За­кон и мо­рал

За­кон и мо­рал

337
SHARE
Фото Слободен печат

Премиерот треба многу повеќе да се да се грижи за судбината тој лош, шашлив закон (како и на куп слични!), а помалку за судбината на паднатите ангели од ДИК со која сочувствува.

Пишува Атанас Вангелов

По онаа изјава на премиерот Заев за „нулта толеранција“ во борбата против корупцијата што застана, практично, на страната на јавноста и нејзината остра, беспоштедна критика на галантната, „бонус практика“ на деветтемина од ДИК, уследи уште една. Овојпат многу поблагa, хумана. Таа поблага изјава на Заев кажа, приближно, дека тој има разбирање за бонус-политика на деветтемина од ДИК затоа што имала солидно упориште во закон или во некои подзаконски акти – правилник за бонуси. Дури и тогаш кога тој закон со неговите подзаконски акти бил во изострен конфликт со „етика и морал“.

Како последица на што тие „галупчик“-деветмина, „под притисок на јавноста“, си поднесле оставка. Нивната оставка била, пак според зборовите на премиерот Заев, еден „морално-етички“ гест од највисок ред. Тој гест може да служи дури за пример. Упатува на честити и чесни луѓе со висок „морален интегритет“, одлика на „исклучителни професионалци“. Тие се огрешиле кон „морал и етика“ под притисок на закон кој го следеле или – само доследно го практикувале.

Два вида закони

Ако може исцело, без остаток да ѝ се верува на таа изјава на Заев, тогаш ќе треба да се рече дека постојат најмалку два вида закони. Едни, кои стојат на страната на „моралот и етиката“ или, поблаго речено, закони кои се свртени кон „морал и етика“ и други, шашави (како оној славен космодиск-демократија на Хорхе Паљурски) кои со едното око гледаат кон дивите, најниски страсти како, на пример, архајскиот егоизам, лакомоста и алчноста, против кои не можат ништо ни „исклучителни професионалци“ од највисок ред како оние од ДИК. Што прават оние закони кои се свртени кон „морал и етика“, а што оние „шашави“ според Хорхе или само шашливи кои, со едно око гледаат кон „морал и етика“, а со друго кон одвратно лакомо, но затоа пак свое чекмеџе без дно кое, под чадорот на закон или подзаконски акти, си го полнат со туѓи пари?

Кусо речено, сите оние закони што гледаат кон „морал и етика“ се добри закони. Добри се, затоа што општото, апстрактно добро го конкретизираат. Затоа што тие го спуштаат од кантијанските, небески височини на – земја. По тој начин тие покажуваат дека општото, апстрактно добро не е само божествена одлика, туку за него има место и во душата на човекот, во резултат на што и може да се рече дека има нешто божјо и божествено во секоја грешна човечка душа. Макар било тоа мала, краткотрајна, мигновена божествена искра.

Наспрема нив, сите оние закони што гледаат било со едно, било со две очи кон ниски страсти од редот на оној архајски егоизам или алчност се, да се послужиме со пример од најсвеж датум, како оние пратеници што креваат лост од железни решетки на собраниски врати за да и отворат слободен пат на дива, крволочна глутница најниски страсти. Се разбира, и тие пратеници што креваат лостови од железни решетки на законодавен дом следат закон, за кој веруваат дека стои повисоко од закон што важи за сите затоа што е – нивни и само нивни закон. Тоа е оној закон кој го претвора тоа што е добро само за мене (désirée кај Ками) во едно општо или добро, пожелно (désirable) за – сите.

Морал и етика

Се разбира, кога премиерот Заев ја оценува постапката на сите оние од ДИК како морален гест од највисок ред, кога потсетува дека еден таков чин е и може да биде одлика на професионалци од највисок ред, тој кажува, иако на индиректен начин, дека има нешто посилно и поправедно од закон кој се следи, дури – беспрекорно. Тоа „повисоко и посилно“ се оние „морал и етика“ во името на кои си поднесле оставка безмалу сите од ДИК, еден гест кој не само што го одобрува премиерот, туку и го “поддржува“.

Кога се вели дека „моралот и етиката“ се над секој закон, тоа не значи друго освен дека добар закон е оној што има некоја животодавна, папочна врска со „морал и етика“, наспрема оној што излегува од општата рамка „морал и етика“. Оној закон кој ѝ допуштил на висока, државна комисија сама да си ја оценува својата работа и, згора на тоа, да си одредува колку може да си наплати за таа своја работа, не би можел да биде, според оние мерила за кои веќе стана збор, добар.

Не може, по причина што она désirée (пожелно за мене) го издига на скалило désirable (пожелно сите). Иако не е! А не е затоа што не ни може да биде! А пак само од себе се разбира дека некој што доброто за мене го издига на скалило добро за сите, тоа го прави при полна свест, под притисок на дивите страсти егоизам и алчност со кои, ете, тешко излегува на крај. Туку, ајде да речеме сега дека премиерот е во право кога вели дека сите оние од ДИК се огрешиле кон „етика и морал“ само затоа што имале в раце еден лош закон кој морале да го следат. Во тој случај, премиерот треба многу повеќе да се да се грижи за судбината тој лош, шашлив закон (како и на куп слични!), а помалку за судбината на паднатите ангели од ДИК со која сочувствува.

NO COMMENTS

LEAVE A REPLY