Ненормална нормалност!?

Ненормална нормалност!?

352
SHARE

Расчистете си ги во себе дилемите што ги поставив и сами донесете одлука. Одлучете дали сте за живот во Македонија или сте за „чиста“, криминална Македонија и дали е за вас нормално ненормалното да стане нормално!?

Дали е нормално, во ваква деликатна политичка ситуација во државата, на протести (против кои немам ништо и се легитимно право на секој!) под мотото „За заедничка Македонија“ да се скандира „Чиста Македонија“ и „Смрт за шиптари“, што директно удира против заедништвото во Македонија!? Зарем е нормално и, пред сè, човечки, за нечии туѓи интереси, во обид криминалот да се затскрие зад квазипатриотизам, во оваа работа да се вклучуваат и малолетни средношколци!? Дали е нормално сега да се агитира кај студентите под паролата „Студентите за заедничка Македонија“ кога Македонија никаде ја немаше за студентите во овие 10 години!? Ние младите од сите етнички заедници си ја сакаме Македонија и никој нема право да нè прави предавници или странски платеници!

Борци против Албанците

Дали е нормално претседателот на државата, кој противуставно одбива да му го даде мандатот на Заев, да вели дека е загрозена безбедноста на Македонија и да се повикува на армијата и по само еден ден да избега на пат, иако токму тој е врховен командант на армијата на која, нели, се повикува самиот тој!?

И кога секојдневно ги слушаме сите повици за протести, за „битка против предавниците“ и слично, редно е да си расчистиме уште една дилема. Зарем е нормално, оние што ги амнестираа „Хашките случаи“, кои во „бомбите“ преговараа за името на државата и кои во 2008 година го донесоа Законот за употреба на јазиците, сега да се најгласните „борци“ против Албанците, против промена на името и против унапредување на употребата на јазиците!? Зарем сево ова за нив важи само кога се опозиција, а не и кога се на власт!?

И ако во меѓувреме, во целата оваа мешаница, заборавивте кој ви е премиер, поставете си го прашањето: Дали тој наводен премиер на кој името и ликот не му ги знаете заслужува да зема премиерска плата!? Дали заслужува да зема и премиерска и пратеничка плата, бидејќи во истовреме е и пратеник и премиер!?

Гатачка како водач 

Дали е нормално да се биде пратеник и премиер истовремено!? Во Собрание на седница за пратенички прашања, пратениците во име на граѓаните ја извршуваат својата контролна улога врз власта и поставуваат прашања на премиерот и министрите. Дали моментнава ситуација ја отвора можноста пратеникот Емил Димитриев (тоа му е името!) да постави пратеничко прашање на премиерот Емил Димитриев!? Па потоа овој да седне на место, да си одговори сам на себе па потоа сам на себе повторно да си каже дали е задоволен од одговорот!? Или, пак, е нормално една гатачка да раководи со лидер на партија!? Истиот тој лидер да раководи со партијата, а таа партија да раководи со државата!? Оттука, поставете си дилема дали е нормално гатачка да ја раководи Република Македонија!?

И кога ненормалното станува нормално, тоа резултира со плукање, снимање и напаѓање јавни личности и со објавување потерници за невини луѓе додека оние обвинетите бегаат од правдата и државата со своите украдени милиони евра пари на граѓаните. Драги пријатели и читатели, пред да одлучите на кој ќе верувате, што ќе правите и како ќе делувате, расчистете си ги во себе дилемите што ги поставив и сами донесете одлука. Одлучете дали сте за живот во Македонија или сте за „чиста“, криминална Македонија и дали е за вас нормално, ненормалното да стане нормално!? (Радио Слободна Европа)

Стефан Богоев

 

NO COMMENTS

LEAVE A REPLY

thirteen − seven =