Свињите ги изедоа коњите!

Свињите ги изедоа коњите!

622
SHARE
Фото Слободен печат

Коњските баханалии на чафките се само аспект на општиот апетит на вмронската власт да јаде секој ден по едно парче од Македонија, од нејзината супстанца.

Пишува Бранко Тричковски

Сега можеме да тврдиме дека Гоце Делчев не го изел својот коњ или затоа што не бил вмровец или затоа што коњот бил негов: да бил на Република Македонија би го изел со се копитата и потоа би ги бркал револуционерните работи во Мерцедес од 600.000 евра. Можеме, исто така, да тврдиме дека Илинденското востание пропаднало затоа што востаниците немале доволно коњи, не за борба, туку за јадење, односно дека Бахтијар паша ги избркал од Слива и Мечкин Камен, откако овие останале без коњетина за карпачо, а не без муниција, како што досега не убедуваа Чепреганов и Ачковска. На повидок се и нови докази за смртта на Александар Македонски. Многу е веројатно дека Букефал му треснал чифте меѓу роговите на Грејтот, во моментот кога се посомневал дека царот сака да го изеде.

Ете, драги мои, што сè не ќе откриеме од неколку изедени коњи во кабинетите на Чафкоф, Гордана и другите вмровски великани во служба на народот. Освен оваа темелна ревизија на македонската историја, што ќе мора да се претвори и во ревизија на македонскиот идентитет, вмровските баханалии ќе ни откријат и други работи.

Ждерачината како врвен дострел

Тие се карикатура затоа што трошокот што го прават е без културен контекст, проблем тука не е карпачото, а не е ниту сељакот што го порачува и јаде, туку идејата на функционерот дека разликата меѓу скапото јадење и својата евтиново може да ја совлада само со помош на стекот од коњски пафлак и со висината на цехот.

Кога ќе седне врз општите пари, тој може да направи и калигулска гозба или ждерачина како на дворот на Хенри Осми или како во подземниот кабинет на Черчил за време на бомбардирањето на Лондон во Втората светска војна, со истите менија и трошоци, а сепак да не може да ја достигне вредноста на пувежот или сифилисот на еден римски или англиски цар или крал или деликатноста на чадот од пурата на сер Винстон.

Врвен дострел во имагинацијата на стоката што се добрала до државни пари е ждерачината, некој хектар земјоделско земјиште што утре ќе може да го трансферира во градежно, односно во пари и по два-три стана за децата. Тоа е. Парите се тука само за да го потврдат неговиот статус на примитивец, а не да го ослободат од него. Притоа тој со неограничените финансиски средства не се однесува како ненадејно збогатен сиромав, не, сиромавиот би се однесувал сосема поинаку, тој се однесува како копук без каква било социјална или културна база, без корен, дојден од некоја унија во која влегол од никаде. Тие не се асолен ниту пробисвет, дури и криминалното во своите поведенија го демонстрираат како карикатура. Ранко Дакиќ многу убаво забележува: Овие што јаделе коњско месо и бифтеци од бизон, дивеч… не оти се гладни, тоа е чисто психосоматска реакција. Нив да им сервираш и лајно, ако се вика Строганов и ако е муфте ќе го изедат од мерак.

Јас, да речеме, имам чуено дека бифтеците од бизони ги порачувале со салата од сено со грубо рендани копита.

Тоа е едната димензија која произлегува од стремежот на општеството да се прероди во говно со помош на најговњарскиот дел од себе: комитлакот, парадата, фолклорот и вмрото, преку прогон и на најситните рационалности во себе и на најминималните културни и морални стандарди, преку прогон на својот успех. Во таа смисла, бизоните и тие што ги јаделе не се инциденти туку се израз на општиот стремеж да се изедеме себеси или да излеземе од историјата како нејзин мрсул.
Поврзано со ова е втората димензија која вели дека коњските баханалии на чафките се само аспект на општиот апетит на вмронската власт да јаде секој ден по едно парче од Македонија, од нејзината супстанца, сеедно дали во порцијата ќе се најде некој бизонски бифтек или ќе биде тоа некој споменик, некоја врба, некој легнат полицаец, музеј, триумфекална капија, важно е да се топи вертикалата на нацијата на државата и на општеството Се разбира, стоката што ждерела карпачо, не морала задолжително да има свест за ваквите димензии, но општата и неограничена растрошност во секој поглед и во секој гест, покажува дека тука се работи за систем за комплетно празнење на Република Македонија од релевантните содржини и ресурси.

Очовечени злосторства

Нема дилеми дека обелоденувањето на сметките како сведоштво за праксите на вмро-дпмне ќе води кон ослободување на оваа злосторничка инсталација и од најситните елементи на политичноста односно ќе ја сведат исклучиво на нејзиното криминално јадро. Тоа е елегантен начин за стеснување на кругот околу злосторниците. Со сиве овие операции, се разбира, најмногу со постапките на СЈО, Груевски и екипата, практично, веќе се наоѓаат на издржување на смртната казна со долготрајно и болно збогување со овој свет. Сигурно сте забележале дека Милошоски е како мртовец што станал да моча и попат наминува во Собранието да ги плаши секретарките и чистачките, Илче Гебелсче е како сушен свински шпиц врз витрините во „Веро“, а нивното лидерче личи на употребен презерватив благо напумпан на компресорот на бензинската пумпа на „Лукоил“ во Аеродром.

Треба да се каже дека овие паради ќе ја обессилат и дополнително ќе ја компромитираат нивната собраниска операција за спас на Зврлевски односно на себе, односно се што како политички гест ќе преземат во иднина, вклучувајќи го и евентуалното учество на локалните избори. Се разбира дека тоа би било како учество на Елизабета Канческа Милевска на избор за Мис Јуниверз. Не, уште полошо, како Силванева на наплатните рампи на автопатот „Александар Велики“ ама во куќичките!

Има тука и лоши страни, сигурно. Да речеме, ова со месиштата, пијачките, салатите и десертите, колку и да е убав материјал за дискредитација, особено во едно малограѓанско општество какво што е нашето, сепак им дава човечки лик на криминалците, ги очовечува нивните злосторства, лапачките се тема за подебавање, за сеир, за заебанции, а не за радикална осуда, а се доволно атрактивни за да го пренасочат вниманието од основниот криминал и да му дадат една подруга, јас би рекол, поблага димензија. Нашиот човек смета дека е нормално комшијата кој дошол до некоја функција и многу пари, секој ден да седи в кафеана и да јаде и пие на државен трошок. Функцијата, всушност, нема никаква друга смисла во неговиот светоглед. Затоа, на некое ниво ќе мора да се направи исчекор во однос на сегашното ниво на скандализирање и морализирање и да се оди со криминалистички истраги и правосудни прогони и за лапачките, а особено за големите криминали, каков што е оној поврзан со автопатот кон Охрид. За тоа злосторство веќе требаше да има приведени премиери, министри проектанти итн.

П. С.

Не можам да одолеам а да не го пренесам тука статусот на Кокаланов, демек, како вмроните разменуваат сликички од „Животинско царство“: Сум го јадел, сум го јадел… не сум го јадел!

И два свои: Ако некој вмрон ти рече „коњу еден“, подобро е ти да го убиеш него отколку тој да те изеде тебе!

И: Нема полоша судбина за коњите од таа да ги изедат свињи!

NO COMMENTS

LEAVE A REPLY

three × 1 =