Поезија и толкувања: Истражувачкиот дух на Веле Смилевски

Здружението за уметност и култура „Дијалог“ од Скопје, во рамките на програмата на Министерството за култура со проекти од национален интерес, ја објави книгата „Поезија и толкувања“ од Веле Смилевски. На близу 400 страници, книгата донесува избор од поезијата на Смилевски и толкувачки прилози за неговиот досегашен опус од 14 стихозбирки.

На уводните страници е објавен есејот „Новиот истражувачки дух во поезијата“ од академик Георги Старделов, а потоа следуваат толкувачки текстови од 25 домашни и странски критичари. Рецензент на книгата е Влада Урошевиќ.

„Веле Смилевски е поет со висок поетски и длабок интелектуален творечки капитал“, пишува Георги Старделов во есејот „Новиот истражувачки дух во поезијата“ и додава: „Од поезијата на светот овој автор ја создава својата поезија за светот. Во неа нема ништо од оној наш регионален колорит, од оној отворен и гласен патриотски занес со кој е толку густо населена нашата денешна поезија. Неговата песна го демистифицира романтичарскиот сентиментализам и секоја праисконска романтика во неговата поезија завршува во еден демонолошки романтизам, обземен, пред сѐ, со чистиот занес и игра на духот.“

Во својот оглед кон поезијата на Веле Смилевски, Влада Урошевиќ, меѓу другото, пишува: „Она што авторот го создава е еден метајазик, кој е во многу нешта различен од оној што служи во секојдневната комуникација. Со остварувањето на ваквите програмски намери, Веле Смилевски го воведува македонскиот јазик во една повисока сфера каде што тој сега игра една нова улога, раководен, пред сѐ, од правилата на уметничката креација.“

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 56, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 14-15 ноември 2020)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот