За Кочо важат законите – и божјите и земните!

За Кочо важат законите – и божјите и земните!

441
SHARE
Бранко Героски
Бранко Героски

Кој има докази дека Анѓушев работи или работел нечесно, дека бил скаран со законите – божјите и земните – бујрум, веднаш нека го пријави. Има судови. И земни и божји. А оговаранциите и омразата не се мерило за ништо. Освен за нашата завист. Пустата.

 

Бранко Героски

Можам да сфатам зошто опозиционерите од ВМРО-ДПМНЕ, како и дел од приврзаниците на власта, користат секоја можност да го хејтаат вицепремиерот Кочо Анѓушев – човекот е на власт, а и кога не беше на власт, беше способен, претприемчив, успешен и богат. Тоа се премногу причини во Македонија да бидеш омразен и обвинет дека си „криминалец“. Додека не се докаже спротивното.
Но, ако сме нормално општество – а велат дека натаму сме тргнати, нели – тогаш мора да се раководиме според законите. Сите заедно по земните закони, а црквата и верниците, богами, и по божјите. Не сум многу упатен во овие вториве, но ми се чини дека е практика, а и некаква елементарна логика, при осветувањето на еден црковен храм да бидат поканети и почестени и ктиторите.
Од свои причини, кои одамна ни се добро познати, МПЦ и владиката Агатангел одлучиле на осветувањето на црквата „Св. Кирил и Методиј“ во Велес да не го поканат ктиторот Анѓушев, а ниту кој било од новата власт. Единствено бил поканет и почестен лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски. Така велат медиумите. А уверлив демант, барем засега, нема. Зошто е така постапено? За да се знае за кого навива МПЦ. За бившиот ненароден режим. Јас друго објаснување не гледам. Така ли ги учи Бог нашите владици?
Земните закони, пак, велат дека кога човек ќе стане министер или висок државен функционер, треба да се повлече од управувањето на фирмата или фирмите чиј сопственик е. Но, тоа не значи дека треба да се откаже од сопственоста. Таа, сепак, е неприкосновена. И секако, компаниите чиј сопственик е Анѓушев, како и сите други, имаат право да работат, да се натпреваруваат на тендери и пак според законите, да губат или да добиваат.
Е сега, за сите овие закони важат, само за Кочо Анѓушев не смееле да важат! Ало, дечки, зошто? Да не мислите дека човекот треба да го затвори бизнисот, да ги испушти вработените, да уништи сè што создавал со години, затоа што добил место и канцеларија во владата?! Па Кочо, бре, не е јабанџија, не е некое вчера испилено дериште, чие прво вработување е во владата! Па каква ви е таа логика, мајку му стара!
Да се разбереме добро. Кој има докази дека Анѓушев работи или работел нечесно, дека бил скаран со законите – божјите и земните – бујрум, веднаш нека го пријави. Има судови. И земни и божји. А оговаранциите и омразата не се мерило за ништо. Освен за нашата завист. Пустата.
Елем, знаете како е – поарно да те мразат, отколку да те жалат.
П.С. Еднаш напишав, ама пак да повторам – Анѓушев го запознав неодамна. Не сме „пријатели од деца“, не сме „бизнис-партнери“, немаме никакви посебни обврски еден кон друг. Да не си прави некој филмчиња, де…

NO COMMENTS

LEAVE A REPLY

3 + 1 =