Отрови

Отрови

597
SHARE

Злокобните априлски отрови уште лебдеат над Македонија и државата, едноставно, мора да ја открие вистината, да расчисти со настаните во Собранието. Без тоа не може да се придвижи напред.

Пишува Ристо Поповски

Оставката што (за којзнае кога) ја навести Никола Груевски, е како најава дека се подготвува сам да испие политички отров, ама сѐ уште го нема шишенцето во џебот. Најубавиот и најумен на мајка, најумислениот најголем водач, конечно дојде до неизбежното – сам да признае колку бил неспособен незнајко, кој деценија и повеќе ја уназадуваше Македонија, ја разнебити партијата.

Хрватскиот дипломиран режисер со спектакуларно самоубиство во Хаг испивајќи отров, со растреперена рака, пред милиони гледачи остави многу различни пораки. Тој како приучен генерал посредно потврди дека имало масовни злостори и етничко чистење, со кои раководел во име на патриотизмот, како искривоколчена, отровна државна идеологија која по ништо не се разликува од расизам, фашизам.

Ширење отрови

Груевски, додека не поднесе оставка, ќе продолжи да шири отрови на поделби во општеството. Како што правеше речиси сите мрачни години на неговото владеење, продолжува да внесува отрови на поделби по сите основи, да создава и измислува непријатели, од патриотизмот да прави националистичка пачавра. Додека беше на власт, Груевски имаше поддршка од долгогодишниот коалициски партнер, кој со молчење учествуваше во ширењето отрови во општеството.
Свикнат со години да шири отрови, Груевски продолжи тоа да го прави и во опозиција. Отворањето на истрагата за крвавите настани во Собранието на 27 април годинава и тешката квалификација дека тоа беше акт на тероризам е силен дополнителен мотив Груевски да се брани со отрови. Кон него и неговите најверни соработници конечно се насочи и регуларното Јавно обвинителство, а не само Специјалното кое постојано го обвинува за партиска поврзаност.
Априлскиот упад во Собранието, според сѐ што граѓаните можеа да видат низ директните ТВ-преноси, е класичен обид за државен удар. Може да се рече дека беше неталентирано, самоделски и неуко планиран и изведен. Тоа во никој случај не го намалува фактот дека обидот за полициски пуч беше најголемата доза отров што требаше да биде внесена во општеството и државата. Ќе останеше некој незатруен доколку злосторничкиот обид успееше?
Поради соучество во ширењето отрови, Јавното обвинителство отвори постапка против 36 лица. Немаат сите ист степен на одговорност. Најмногу се кусогледи партиски војници, замаени од манипулации, дел се директни и свесни учесници во драматичните настани, а најмал дел од нив се извршители, кои знаеја што се случува, имаа гнасни задачи што требаа да ги исполнат.

Соучество со тероризмот

Недостига „мозокот“ на априлските настани во Собранието, ако оние што планирале со државен удар и отрови, да се доберат до власт, воопшто имаат мозок. Истрагата се доближува до нив, тие имаат и најголема одговорност. Гласни се и очајнички обидите на Груевски и малкуте таленти што му останаа верни настаните во Собранието да ги поистоветат со патриотизам, онака како што тие го разбираат.
Бруталните насилствата врз политички противници, припадници на други националности, посегање по човечки интегритет и закани со убиства среде Собрание како највисок орган на државата, само помрачени умови можат да ги поистоветат со патриотизам. Барањето ослободување на ваков вид патриоти, не е солидаризирање, туку соучество во тероризмот.
Злокобните априлски отрови уште лебдеат над Македонија и државата, едноставно, мора да ја открие вистината, да расчисти со настаните во Собранието. Без тоа не може да се придвижи напред, постојано ќе ја следат отрови кои на крај ќе го заплиснат целото општество. Најголема одговорност има актуелната влада на чело со СДСМ која, впечаток е, губи здив, влезе во расчекор меѓу ветеното и оствареното. Со некои кадровски и други потези ги разочара, па и ги иритира граѓаните. Ако продолжи, не е далеку денот кога и таа ќе почне да шири отрови.

NO COMMENTS

LEAVE A REPLY