Роденденот на Заев

Роденденот на Заев

453
SHARE
Бранко Героски
Бранко Героски

 

Освен со една скромна честитка од говорницата и со едно краткотрајно скандирање, митингот во Скопје не беше злоупотребен за прослава на роденденот на премиерот. Тоа е вистината.

Бранко Героски

 

Да бидам искрен, бев и јас загрижен поради совпаѓањето на грандиозниот предизборен митинг на СДСМ во Скопје и роденденот на лидерот Зоран Заев. Многу повеќе од присуството на поранешниот лидер Владо Бучковски, на пример, тема што сега нашироко се коментира. Јас ќе се воздржам да ја коментирам појавата Бучковски, барем додека не проверам некои работи што ги слушнав во последниве денови. А и нешто не ми се брза.

Бев загрижен, велам, зашто страхував дека пи-арот на премиерот Заев, кој досега се „прослави“ и со неколку недозволени гафови, понесен од инаку прекрасната атмосфера на собирот пред Владата (која и натаму е ружна, да се разбереме), би можел да се подзанесе и сите одеднаш, како со временска машина, да се најдеме затекнати со штафети во рацете, на слет во чест на нашиот Водач.

Бев загрижен меѓу другото и зашто на митингот не дојдов сам, туку со мојата ќеркичка, која се трудам да ја воспитам во слободарски, а не во поданички дух.  И таа навистина е искрен критичар. На митингот, на пример, девојчето внимателно го ислуша говорот на Заев и ме праша: „Зошто толку повторува исти работи?“. Тато се снајде: „Затоа што повторувањето е мајка на знаењето, ќерко“.

Но, да бидам искрен, немаше место за загриженост. Освен со една скромна честитка од говорницата и со едно краткотрајно скандирање – богами и заслужено за еден човек што навистина се вложи себеси и ризикуваше многу за да се ослободиме од режимот на криминалната банда – митингот не беше злоупотребен за прослава на неговиот роденден.

И таа скромност ми се допадна. Оти и Заев е човек и немам никакво сомневање во тоа дека сега ужива во славата. А кој од нас не би подлегнал на тие чувства, да е на негово место? Па сепак, засега, барем за тоа, имено за претерувања што би засмрдело на обид за градење култ на личноста, не е фер да го обвиниме Заев.

Вечерта уште еднаш ги проследив видеото, снимките и коментарите по митингот и откако се уверив дека усетот не ме лаже, седнав и јас му го честитав роденденот на Заев во една куса порака по Вајбер. Не е исклучено по изборите пак да се караме како некогаш, па си реков – ај да го искористиме моментов човечки да размениме неколку убави зборови. И би така.

NO COMMENTS

LEAVE A REPLY