови преговори за влез во ЕУ и НАТО.

Важен период и златна можност

Бугарија за првпат ќе претседава со Советот на ЕУ во периодот од 1 јануари до 30 јуни 2018 година, а во официјалната програма за претседавање е наведено дека нашиот источен сосед ќе се стреми кон постигнување реални резултати, следејќи ги принципите на транспарентност и отчетност.

„Земјата ќе бара баланс помеѓу специфичните приоритети на земјите членки и стратешките приоритети на ЕУ за постигнување реални резултати во активен дијалог со граѓаните за европските прашања и одговори на нивните очекувања за поголема безбедност, вработување, одржлив раст и посилно присуство на ЕУ на светската сцена“, наведено е на официјалниот сајт за бугарското претседавање со ЕУ.
Премиерот на Бугарија, Бојко Борисов, пак, вели дека успешно ќе бидат сработени сите приоритети и ќе биде задржен континуитетот, а исто така посочи дека еден од најглавните приоритети се земјите-кандидати за членство во ЕУ од Западен Балкан.

– Сега е моментот да се искористи бугарското претседателство, а потоа и австриското, романското и хрватското. Нашата цел е за две години Западниот Балкан да не биде само во вниманието на Брисел, туку реално да се придвижи. Сметам дека перспективата на Македонија во НАТО е од важно значење, па ние како влади ќе продолжиме со низата практични дејствија – рече Борисов.

Шефот на македонската дипломатија Никола Димитров нагласи дека постојат големи шанси 2018 година да биде вистинска европска година за Македонија, а вицепремиерот задолжен за европски прашања Бујар Османи очекува нашата земја да добие датум за почеток на преговори уште во јуни.

– Ни претстои многу важен период во кој за нашата земја се отвора златна можност за суштински исчекор во делот на интеграциите. Во оваа 2018 година со ЕУ ќе претседаваат Бугарија и Австрија, а по нив е Романија. Тоа се земји кои имаат интерес за проширувања на регионот – вели Османи.

Политичкиот аналитичар Петар Арсовски, пак, смета дека Македонија мора во следните шест месеци да влезе во ЕУ и во НАТО, оти во спротивно, како што вели, вратите повторно ќе се запечатат.

– Не смееме да заборавиме дека во 2019 година се закажани парламентарни избори во Грција, па затоа сметам дека ако до јуни не успееме да влеземе во ЕУ и во НАТО, тогаш тоа нема да се случи во блиска иднина. Шансата за која сите зборуваат и кон која е насочена целата енергија треба да се реализира во првата половина на 2018 година или во спротивно воопшто нема да се реализира. Тоа што Бугарија заседава со Советот на ЕУ е добра работа за нас, меѓутоа не е доволен услов за да се заврши работата. Позицијата на нашиот источен сосед може да помогне да имаме техничка и политичка поддршка, но тоа сепак не е решение за домашните проблеми. На пример, треба да се запрашаме што се случува со планот 3-6-9, како и за реформите кои претерано доцнат – вели Арсовски.

Чести средби и отворена поддршка

Во последните шест месеци зачестија средбите помеѓу македонските и бугарските претставници на кои беше истакната отворената бугарска поддршка за членството на Македонија во ЕУ и во НАТО.

Пред шест месеци, премиерите на Македонија и на Бугарија, Заев и Борисов, во Скопје го потпишаа Договорот за пријателство, добрососедство и соработка.

– Сигурен сум дека со одличните врски, пријателства кои ги имаме со Србија и со претседателот Александар Вучиќ, со Грција и со премиерот Алексис Ципрас, ние ќе покажеме дека не работиме против нашите соседи. Овој договор не е против нашите соседи, туку е насочен како перспектива на двете држави – истакна тогаш Борисов.

По потпишувањето, шефицата на бугарската дипломатија Екатерина Захариева истакна дека Софија е подготвена да ѝ понуди експертска помош на Македонија за реформите кои претстојат и изрази надеж дека следната година нашата земја конечно ќе има позитивен старт во преговарачкиот процес со ЕУ.

На средбата во Софија на 2 ноември минатата година помеѓу македонската министерка за одбрана Радмила Шекеринска со нејзиниот бугарски колега Красимир Каракачанов уште еднаш беше потенцирано дека Бугарија недвосмислено ја поддржува Македонија на патот кон ЕУ и НАТО и дека ќе помогне во остварувањето на стратешките цели.

Во декември во Скопје допатува и потпретседателката на бугарската Влада Илијана Јотова. За бугарските медиуми таа посочи дека местото на Македонија ѝ е во НАТО и во ЕУ и оти Софија се залага тоа да се случи што е можно побрзо.

– Немаме време за губење. Бугарија отсекогаш го прифаќала, го бранела и го гарантирала правото на Република Македонија да стане полноправна членка и во Европската унија и во НАТО. Нашата држава беше прва што ја призна Македонија во 1992 година и сега е точно време да видиме кои се заедничките проекти кои можеме да ги направиме заедно за младите луѓе да останат во Бугарија и во Македонија – истакна Јотова.

NO COMMENTS

LEAVE A REPLY