Клиничкиот центар може да ја заживее локалната економија – ако се знае...

Клиничкиот центар може да ја заживее локалната економија – ако се знае како!

265
SHARE

 

Во време кога многу локални заедници се судираат со недостиг на финансирање, нивните „всидрени институции“ – нивните универзитети, болници, културни институции и други претпријатија трајно поврзани за локацијата – претставуваат реална и голема потенцијална сила за локален економски развој.

Дали ќе успеат општините, наместо тортијади и новогодишни штандови излистани како дел од стратегијата за ЛЕР, да фатат приклучок со светските трендови ќе видиме наскоро, или барем во првите чекори од следниот мандат на локалната самоуправа.

Д-р Анте Попоски

 

Имајќи ја предвид актуелноста на процесите поврзани со изградба на нов клинички центар во Скопје, во очи на локалните избори, овој проект добива нови димензии и може, но и треба, да се анализира од повеќе агли. Настрана од медицинско-здравственото и едукативното тежиште, изградбата и функционирањето на еден ваков комплекс има многукратно значење и за економскиот развој на локалната заедница, пред сè на градот, но на микроплан и во онаа општина во која ќе биде лоциран.

Во сегашните услови, колку е таа подготвена да го препознае моментот и да ја максимизира добивката во локална смисла, генерално е непознато. И покрај ова, останува многу пошироко уважуваниот факт дека болниците како дел од т.н. „всидрени институции“ се значаен економски двигател во нивните заедници.

Во нашиот случај, според последниот Генерален урбанистички план, новиот Клинички центар би се подигнал на потегот Бардовци – Злокуќани, или, според некои најави и размислувања, алтернативна погодна локација е просторот во непосредна близина на СРЦ „Борис Трајковски“. Иако овие податоци циркулираат во јавна дебата подолго време, во стратегијата за ЛЕР (Локален економски развој) на Општина Карпош, ова прашање не е под опсервација и обработка. Во која насока треба да се води размислувањето кое ќе го замени игнорантскиот однос на оваа, односно на сите општини, можни домаќини на Клиничкиот центар?

Стратегиски пристап

Најпрво, наместо вовед и во отсуство на податоци за нашата земја, споредбено во САД, еве еден податок дека болниците и системите за здравствена заштита станаа најголеми работодавачи на нивните заедници. На национално ниво, здравствените институции вработуваат повеќе од 5,5 милиони луѓе, купуваат преку 350 милијарди долари годишно стоки и услуги и имаат инвестициски портфолија проценети на 400 милијарди долари. Овие податоци делумно веќе обезбедуваат контекст и ја определуваат насоката на стратегискиот пристап.

Во време кога многу локални заедници се судираат со недостиг на финансирање, нивните „всидрени институции“ – нивните универзитети, болници, културни институции и други претпријатија трајно поврзани за локацијата – претставуваат реална и голема потенцијална сила за локален економски развој. Оттука, предизвик е и за владите, но и за локалните самоуправи, да извлечат максимум од овие важни институции, со цел да изградат еластични, отпорни и живеечки локални економии.

Каде е главниот импакт на влијанието врз локалната економија? Главните два сегменти што ги апсорбираат позитивните ефекти се вработувањето и ефектите од процесот на снабдување и задоволување на потребите на ваквите институции.

Настрана од високопрофилираниот кадар, кој во сегашниот Клинички центар брои околу 700 лекари, постои поголема група работни позиции што се сервисно ориентирани кон главната функционална цел, т.е. дијагностичките и тераписките функционалности. Оваа група опфаќа генерална администрација, технички служби, обезбедување и слично, која по бројка не заостанува зад лекарскиот кадар. За овие служби, вклучувајќи го исто така и средномедицинскиот персонал, важи принципот на  висок степен на расположивост, што во голема мера е во функција од времето на оддалеченост од работното место. Добрата страна е што оваа потреба локалната заедница со малку внимание и плански пристап потполно може да ја сатурира преку создавање ваков кадар. Тука до израз доаѓа и социјалната компонента, која општината може да ја оствари по принципот на инклузија, како и со ангажирање припадници на посиромашните слоеви на заедницата.

Ефекти врз локалната економија
Здравствените институции во последните декади препознаваат дека тие исто така можат да ги користат нивните синџири на снабдување за решавање на еден дел економските и еколошки нееднаквости. Постојат две основни стратегии за развој и за локално водење набавки: создавање врски и градење капацитети. Стратегиите за поврзување ги спојуваат постојните локални добавувачи со потенцијалните можности произлезени од институцијата. Стратегиите за капацитет ја зголемуваат способноста на локалната бизнис-заедница да ги задоволи потребите на синџирот на снабдување на здравствената институција. И едната и другата стратегија прикажуваат позитивен ефект за локалниот бизнис.

Кога болницата има потреба од храна или услугите за сервисирање, на пример, шансите на малите бизниси се преку можноста да понудат услуги преку т.н. групи за купување (buying groups). Големите системи го прифаќаат овој модел,  кои ним им обезбедува услуга по намалени цени. Болничките кујни секојдневно подготвуваат огромна бројка оброци. Изворот на таа храна може да има драматичен ефект врз влијанието на болницата врз животната средина. Болниците можат да се договорат со групите за купување да користат што повеќе локално одгледувани, свежи производи, кои го редуцираат потрошеното гориво што се користи за испорака како и енергијата за смрзнување на храната што доаѓа од далечни локации. Болниците, исто така, можат да работат со локална компанија за компостирање за да се ослободат од отпадот од храна што локалните фарми подоцна ќе ги користат како ѓубриво.

Но, тука ефектите не се исцрпуваат. Со сигурност бројот на компании што се пазарно ориентирани кон функциите на Клиничкиот центар ќе ги населат околните деловни простори. Цената на станбениот квадрат во општина што располага со елитни медицински установи нема да остане рамнодушна на постоењето на ваков комплекс. Придружните едукативни и универзитетски кампуси го концентрираат потрошувачкиот потенцијал, но и со негова дополнителна софистикација. Листата на позитивни ефекти е енормно голема, посебно ако се навлегува во детали.

Како да се вдоми Клиничкиот центар?
Што треба да направи општината што сака да привлече и која размислува да вдоми ваков комплексен и деловно стимулирачки ентитет? Пред сè, да одговори на следните неколку прашања. Во кои области веќе работат локалните организации за развој на бизнисот? Дали постои блиску лоциран бизнис-дистрикт и деловен коридор? Дали располага со постојни добро позиционирани дистрибутивни центри и улична транспортна мрежа? Дали жителите со потреби за вработување ќе можат транспортно да комуницираат со приликите за работа што се создаваат? Конечно, ќе треба да ја зголеми свеста и видливоста на  можностите за набавки во локалниот синџир на набавка уште во најраните фази.

Како можен кандидат за учество на следните локални избори, дополнително би предложил како успешна бизнис-стратегија развој на платформа за континуирана поддршка на претприемништвото. Оваа канцеларија, по пример на наградениот модел од Обединетото Кралство – Enterprising Barnsley, ќе нуди широка лепеза услуги и поддршка на бизнисите што се на самиот старт, се прошируваат, инвестираат или се релоцираат. Дали ќе успеат општините, наместо тортијади и новогодишни штандови излистани како дел од стратегијата за ЛЕР, да фатат приклучок со светските трендови, ќе видиме наскоро или барем во првите чекори од следниот мандат на локалната самоуправа на нашите општини, кои сумарно досега се доста далеку претприемничка синергија во пристапувањето на капиталните проекти на нивната територија.

(Авторот е магистер по бизнис-администрација, со искуство во работењето на локалната самоуправа)

 

Опрема
бројки

5,5
милиони луѓе вработуваат здравствените институции во САД, купуваат повеќе од 350 милијарди долари годишно стоки и услуги и имаат инвестициски портфолија проценети на 400 милијарди долари.

700
лекари и друг персонал се сервисно ориентирани кон дијагностичките и тераписките функционалности на Клиничкиот центар.

 

NO COMMENTS

LEAVE A REPLY