Револуција или Фејсбук мастурбација и семинарски лумперај?

Револуција или Фејсбук мастурбација и семинарски лумперај?

158
SHARE
Фото: Борче Поповски

Нема збор да изустат, ако тоа не е дел од мрсно платен проект. Не ни можат да ја согледаат диктатурата со сите нејзини димензии, а некои до вчера добро соработуваа со мафијата.

Пишува Џабир Дерала
Додека ја голтаме токсичната прашина од громогласниот пад на диктатурата, време е да погледнеме кон себе, кои сме, што правевме и што направивме. Новинари, интелектуалци, граѓанско општество… Или фолиранти и мали богаташи? Како кој… Некои со цврст чекор, крената глава и стисната тупаница, го кркаат стапот сите овие години, без очекувања и без барања, а други…

Умислени величини, ен-џи-о (НВО) функционери со длабоки џебови и дигнати муцки, кои не знаат колку пари имаат. Ретко кој ги познава, ретко кој видел аир од нив. Никогаш не се конфронтирале со никого. Највозбудливиот дел од денот им е кога на вратата им тропнува поштар. Или ако во пекарницата вовеле интегрален кроасан. Своето еднолично, здодевно и малограѓанско секојдневие најлесно им е да го разбијат со некој став за етнички теми и така да ги откријат своите предрасуди и прикриен национализам. Да најдат „разбирање донекаде“ за постапки после кои во нормални општества се оди во политичка или академска пензија. Или в затвор.

Нивната револуција се сведува на Фејсбук мастурбација и семинарски лумперај. Повеќето од нив имаат фобија од Твитер. Немаат намера да го прифатат технолошкиот напредок, освен ако не е дел од нивната нова кола или апарат за домаќинството.

Нема да направат ништо, нема збор да изустат, ако тоа не е дел од мрсно платен проект. Не ни можат да ја согледаат диктатурата со сите нејзини димензии, бидејќи тие би можеле да функционираат добро во дел од нејзините аспекти. Некои до вчера добро соработуваа со мафијата. „Што да правиш, во нивни раце се институциите, мора да се соработува со нив“.

Онакви, заоблени и остарени, наколкани со евра и долари од обилните дојки на донаторите, среќни се ако никој не ги спомне. Кружат како врани по дипломатски приеми. Го кажуваат тоа што другите сакаат да го слушнат. Немаат свое јас и не сакаат да го имаат. Фрустрирани, квазиинтелектуални сеништа, со замастени мозоци…

А кога ќе си одат донаторите, прва станица им е удобна фотелја во влада, општина или јавно претпријатие. Од која повторно ништо нема да направат, туку само ќе станат уште поневидливи.

Чест на прекрасните исклучоци, кои ќе бидат запаметени, но и истиснати.

NO COMMENTS

LEAVE A REPLY

19 + 4 =