Тортурата врз Ујгурите е материјал за злосторство против човештвото

Фото: OZAN KOSE / AFP / Profimedia

Во долгоочекуваниот извештај на комесарката за човекови права во заминување Мишел Бачеле се наведува дека Пекинг вршел тортура и присилна стерилизација врз Ујгурите во провинцијата Ксинџијанг.

Комесарката за човекови права на Обединетите нации, Мишел Бачеле, во својот извештај објави дека постојат докази за сериозни прекршувања на човековите права врз Ујгурите, муслиманска заедница во кинеската провинција Ксинџијанг, што може да претставува злосторство против човештвото.

Во извештајот се наведува дека од 2017 до 2019 година, но и во наредните години, на Ујгурите од страна на Пекинг им биле ускратувани основните човекови права. Бачеле извештајот на 45 страници го објави во 23:49 часот во Женева, само 11 минути пред истекот на нејзиниот мандат.

– Степенот на произволно и дискриминаторско притворање на членовите на Ујгурите и на другите претежно муслимански групи, според законот и политиката во контекст на ограничувања и лишувања на основните права што ги ужива поединечно и колективно, може да претставуваат меѓународни злосторства, особено злосторства против човештвото – се наведува во извештајот.

Пекинг до последен момент се обидуваше да го запре објавувањето на извештајот, а извести дека е заснован на дезинформации и лаги направени од антикинеските сили и дека намерно ја оцрнуваат и ја клеветат Кина и се мешаат во внатрешните работи на државата.

Кинескиот одговор беше проследен со контраизвештај од 121 страница, во кој се нагласува заканата од тероризам и стабилноста што државната програма за „дерадикализација“ и „центри за стручно образование и обука“ ја донесе во провинцијата Ксинџијанг.

Извештајот на ОН требаше да биде објавен минатата година, но Бачеле го одложи бидејќи со месеци преговараше со Пекинг за да ѝ дозволи да влезе во земјата и да ја посети провинцијата Ксинџијанг. Бачеле и нејзиниот тим дури во јуни годинава добија дозвола да ги посетат Ујгурите и да разговараат со нив без надзор од Пекинг. Таа откри дека поради извештајот се нашла под сериозен притисок и рече дека минатиот викенд добила писмо потпишано од 40 премиери во кое ја повикуваат да не го објавува.

Организациите за човекови права го поздравија извештајот со кој се обвинува Кина за угнетување на Ујгурите и сметаат дека тој може да претставува пресвртница.

– И покрај напорните негирања на кинеската влада, ОН сега официјално призна дека се случуваат ужасни злосторства – рече Омер Канат, извршен директор на Проектот за човекови права на Ујгурите.

Во изминатите пет години Кина испратила околу милион Ујгури и други малцински групи во кампови за „принудно превоспитување“ што Пекинг ги нарекувал кампови за обука. Дел од камповите оттогаш се затворени, но се смета дека сè уште има стотици илјади Ујгури затворени во сè уште активните центри. Во извештајот на Бачеле се наведува и дека во неколку стотици случаи семејствата немаа поим за судбината на нивните најблиски што биле приведени.

Од 26 поранешни затвореници што биле интервјуирани од истражителите на ОН, две третини „изјавиле дека биле подложени на третман што би претставувал тортура или поинаква форма на малтретирање. Тие биле тепани со електрични палки додека биле врзани за стол, биле ставани во самици, а биле и мачени со ватербординг – затвореникот се мачи така што му се истура вода на лицето покриено со крпа.

За САД и некои други земји, масовното затворање на Ујгурите и на другите муслимански заедници во провинцијата Ксинџијанг, уништувањето џамии и заедници и принудниот абортус и стерилизација претставуваат геноцид, но во извештајот на ОН не се споменува тоа, но се вели дека веродостојни се наводите за тортура, вклучително и присилни медицински процедури, како и сексуално насилство. Дел од нив признале дека биле принудени да абортираат откако го достигнале дозволениот број деца според кинеската политика на планирање семејство.

– Неколку жени интервјуирани од Организацијата за човекови права биле под присилна контрола на раѓање, им било присилно ставано спирала и биле присилно стерилизирани. Некои жени зборуваа за ризикот од строги казни, вклучително и превоспитување или затвор за прекршување на политиката за планирање на семејството. Направени се сериозни прекршувања на човековите права во Ксинџијанг во контекст на владината примена на стратегии за борба против тероризмот и „екстремизмот“. Овие облици на ограничувања се карактеризираат со дискриминаторска компонента, бидејќи основните акти често директно или индиректно влијаат врз Ујгурите и врз другите доминантно муслимански заедници – стои во извештајот.

Според ОН, просечната стапка на стерилизација на 100.000 жители во Кина била нешто повеќе од 32, додека во провинцијата Ксинџијанг таа била десеткратно поголема и изнесувања 243.
Извештајот ја повикува кинеската влада да преземе брзи чекори за ослободување на сите поединци произволно лишени од слобода во провинцијата Ксинџијанг и итно да го разјасни местото на престој на поединци чии семејства барале информации за своите најблиски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот