Пролет на целата територија

Пролет на целата територија

613
SHARE
Злате Лозановски
Злате Лозановски

Знаат дека паѓањето не е лет. Се кријат како птички под кошули и се надеваат дека ќе ги спаси големото јато од пилци-голиштарци, на кои во изминативе години им пуштаа црви во отворените клунчиња. Некои од лешинарите и од големите грабливки веќе одлетаа во други краишта, непознати за истрагата.

Денеска, 20 март, ќе дојде пролетта. А не утре, како што беше на времето (утре ќе дојде Хан). Во какво време живееме, не е далеку од умот ако човек почне да се прашува: дали е време народот да се подели и врз оваа основа; дали зимата ќе прифати доброволно да замине или, иако со истечен мандат, ќе се бори и понатаму да ја држи земјата во минус; дали фикусот ќе даде мандат за да процветаат илјада цветови; дали пролетта ќе биде во официјална употреба на целата територија, дури и таму каде што не живее ниеден Албанец и слично.

Јоханес Хан доаѓа за да види до каде стасала пролетта, ама онаа другата, демократската, која бомбастично почна пред околу две години. Бидејќи една ластовичка не чини ниедна и никаква пролет, со него ќе долета и мало јато европратеници. Веројатно за да биде поубедлив кога ќе ги предупреди (за последен пат?) тие кои со сите сили тргнале да го спречат доаѓањето на новото време. Да им го повтори тоа што и тие веројатно го знаат: собирањето народ – што милум, што силум – ќе ги дорастури и нив и Партијата. Да им посочи дека за таа нивна апсурдна идеја може бесмислено да паднат наивни жртви, дека тоа може да ги одложи, но не и трајно да ги блокира промените за кои гласаше мнозинството од народот.

Станува збор за кукавиците од кои во полседнава деценија прокука целата земја. Тие одамна паднаа на најниски гранки, криминалните крилјата им се неповратно скратени, но се плашат зашто знаат дека ако ја изгубат власта од нив пердуви ќе летаат. Знаат дека паѓањето не е лет. Се кријат како птички под кошули и се надеваат дека ќе ги спаси големото јато од пилци-голиштарци, на кои во изминативе години им пуштаа црви во отворените клунчиња. Некои од лешинарите и од големите грабливки веќе одлетаа во други краишта, непознати за истрагата.

Злате Лозановски

NO COMMENTS

LEAVE A REPLY