Децата од Лисиче да ја проверат крвта за присуство на тешки метали

Децата од Лисиче да ја проверат крвта за присуство на тешки метали

2381
SHARE

Изминативе неколку денови измерените вредности на ПМ10 честичките се за седум до осумпати над дозволеното ниво во сите скопски општини.

 

Елена Вељановска

 

Скопјани се гушат. Изминативе неколку дена измерените вредности на ПМ10 честичките се за седум до осум пати над дозволеното ниво во сите скопски општини. Сепак, принудени да вдишуваат чад се најмногу жителите на Лисиче, Центар и Карпош, а во последно време загадувањето расте и во Гази Баба. На стартот на грејната сезона, како никогаш досега, мерните станици бележат високо ниво на загаденост, а скопјани се жалат и на миризбата во воздухот која ги принудува да останат затворени во своите домови.

Граѓаните на Скопје, од сезона во сезона, се сè погласни, но и пореволтирани за ваквата состојба за чиешто решавање бараат итни и конкретни мерки од страна на надлежните институции. На социјалните мрежи има голем број групи граѓани кои коментираат и разменуваат мислења за нивото на загаденост на воздухот.

„Предлагам итно организирање на масовен протест, здравјето не може да чека! Ова станува неподносливо!“, „ Нека рушат згради покрај Вардар и нека садат дрвја“, „Дајте нешто да преземеме, секое утро и доцна навечер Аеродром смрди на тешки киселини… Неподносливо е! Нè трујат и ние си молчиме…“, се само дел од коментарите на фејсбук-страната на групата „Стоп за смрдеата во Аеродром и Лисиче – Воздух сега!“.

За да се изнајде решение за намалување на загаденоста на воздухот во Аеродром, градоначалникот на оваа општина, Златко Марин, вчера оствари средба со претставниците на граѓанската иницијатива „Стоп на загадувањето“.

На средбата се дискутирало за интервентните мерки, кои општината треба да ги преземе во насока на намалување на загадувањето.

Да се сменат ДУП-овите

Од Граѓанската иницијатива „Стоп на загадувањето“ велат дека на средбата се дискутирало околу новиот општински буџет за 2018 и како сериозен дел од него да се адаптира за прашањата за чист воздух и здрава животна средина.

Во барањата доставени до градоначалникот на Општина Аеродром стои дека мора да се направи измена на ДУП-овите и да се изврши запишување на зелените појаси во општината.

Овие урбани зелени површини кои активно се користат како парк и како зелена целина повеќе од 35 години, а дури и некои од нив да се во приватна сопственост, не смеат да се намалат или да се формираат бариери со изградба на нови станбени блокови, катни гаражи или трговски центри.

Понатаму, од Граѓанската иницијатива бараат забрана за изградба на објекти за тешка и загадувачка индустрија, отстранување на дивите населби покрај Вардар, набавка на мобилни мерачи за полесно идентификување и лоцирање на изворите на загадување. Од граѓанската иницијатива бараат и редовни контроли и меѓуопштинска соработка за спречување на спалувањето на дивите депонии покрај Вардар.„Бараме носење итна одлука за неодложно испитување на HCH-изомери во крвта на жителите на Аеродром, со особен акцент кај децата во Горно и Долно Лисиче и други населени места во близина на ОХИС, во тесна соработка со Министерството за Здравство и Институтот за Јавно Здравје.

Испитување на тешки метали, HCH-изомери и други загадувачки супстанции во почвата на територија на Општина Аеродром во подземните води и бунари, првенствено во Лисиче, за присуство на загадувачки супстанции со потекло од ОХИС, стои во барањето на Граѓанската иницијатива „Стоп на загадувањето“ доставено до градоначалникот Марин.

За загадениот воздух не постои граници

Од Граѓанската иницијатива велат дека мора да постои и меѓуопштинска соработка затоа што, како што велат, загадениот воздух не познава граници.

– Се надеваме дека примерот за отворена соработка на градоначалникот на Аеродром со граѓаните и граѓанските иницијативи, ќе го следат и останатите новоизбрани градоначалници, особено во критичните општини како Карпош, Кисела Вода, Центар, Скопје. Проблемот со загадувањето е многу сериозен и нема можност за чекање, мора да се делува веднаш. Ние како граѓанска иницијатива, која во фокусот го имаме чистиот воздух, доставивме пакет на мерки, кои се итни, краткорочни и долгорочни, и до Владата и до Министерството за животна средина, како и до загрозените општини. Очекуваме од сите нив, сериозно да го сфатат проблемот и веднаш да почнат со негово решавање – велат од Граѓанската иницијатива „Стоп на загадувањето“.

Од Општината Аеродром, пак, информираат дека буџетот кој го подготвуваат за 2018 година ќе предвидува 20 пати повеќе средства за животна околина од буџетите во изминатите години.

– До 15 ноември ќе имаме прецизна сума колку ќе издвои точно општината и според тој буџет ќе се изберат најефикасните мерки за подобрување на состојбата со загадениот воздух. Според нашите процени, околу 10.000 домаќинства се греат на дрва. Токму овие домаќинства ќе бидат предмет на анализа и поддршка во претстојниот период. Важно е да се напомене дека сите општини координирано ќе мора да работат и да ги имплементираат мерките за ефектот да го почувствуваат сите граѓани – велат од Општина Аеродром.

NO COMMENTS

LEAVE A REPLY