Субвенции за сончогледи

Субвенции за сончогледи

303
SHARE
Бранко Героски
Бранко Героски

Скопските улици се полни сончогледи. Добра година, одлична берба. На сонцето октомвриско ловат пчели, ја бараат трагата што води до кошницата со медот. Каде што паѓаат секирите на заслужните.

Пишува Бранко Героски

Дал господ троа живот, сонце разгалено среде октомври и топли денови ли се денови. Умре она секогаш работа. Си седиме со друштвото во нашето омилено кафуле, ја бистриме матната и се чудиме како ќе ја преживееме победава.

Одеднаш, однекаде, се појавува еден сончоглед. По скопските улици деновиве ги има на тони. Добра година, одлична берба. Но, овој што нè поздравува не е обичен, туку стар, искусен сончоглед, кому циркардијалниот ритам на живеење во текот на 24 часа (следење на патеката на сонцето победничко) му е животна вештина.

– Честитам, момци, вие многу направивте за нашава кауза, ама и ние многу направивме – вели тој и се насмевнува значајно.

Друштвово го гледа бело. Знаеме кои се тие. А шокур сме направиле ние за победата? Што може да направи на вакво сонце, на ваков живот надојден, еден гнасен коров, еден таков пиреј каков што сме ние, еден троскот што никне кај што не го сееш и после уште ти ги жуља табаните, колку да не си мирен?

Сончогледов брзо заминува, оти сонцето веќе продолжило нецел степен по својата сега веќе брза, скоро зимска патека. Не смее да се пропушти шансата да се привлече уште некоја пчела, која води до кошницата со медот.

Оти, ако не сте знаеле, тоа со сончогледите е наука, мили мои. Целата смисла на тоа нивно вртење по сонцето е, всушност, зголемувањето на потенцијалот да се привлечат пчелите. За сончогледите во природата тоа значи поголема шанса за размножување, а за оние меѓу луѓето, пак, поголема шанса да се најде трагата до кошницата со медот, каде што паѓаат секирите на заслужните.

Како и секирата на нашиот пријател, имено, кој целиот свој живот го следи сонцето. Само пчелите се менуваат. Киро, Бранко, Никола, Зоки… Што е важно? Важо е да се импресионираат. Важно е за сончогледите секогаш да има субвенции. Сега веројатно двојно повеќе. За сите.

Во позадината допираат стиховите на класикот Аца Лукас: „Сагните се сунцокрети, да на мене сунце слети, можда ќе ме она видети…“ И она, пчелата, ќе ги види. Тука нема дилеми. А ние, пирејот, тоа никогаш нема да можеме да го разбереме. Најмногу што може нам да ни се случи на сонцево октомвриско е да нè полази гасеница, да слета некоја залутана пеперутка или врз нас да шлапне кучешко гомно.

А ете, нам пак ни е некако убаво. Полни сме живот. Ко мртва природа.

NO COMMENTS

LEAVE A REPLY