Жртви загрозени од слободата

Жртви загрозени од слободата

279
SHARE
Фото Слободен печат

Неволно ослободените жртви на системското насилство слободата ја чувствуваат како загроза во која нивното молчење за време на диктатурата би можело да се протолкува и како соучесништво.

Пишува Мирослав Грчев

Да не беа долгите празнични денови исполнети со купишта бесмислени обреди, облигаторни социјални роења и исцрпувачки прејадувања, луѓето ќе можеа да го искористат ова слободно време за размислување и за утврдување на вистинските приоритети за годината што се раскрили пред нас. Но, да беше така, верувам дека празниците набргу ќе беа укинати. Зошто? Па, затоа што основна должност на секоја влада е грижата за здравјето на населението, а токму слободното време е исклучително штетно за луѓето – особено за нивното ментално здравје, затоа што го побудува слободното размислување. Но, што има тука лошо, ќе прашате? Па, лошото е во тоа што човечкиот мозок еволуциски не е подготвен за размислување, туку само за верување, па мислењето за нормалниот човек е крајно деструктивно и секогаш со неизвесно исходиште, што во празнични околности може да поприми епидемиски размери…

Успокојувачко неразмислување

Оваа тајна им е позната на одговорните влади уште од античко време, од кога и потекнува зборот „школо“, што на стариот грчки – skhole – како по иронија, значело „слободно време“, „безделничење“, односно место и ситуација во која може да се размислува слободно и неограничено од дневните обврски и рутини. Слободното време и безделничењето, всушност, се вистинските родители на филозофијата, на аналитичката и критичката мисла, и на логиката. Затоа, откога античките Грци му го открија на светот епидемискиот потенцијал на оваа ментална болест, владите на сите држави воведоа задолжително школство, во кое целата популација млади луѓе биваат изложени на долгогодишен ментален третман што ќе ги направи неспособни за размислување, и поради тоа ментално здрави и работоспособни членови на општеството. Изобилството на верски и патриотски ритуали со кои се исполнуваат неработните денови, се гаранција дека непредвидените испади и емисии на болеста, или – не дај боже – рецидиви или мисловни метастази, нема никогаш да се појават.

Оваа грижа за менталното здравје на населението е најизразена кај тоталитаристичките власти, каква што беше онаа на Груевски и неговата Национал-социјалистичка работничка партија (ВМРО). Всушност, овој систем на владеење – тоталитаризмот, и го добил своето име токму поради тоталната грижа за менталното здравје на населението. Одредени автори оваа сеопфатна грижа за мирниот сон и успокојувачкото неразмислување на населението, ја нарекуваат културоцид или кретенизација на луѓето, но овие термини сè уште предизвикуваат дебати во научните кругови. Она, меѓутоа, околу кое во науката постои потполна согласност е дека кретенизираното население има постабилно и попредвидливо однесување од некретенизираните популациски групи и фрагменти, што првите ги прави вистинскиот фундамент на секое здраво општество.

Кретенизиран ум

Супериорноста на стабилниот кретенизиран ум над неврастеничниот мозок што се грчи во спазми на здрав разум и логика, може да се согледа во успешното нерешавање на практично сите проблеми што вмровскиот системски кретенизам ги создаде во изминатите деценија и кусур. Еве, да примеруваме со најкретенскиот од сите кретенски „проекти“ – „Скопје 2014“ – што чинеше милијарда евра исцедени од крвта и лимфата на питомото население на библиската земја. Нема ли подобар доказ за супериорноста на кретенизмот: Кога се градеа криминалните и штетните објекти и споменици од т.н. „проект Скопје 2014“, апсолутното мнозинство на кретенизираното население достоинствено и храбро молчеше, тивко и унисоно одобрувајќи го процесот на бетонизација на дотогаш недоволно видливиот кретенизам што владееше со земјата. За целото тоа време, малиот број ментално нестабилни личности, нездраво наклонети кон логика и право, не можеше да пронајде НИТУ ЕДНА ПРИЧИНА зашто овој злочин би се реализирал?! И, обратно, сега, кога истата мала и презрена група на неврастеници укажуваат дека владеењето на правото и разумот во Македонија може да се возобнови само ако се демонтираат криминалните споменици, се појави факторот на стабилност во земјата, отелотворен во молчаливите соучесници во градењето на „Скопје 2014“ и здравиот фундамент на вмровската диктатура, кој без проблем измисли МИЛИЈАРДА ПРИЧИНИ зошто не би требало да се очистат петрифицираните вмровски фекалии од центарот на градот!

Каков пораз на неврастеничниот разум и хистеричното право, кои успеваат да пропелтачат само ограничен број неинвентивни докази дека се работи за мегакриминал, дивоградба и културен злостор, додека здравиот и стабилниот дел од општеството покажува неограничена креативност во продуцирањето на милијарди „ингениозни“ и незамисливи причини зошто „Скопје 2014“ да остане нашиот лик и идентитет во веки веков: од верската перверзија дека рушењето е грев, а криминалното градење доблест, до фискалната содомија дека се немало пари за рушење; од малоумниот аргумент дека туристи се сликале пред вмровските копролити, до предупредувањата дека рушењето ќе ја зголемело озонската дупка и ќе ја изместело земјината еклиптика!

Разумот бил секогаш инфериорен пред глупоста, а правдата бавна, но затоа недостижна, секогаш кога жртвите на системската кретенизација ќе се осетат загрозени од слободата што ги затекнала неподготвени! Неволно ослободените жртви на системското домашно насилство сега го оправдуваат силувањето што го трпеа молчешкум како чин за кој дале пристанок – иако не биле прашани! – зашто слободата ја чувствуваат како загроза во која нивното молчење за време на диктатурата би можело да се протолкува и како соучесништво. Многу ги жаљам!

NO COMMENTS

LEAVE A REPLY