Знаете ли на која држава сте претседател?

Знаете ли на која држава сте претседател?

413
SHARE
Фото Слободен печат

Со должно внимание и сосредоточеност, иако за таква содржина не се неопходни, го прочитав годишното обраќање (29. 12. 2016 г.), на г. Ѓорге Иванов, објавено на president.gov.mk. Прикладно беше да се сочека, неговите зборови малку да стивнат пред забот на времето, за, од објективно растојание, да се согледа дали реченото било здрава храна за општеството или само предизвикувач на подмолен кариес! За волја на вистината, сакав да ѝ отстапам простор и на МПЦ, очекувајќи дека од таму ќе чуеме заложби за човечки вредности и анализа на обраќањето, но како и за многу нешта досега, МПЦ нема став и останува пасивен набљудувач на животот, безгласен приврзок на власта. Нејсе!

Ѓорге Иванов е исклучително добар човек, кротка природа. Јас не го познавам! Сепак, ако можам точно да проценам од трите негови настапи, кои ги имам видено, на неговото лице никогаш не сум забележал злоба! Но, излишно е да се истакнува дека, тоа што Ѓорге Иванов е добар човек и незлобив карактер, воопшто не значи дека е и добар политичар! Колку што не е видлива злобата, толку на неговиот образ се гледа неговата изгубеност и дилетантизам! Му отсуствува допирот со стварноста!

Поради ограниченоста на просторот, ќе се осврнам на дел од неговото обраќање, од кој негативни последици трпи севкупното наше општество. Ѓорге Иванов, во исповедна форма, истакнува: „Наместо да го надминеме, ние како да го мултиплициравме едноумието“. Во продолжение, пак, веројатно несвесно, токму себе се објавува како носител на тоталитаристичката матрица, која ја предочува. Имено, го вперува прстот кон „новинарите, бизнисмените, уметниците, спортистите, како заложници на политичката криза, кои ги гледаат грешките на противникот, но се слепи за сопствените грешки и пропусти“! Оттука, важно е да се предочи дека себе не се смета за заложник, и не смета дека е слеп за сопствените грешки и пропусти, што значи, смета дека ги нема! Со тоа се самопромовира во тоталитаристички мутант, кој, како некој deus ex machina, им ги дијагностицира проблемите на сите други, а не е кадарен да согледа дека токму неговото однесување е сериозниот проблем!

Во продолжение, Ѓорге Иванов адресира прашање до меѓународната заедница: „Ако ни забележувате за состојбата во судството, тогаш зошто не ни дозволувате да ги отвориме 23. и 24. поглавје за правосудството, основните права, правдата, слободата и безбедноста?“ Одговорот е едноставен! Не е возможно, некој да се запише на факултет, веднаш по забавиште! Господине Иванов, дали ги читате релевантните описи за нашата земја? Дали знаете дека во еден неодамнешен извештај, „Фридом хаус“ предочи дека живееме во држава, која продолжува да бележи слободен пад, особено кога е во прашање функционирањето на граѓанското општество? Дали знаете дека според низа извештаи, нашата татковина не спаѓа во категоријата на изборни демократии, туку останува во групата делумно слободни држави? Знаете ли да одговорите на прашањето на мојот пријател: колку е некој слободен, кога е делумно слободен? Знаете ли дека во однос на слободата на изразот сме неслободна земја? Знаете ли точно да ги чуете и Вашите сограѓани? Знаете ли во која земја претседателствувате?

Се декларирате како христијанин, а ниту збор не изустивте против неправдата што се прави во земјава, што е спротивно на начелата на христијанството! Ќе речете, која неправда? Меѓу другото, знаете ли дека судовите се виновни за тоа што не се спроведува законот за регистрација на цркви и верски заедници? Не само на нашата, туку и на други верски заедници, меѓу кои и неколку православни, им беше одбиено барањето за регистрација. Сфаќате ли дека со Вашиот провинцијализам ја оддалечувате земјава од цивилизираните и напредни граѓански општества, во кои не можат да бидат вброени државите, како нашата, кои не ги почитуваат слободите на своите граѓани! Без да ги почитувате основните човекови права и верски слободи за сите граѓани еднакво, Вие не пишувате годишно обраќање, туку тестаментот на нашата татковина. Зашто, доколку живееме во секуларно општество, судот треба да ги регистрира барањата, а Вие прв треба да се изборите за правата на сите, но дејствително, а не само да ја замајувате јавноста, зборувајќи за „мир и соживот на граѓаните, независно од етничката и верската припадност“. Зошто правите таква неправда и не излегувате јавно да побарате од судот да го применува новиот, европски закон за регистрација на верските заедници, за да нема повеќе одбиени, отколку регистрирани? Закон, што е донесен, за да не се спроведува, како што нотираат меѓународните извештаи. Оттука, Вие прв нанесувате неправда, со тоа што молчите пред фактот дека судот ги гази слободите „мултиплицирајќи го едноумието“!

Во Вашето обраќање, уште велите: „Иднината на Македонија зависи само од еден збор – одговорност. И тоа не општа и безлична, туку конкретна и лична одговорност.“ Тогаш, покажете ја! Доколку поднесете оставка, Вие на дело ќе покажете одговорност и доблест, згора на сѐ и пример за иднината. Нашата демократија е заробена, меѓу другото и поради тоа што Вие, со Вашите неправди, бевте и, за жал, сѐ уште сте во позиција да ја направите таква! Можеби од МПЦ Ве чешаат по ушите, но бидејќи се изјаснувате како христијанин, јас, како епископ на канонската црква, ќе ве потсетам на зборовите Христови: „Ви велам не ве познавам од каде сте, отстапете од мене сите кои чините неправда“ (Лука 12. 27)! А, Вие, чините неправда! Оттука, доколку не покажете доблест, Вашето обраќање ќе приличи на баталјонот фрази, готов за старт на журот на m-lle Lili, според стиховите на блескавиот Ацо Караманов. Фрази и ништо повеќе!

Постои една византиска поговорка: слепиот, кога се сопнал од некоја пречка, рекол – до тука е светот! Но, светот продолжува и по пречката од Вашето годишно обраќање, а гледате, ниту јас, ниту светот не Ве прашуваме Вас за дозвола да продолжиме да постоиме!

Давид Нинов (епископ стобиски, ПОА)

 

NO COMMENTS

LEAVE A REPLY

20 − ten =