Не да тече, грга низ ногавици!

Не да тече, грга низ ногавици!

667
SHARE
Бранко Героски
Бранко Героски

Времето што го купувате, господо од ВМРО-ДПМНЕ во распаѓање, нема да ви донесе ништо добро. Барајте друго чаре и чувајте пари за адвокати.

 

Бранко Героски

 

Ова навистина е срамно, дами и господо од ВМРО-ДПМНЕ во распаѓање. Ова е доказ дека живеете во невиден страв, дека не што ви тече, туку ви грга низ ногавици!
Јас го разбирам и дури и го оправдувам булингот како легално и легитимно средство за борба во парламентот. Без разлика кој е власт, а кој е опозиција, политичкото малцинство има право да ги користи сите процедурални и други трикови, па дури и акциите како што е „окупацијата“ на собраниската говорница, за да се бори за својата кауза.
Тоа е така и никој, па дури и вие, не треба да бидете исклучок. Затоа јавно барав во процедуралната битка со вашиот обид со класичен булинг да ја спречите работата на парламентот и смената на јавниот обвинител Марко Зврлевски, да не се (зло)употребува собраниското обезбедување. На СДСМ не му личи да тепа пратеници и новинари, како што тоа го правевте вие кога бевте на власт.
Но, дами и господо од ВМРО-ДПМНЕ во распаѓање, да се поднесат четири интерпелации за министри на новата влада, пред истекот на првите сто дена од нејзиното владеење, тоа е повеќе од непристојност. Тоа е политички зулум кој, всушност, ја разоткрива вашата немоќ и вашиот обид преку интерпелации да водите битка за одбрана на криминалот и кампања за локалните избори.
Како што напиша колегата Бошко Нацевски во еден пост, вие, за жал, наликувате на група од педесетина терористи што ја имаат запоседнато собраниската сала, опашани со појаси со експлозив, фанатизирани и решени да се разнесете себеси и сите други околу вас. Вашето однесување е инфантилно, та би се осмелил да ве посоветувам сериозно да ја преиспитате вашата суицидна стратегија.
Зашто, парламентарното мнозинство ќе најде начин да го смени Зврлевски пред кампањата. Во тоа можете да бидете сигурни, зашто ако не го стори тоа, ќе покаже недозволива слабост и недоветност. Новиот обвинител ќе си ја врши својата работа и нема да чека прво да завршат изборите. Ќе фрчат обвиненија. Времето што го купувате нема да ви донесе ништо добро. Барајте друго чаре и чувајте пари за адвокати.

NO COMMENTS

LEAVE A REPLY

8 + 4 =