Прваци по задушување

Прваци по задушување

344
SHARE

Кога загадувањето со ПМ10 честичките се искачува над 500 милиграми, одговорноста се бара од локалните власти. Граѓаните всушност што побрзо го бараат чистиот воздух што им беше ветен. Сега, што поскоро, а не за четири години.

Пишува Анета Стојковска

Скопје е прв град по загаденост во светот. Работата не е за машала, но ете, вечните оптимисти ќе речат – па ете, барем во нешто сме први. Зад себе нашата престолнина ги остави и Калкута во Индија и Дака во Бангладеш, а во првите десет нема ниту еден друг европски град. Никој не нè стига!
Шегата настрана.

Загадувањето на кое секојдневно се изложени граѓаните од главниот град, а кое во грејна сезона достигнува застрашувачки размери, е повеќе од сериозна тема. И за неа очигледно нема решение. Барем досега не видовме. Ветувања, планови, дебати, конференции, па дури и протести – има и отповеќе. Но, резултатот е нула.

Градоначалникот Шилегов вели дека Скопје плаќа сметка за децениската несериозност и негрижа за здравата животна средина. И дека постапката за чист воздух не се одвива со филмска брзина, ниту е некакво риалити шоу.

Но, кога загадувањето со ПМ10 честичките се искачува над 500 милиграми, одговорноста се бара од локалните власти. Граѓаните, всушност, што побрзо го бараат чистиот воздух што им беше ветен. Сега, што поскоро, а не за четири години. Сега е моментот, наместо зборови, да се применат сите итни мерки што се на располагање, а притоа, континуирано да се работи на долгорочните.

Повеќемилионските градови со многу поразвиена и побројна индустрија и автомобили, немаат проблеми со загадувањето. Ако можат тие, можеме и ние. Доколку не знаеме како, ај да видиме како тоа го прават другите, поголемите. Не е срамно да се користи туѓото искуство, кога немаме свое позитивно!

Патем, велат дека во Скопје цвета бизнисот со продажба на маски против загадување и прочистувачи на воздух за простории. Барем некој има ќар од тоа што сме прваци во свет.

NO COMMENTS

LEAVE A REPLY