Членовите на ДИК му запалија свеќа на сопствениот углед

Членовите на ДИК му запалија свеќа на сопствениот углед

292
SHARE

Не е исклучена можноста членовите на Државната иозборна комисија да се обидат да ја изманипулираат јавноста, да извршат анонимна донација на дел од бонусите, па никој да не може да докаже дали парите ги вратиле или не ги вратиле, велат експертите.

 

Мартин Богатиноски

 

Парите ќе ги вратам и истото им го посакувам на оние што нам ни го посакаа, тие да ги добијат овие пари оти можеби ќе им бидат потребни, рече членката на Државната изборна комисија (ДИК) Виолета Дума, алудирајќи на одредени коментари, поточно клетви, на граѓани кои на социјалните мрежи бурно реагирале на непристојно високите бонуси што ги добивале членовите на ДИК и на кои им порачале да ги потрошат наградите за свеќи и за пченица.

Оваа нејзина клетва предизвика бранување во јавноста, а комуниколозите потсетуваат дека како поранешен судија, на Дума треба ѝ биде познато дека постои повисок стандард на толеранција за говорот со кој граѓаните ги критикуваат оние што се платени со нивните пари. Тие посочуваат дека сите државни службеници кои добиваат плата од џебот на граѓаните мора да издржат критика и да дадат професионален отчет, а не да се однесуваат арогантно и да фрлаат клетви врз народот. Од друга страна, на завчерашната јавна седница членовите на ДИК најавија дека парите од наградите ќе ги вратат во Буџетот или ќе ги донираат во хуманитарни цели, но и оваа нивна одлука предизвика реакции кај експертите, кои велат дека парите не се нивна сопственост за тие да размислуваат како да постапат со нив. Тие предупредуваат дека постои можност членовите на ДИК воопшто да не ги вратат бонусите, туку да ја изманипулираат јавноста.

Ароганција во движење

Арогантното однесување, непристојниот речник и фрлањето клетви врз народот само претставуваат илустрација за тоа како државните службеници многу лесно си дозволуваат да го нарушат угледот на својата функција, но и угледот на институцијата во која работат, вели комуникологот Живко Андревски. Такавата лоша атмосфера, смета тој, со години владее во земјава и многу лесно излегуваат навредливи зборови од устите на одговорните лица кои се хранат со парите на граѓаните.

– Конкретно за случајот со Виолета Дума од ДИК, нејзината постапка претставува нејзин личен срамен чин и не верувам дека одговорноста влегува во рамките на правните категории кои би предизвикале разрешување од функцијата. Дума е призната и позната правничка, па токму поради тоа беше избрана да работи во едно такво тело како што е ДИК. За жал, поради тоа што си дозволи да користи таков речник, тоа значи дека во никој случај не размислува да поднесе оставка. Единствено би можело да се поведе постапка за нејзино разрешување, но исто така ни е јасно дека таа постапка е испреплетена со многу други теми и интереси – вели Андревски.

Комуникологот Марко Трошановски смета дека слободата на говор на јавноста да ги критикува државните службеници се врвна уставна и демократска придобивка.

– Овие вредности се над вулгарните критики што беа упатени до членовите на ДИК и требаше да бидат главна основа на нивните против аргумените кои ги дадоа на јавната седница. Напротив, не беа објаснети главните проблеми, односно зошто тајно, според кои критериуми и зошто незаслужено си ги доделија средствата. Извртувањето на аргументите и сведувањето на дискусијата на провинцијално-естрадна препирка само ја засилува вината и го обезвреднува интегритетот на многу значајна државна институција – вели Трошановски.

Новинарот Зоран Милошески, пак, смета дека арогантното однесување на членката на ДИК е недостојно за функцијата што ја извршува.

– Со својата ароганција во движење, Дума комплетно ги наруши заложбите на партијата СДСМ, чија цел е да се претстави како политички субјект близок до народот. Без намера да коментирам дали членовите на ДИК заслужиле или не заслужиле да добијат бонуси, сметам дека заради нејзиниот некултурен, безобразен и арогантен однос, Дума треба и мора да поднесе оставка од функцијата – вели Милошески.

Шминкање на јавноста

Секоја професија има свои плусеви и минуси, но срамота е што во ДИК се делат пари врз основа на тоа што вработените работеле дополнително, вели политичкиот аналитичар Синиша Пекевски, кој се сомнева дека членовите на ДИК навистина ќе ги вратат парите.

– Најчесно би било да ги вратат бонусите во Буџетот и тоа можат да го сторат со уплата на донација. Но, со оглед на тоа колкава галама се крена во јавноста, мислам дека ќе се обидат да ги изманипулираат граѓаните или евентуално да извршат анонимна донација на дел од бонусите, па одете вие потоа докажете дали парите биле или не биле вратени – вели Пекевски.

Тој посочува дека во најскоро време мора да се извршат големи промени во Изборниот законик.

– Итно треба да се укине член 19 кој дозволува примање бонуси за професионално вршење на јавната функција. Зошто да бидат поважни членовите на ДИК од полицајците кои секојдневно влегуваат во клинч со криминалците или од пожарникарите кои го ризикуваат својот живот за да го спасат туѓиот? – вели Пекевски.

Професорката Мирјана Најчевска смета дека членовите на ДИК лажат и дека не е може да си делат пари врз основа на членот 19 од Изборниот законик.

– Членовите на ДИК украдоа пари и треба да бидат судени како крадци. Враќањето на парите не е доволно и оставката не е доволна. Парламентарците мора да воспостават контрола над оваа комисија, која очигледно во изминативе години станала легло на најмизерна корупција – вели Најчевска.
Претседателката на Хелсиншкиот комитет Уранија Пировска потсетува дека демократија значи да одговараш за злоупотребите што си ги сторил, извршувајќи работи кои што се од јавен интерес и кои се платени од пари на граѓаните.

– Само со враќање на парите не се враќа довербата. Штом помислиле и сè уште мислат дека е во ред тоа што го сториле, тогаш навистина не гледам како може да се верува дека јавниот интерес некогаш ќе им биде приоритет, наспроти приватниот – вели Пировска.

NO COMMENTS

LEAVE A REPLY