Насилство против насилството

Насилство против насилството

356
SHARE
Фото Слободен печат

Со сите овие слабости на расправата за сексуалното насилство, за Македонија е важно дека темата е изнесена во јавниот простор. Вреди да се обединиме сите против сексуалните злоупотреби, апсолутно. Малку покомплексно отколку што налагаат естрадизираните холивудски спектакли. Низ развој на правните механизми за заштита, низ скапите пенали за насилниците, низ пробиви во културната матрица кои се некаков контекст што му погодува на насилството, низ економска еманципација на жената, и на мажот, се разбира, низ културен развој на провинцијата, низ премавнување на религиските ступидарии кои се стимулативни за насилството итн.

Пишува Бранко Тричковски

Ана вели дека ќе ми ги скрши прстите ако „невино“ ѝ ги допрам колената. Темата е насилството и сексуалното злоупотребување на жените, посебно од позиција на некаква вајнштајнска или друга моќ. Со посебен осврт на тоа како на таа проблематика гледа движењето Миту. За мене е важно дека во оваа конструкција Ана себеси се проектира како жртва, а мене како потенцијален насилник. Можеби во чантата веќе носи чекан за кршење прсти и моја слика. Или слика на некој друг претендент на нејзините колена. Бред Пит или, што јас знам, Дензел Вашингтон.

Прашањето не е дали Ана има право да ми ги скрши прстите ако ѝ ги допрам колената, туку од каде ѝ е на Ана идејата дека јас би можел да ѝ ги допрам колената. Во некоја зла намера. Можеби Ана има криви колена. Можеби мене ќе ми се видат колената на Ана одвратни. Можеби никогаш нема да ја видам Ана и нејзините колена!? Би можел ли јас да ѝ се заканам на Ана дека ќе ѝ ја отсечам раката ако таа ги допре моите колена. Или некој друг дел од моето аполонско тело!? Како да се однесувам јас ако еден ден Ана посака да ѝ ги допрам колената!? Итн.

Дали ако јас по оваа закана на мојата фејсбук-пријателка речам: Ана, еби се, ти и твоите колена, моите прсти се повредни од твоите колена, ќе бидам обвинет како човек што застапува насилнички позиции во однос на жените или ќе бидам прогласен за нормален човек што се расправа со будалите во своето окружување!?

Жената како жртва

Почнав да мислам дека, можеби, може да се произведе апсолутна заштита на колената на Ана, да почнат да се произведуваат специјални заштитници за женски колена, како кај американските фудбалери, или ремени што нема да дозволат никој никогаш да и ги рашири колената на Ана. Додека Миту не одреди дека е време таа да се размножува. Како кај животните! А можеби и тогаш – не! Ме фрапира тоа што движењето за ослободување на жената односно против сексуалното насилството врз жената од позиција на моќ (MeToo) се трансформира во некаква форма на казнено-поправен ескадрон со врвни арбитрерни самоовластувања.

Парадоксално е тоа што во таа трансформација се влезени либертијанските субјекти што го носеа напредокот во областа на слободата, како што беше битката за слобода на сексуалната ориентација и проблематиката сврзана со тоа, битките против режимските киднапирања на државите и против примитивните заробувања на општествата, борбите во корист на еколошките освестувања и културните препородувања. Како прогонетите се претворија во прогонувачи. На кои, сексуалните насилства, кога малку подобро ќе се погледне на нештата, им се добредојдени, тие им се како свежа стока во дуќанот, нова понуда во нивните агенции за женските права итн.

Сакате да ве заштитиме!? Океј, ве има ли некој штипнато за газот пред триесет години, сетете се и ќе ве пуштиме во нашиот авион за у пизду материну! Или за у курац! Славчо Димитров си дозволи да ја означи Кетрин Денев како „бела француска буржујка“. Може ли со такво ниво на расистичко насилство врз една дама да се оди во борба против насилството врз жените!? Се разбира дека може, но тоа е само знак за воинственото, да не кажам некој посилен збор, устројство на таа формација, која е далеку од принципите на слободата. Јас не знам дали е Денев „бела француска буржујка“, но еве и да е, зошто една „бела француска буржујка“ не би смеела да има став по прашањето за сексуалното насилство, а „еден бел балкански педер“ може да држи катедра по тоа прашање?

Односно како МеТоо ја узурпира и структурира, вредносно, пред сè, целава ова важна тема, односно како ја монополизира и како ја претвора во својата спротивност, односно во насилство. Пет работи се важни:

Прво, тенденцијата жената да остане заробена во статусот на жртва, а не да се ослободи од таа позиција, да се сведе богатството на женската животна реализација на една димензија, на димензијата на жртва, на субјект кој себе си се мисли само преку таа категорија и кога пие кафе и кога конферира и кога игра во диско и кога шета по улица. Јас мислам дека во однос на женските слободи и права, досега се нема родено поопасно движење. Тоа ќе ги ослободи жените толку колку што ВМРО-ДПМНЕ ги ослободи Македонците. На пример. Затоа што крајната слобода тука се достигнува кога жената ќе престане да биде жена!

Втората работа е тенденцијата да се интервенира во културното пространство, борците на миту да кажуваат дали нозете на жената од сликата на тој и тој нов или стар Шиле или Модилијани, се премногу раширени, дали во филмската сцена Шерон Стоун стенка вака или така, дали мажот е груб и сугерира насилство ако во сексуалниот чин нешто прави вака или така. Хахаха.

Во текстот на француските жени во „Ле Монд“, паметно и одмерено, дотерано, исфилозофирано, ако сакате, обраќање, значи во тој феноменален текст, меѓу чии потписници е и Кетрин Денев и во мојот скромничок статус по повод нивната колумна во „Ле Монд“, категорична е определбата против насилството врз жените, особено од позиција на моќ. Категорична, дали се разбираме!? Крај.

Слобода на желбата

Еве го мојот текст:

Веќе бев почнал да мислам дека со своите либерални ставови газам врз линијата, дека сум аут од времето, кога оп, еве го спасот и тоа од кого, од Катрин Денев, драги мои, од жената во која бев вљубен, пред да ја засакам Моника Белучи. И денеска ја сакам. Се разбира. Денев е жена за сите времиња. Бев почнал да се плашам дека Елизабета ќе се јави да ме обвини дека пред педесет години сум ја пипкал по колената на часот по ОТО во светиниколската гимназија. Арно ама, не. Ставовите на групацијата во која партиципира Денев, се ставови во прилог на слободата на додворувањето, тие се во основа заложби за слободата како таква, тие се како озонери во затапувачката атмосфера на американскиот пуританизам. Секогаш против насилствата – секогаш за слобода на желбата!

На што следеше неверојатна лавина од обвинувања дека ги релативизирам работите, дека сум сомнителен, дека не сум го фатил возот на авангардноста, дека го оправдувам насилството, сè нешто во тој стил. Глупости, се разбира.

Поголема смисла има да го прогласиш Спејси за морален супериор отколку на Тричковски да му се тураш на темата за сексуалното насилство спрема жените.

Но, некој има наумено дека не е доволно да си против насилството ако не си против на негов начин. Никој не стигна да каже што е „сомнително“ (Бужаровска) кај мене и кај Денев или во што тоа ние не можеме де фатиме приклучок (Милевска, ми се чини) во борбата против насилството!

Кога познатата американска склоност кон јавни хистерии ќе фати да се пресадува на тлото на балканската духовна, културна и секаква друга провинција, тогаш ја добивате оваа кичерска поза, оваа извештаченост, оваа квазисупериорност и безпардоност, оваа умислена авангардност. А во суштина, тупава и глупава заоставштина, заробувачка интенција што го носи барјакот на слободата! Хахаха. Неќе моќи проќи!

Да резимираме. Јас и мојата Кетрин Денев не сме за релативизирање на насилството. Ние сме категорично против. Синоќа зборував со неа. Ние не сме ниту против движењето Миту. Ние сме само против деформациите во движењето, против деформациите на основната идеја, против вулгаризацијата и фашизацијата, ако сакате, на таа идеја.
Со сите овие слабости на расправата, за Македонија е важно дека темата е изнесена во јавниот простор. Вреди да се обединиме сите против сексуалните злоупотреби, апсолутно. Малку покомплексно отколку што налагаат естрадизираните холивудски стандарди. Низ развој на правните механизми за заштита, низ скапите пенали за насилниците, низ пробиви во културната матрица кои се некаков контекст што му погодува на насилството, низ економска еманципација на жената, и на мажот, се разбира, низ културен развој на провинцијата, низ премавнување на религиските ступидарии кои се стимулативни за насилството итн.

NO COMMENTS

LEAVE A REPLY