Знае ли некој дали имаме амбасада во Вашингтон?

Знае ли некој дали имаме амбасада во Вашингтон?

294
SHARE

По толку време овде, ми притреба конзуларна услуга. Знам каде е зградата, но со години не сум имала контакт со никого таму. Број немам. Но, за среќа Стејт департментот ставил контакт телефон. Вртам – шпански се слуша. Барам друг број. Интернет помага. Се јавувам и дава опции за македонски и за англиски. Тоа е, си велам. Притискам 4 за конзуларни услуги. Никој не се јавува. Зафатени, си велам. Пробувам неколкупати, а тие уште не можат да одговорат. Добро. Има опција за нула и тоа те враќа кај операторот. Повторно никој не одговара. Ммм… во ред. Одбирам 1 за канцеларијата на амбасадорот… никој не одговара… 2 за заменикот… никој… и така натаму… и цел ден!

Мојот сопруг е упорен и креативен, па почнал да врти по конзулатите во другите градови во САД. Во Чикаго одговараат веднаш. Љубезни и извршителни, се чудат зошто се јавуваме кај нив ако сме од Вашингтон, но услужни успеваат да најдат некого во Вашингтон, претпоставувам на мобилен број, ни даваат одговор на нашето прашање и ни велат дека за услугата што ја бараме можеме да се обратиме во петок.

Седам и се чудам. Во времето кога бев во амбасадата во Тирана имавме и по 400 барања за виза на ден. Беа процесуирани сите и во истиот ден. И целиот персонал на амбасадата имаше задача да помогне во извршувањето на конзуларните услуги кога имаше наплив, за никој да не биде вратен.

Син ми имаше креативна замисла да отидеме право во амбасадата и да прашаме директно. Но, јас имав задршка, а и некако непријатно ми беше, си викам кога нема кој на телефон да одговори, можеби амбасадорот ќе треба на папучи да се симне од станот горе и да одговори на врата. Или може чистеше плевел во дворот. Што знаеш. Сезона за градини е.

А овие од Стејт департмент ако случајно вртат по некоја работа, нека се јават кај својот Бејли. Истото важи и за по некој бизнисмен или заинтересиран Американец. Не ќе им ги гледаме ние нивните работи. Си имаат амбасада во Скопје.

А што се однесува до македонските државјани – е драги мои, вие ќе си го барате чарето и снаоѓајте се кој како знае.
Елеонора Каранфиловска Ретклиф

NO COMMENTS

LEAVE A REPLY

12 + 14 =