Немат љуѓе!

Немат љуѓе!

1551
SHARE
Бранко Героски
Бранко Героски

Беспарицата е голем, но недостигот на квалитетна работна сила е уште поголем проблем. За него, едноставно, решение не постои. Од каде ние да увеземе работна сила? Со кои пари ќе ја плаќаме? Кој сака да дојде да работи и да живее во оваа наша, да простите, вукојебина?

Образовниот систем „факултет во секое село“ со години произведува кадар главно за најголеми работодавци. А најголеми работодавци (ете, дури и за новинари), погодувате, се државата и фирмите афилирани кон неа. И додека е така – ништо од бизнисот!

 

Бранко Героски

 

Под наслов „Ќе се сети ли некој?“, мојот драг пријател Руди Лазаревски, експерт за финансии, напиша еден коментар што го пренесувам овде, во целост:

„ММФ вчера издаде, би рекол, таргетиран и досега невообичаен spotlight за пет главни точки за почетните непопуларни и болни реформи на економијата и финансиите во државата. Во овие пет точки се гледаат и првите отворени критики кон Владата за нејзините потези по првите сто дена. Не е случајно што оваа ‘директива’ во пет точки доаѓа само неколку денови по објавувањето на извештајот на Светска банка. Овие пет точки, за почеток на воопшто непочнатите  реформи, се сублимат од нивниот последен Country Report издаден на 75 страници. Овие пет точки се напишани на една страна, односно за една минута читање. Во развиениот свет, една минута читање не значи и една минута размислување и анализирање. Во светот кон кој се стремиме, најголема умешност е да напишете една страница и да кажете многу. А оваа една страница кажува многу. Ако знаете да читате меѓу редови. И ако сакате да читате и да мислите.

Како долгогодишен претплатник на сите публикации на ММФ, институцијата ми дава можност да дадам свој фидбек. И извесно е дека ќе напишам свое видување. Би му препорачал на премиерот, кога ќе намине во Македонија, да најде време и да ја прочита оваа една страна. И да почне да размислува сериозно за реконструкција во економско- финансискиот тим на владата. За да почнат сериозно болните и непопуларни мерки, кои патем мора да се направат. Инаку…“

Нема кадар
Не знам што ќе направи премиерот (се надевам, сè што е најмудро), но јас ја послушав препораката на Руди, меѓу другото и поради фактот што веќе еднаш сум го спомнал, а бидејќи сакам да си ги фалам пријателите, ќе го спомнам пак – тоа е човекот што своевремено го предвиде финансискиот колапс на Грција. Од целиот тој кус извештај пренесен во нашите медиуми (се надевам, прецизно), мене најсилен впечаток ми остави оваа реченица: „Исто така, во услови на стареење на населението, е нотирано значењето на зголемувањето на стапката на активност, како и на активните мерки на пазарот на труд“.

Не знам дали во други прилики ММФ се фокусирал на проблемите на пазарот на трудот во Македонија поради „стареењето на населението“, кое главно е последица на одливот на млади луѓе од земјата. Но, оваа нотификација совршено се поклопува со темата за која во последно време интензивно разговарам со луѓе од разни професии, во Македонија, но и со пријатели од Бугарија и од Грција – нема кадар!

Лекарската професија можеби е една од најзасегнатите, а и сите нас најмногу нè засега, бидејќи најмногу страхуваме за сопственото здравје. Македонија и сега се соочува со недостиг на медицински кадар, а пред некој ден прочитав непроверен податок дека претстои заминување на 2.000 лекари специјалисти во пензија. Веќе има одредени специјалности за кои во Македонија веќе не можете да квалитетен „мајстор на својот занает“, па поумно е да побарате чаре во Бугарија, во Грција или во Србија. А и овие земји се соочуваат со истиот проблем. С што вреди и што е способно да почне нов живот, бега во нормалниот свет. Едно истражување вели дека од Грција, на пример, од 2008 година до лани, во екот на финансиската криза (која не е завршена), се иселиле околу 500.000 луѓе, главно млади под 40 години, во потрага по работа, кариера и иднина. Како што знаеме, исто толку, ако не и повеќе луѓе ја напуштија Македонија во десетлетката на Груевски. Не ги знам бројките за Бугарија, но и таму мора да се драматични.

Нема чаре

 

Сериозен недостиг на кадар постои во сите струки во Македонија. За новинарството веќе сведочев – сè помалку бруцоши на факултетите, сè помалку новинари, сè помалку и сè понекапацитетни медиуми. Но, недостасуваат мајстори од сите струки. Неодамна прочитавме дека за заварувач, на пример, се нуди плата од 2.000 евра, а мајстори нема ни за лек. Велам, ние се соочуваме со драматичен недостиг на квалитетен кадар. Поинаку и не може да биде кога и образовниот систем „факултет во секое село“ со години произведува кадар главно за најголеми работодавци. А најголеми работодавци (ете, дури и за новинари), погодувате, се државата и фирмите афилирани кон неа.

Долго зборувавме дека најтешкиот проблем со кој ќе се соочиме по падот на режимот на Груевски ќе биде беспарицата. И навистина, таа се чувствува на секој чекор. Но, се плашам дека нашата економија сега се соочува со уште поголем проблем – недостиг на работна сила. Е сега, не знам дали Руди ќе се согласи со мене, но јас резонирам вака. Првиот проблем, на кус и на среден рок, може да се реши така како што го решаваше Груевски. Земјата ќе продолжи да се задолжува и ете пари за пензии, за плати за администрацијата и за базичните социјални трансфери (идните генерации нека му мислат како ќе ги враќаат долговите). Но, за вториот проблем, едноставно, решение не постои. Од каде ние да увеземе работна сила? Со кои пари ќе ја плаќаме? Кој сака да дојде да работи и да живее во оваа наша, да простите, вукојебина?

Навистина страхувам дека ќе завршиме како во оној виц, кога Снежана се шетала во шумата со три џуџиња, па ги сретнал директорот за Агенцијата за авантуристички туризам и ги прашал: „Кои сте вие и зошто шетате во делот од шумата кој е бизнис-класа?“. – „Ние сме Снежана и седумте џуџиња“. – „Како тоа седум џуџиња, кога сте три?“ – „Е тоа е – одговорила Снежана – немат љуѓе!“.

NO COMMENTS

LEAVE A REPLY