Нашиот моментум

Нашиот моментум

404
SHARE
Фото Слободен печат

Зацврстување на довербата во Македонија и јакнењето на нејзината меѓународна позиција предизвикува нервоза. Тоа е суштината на последните изјави на некои високи функционери од Србија и од Грција.

Пишува Стојан Андов

За граѓаните на Македонија и за Македонија како држава од голема важност е што почетокот на работата на владата на Заев е успешен. За жал, надлежните во ВМРО-ДПМНЕ сè уште не извлекле заклучоци и не се осознале во која улога се наоѓаат и што потребите на државата и на граѓаните од нив бараат. Тие уште се окупирани со малограѓански вештини да ја блокираат работата на Собранието со реплики, со формирање на безброј пратенички групи, со тврдењата дека СЈО е партија, а не правосудски орган – тактика што партијата ја онеспособува по најклучните проблеми со кои се соочува државата не само што не може да даде придонес тие да бидат разрешени туку прави кочници како да претставуваат некоја друга, непријателска држава кон оваа нашата. Неопходно е ВМРО-ДПМНЕ да даде придонес како опозициска партија во овие извонредно важни моменти во кои земјата е исправена пред големи предизвици.

Но, сеедно што ВМРО-ДПМНЕ и натаму прави грешки и не прифаќа да биде конструктивна опозиција која ќе биде фактор на постигнување на целите кои во времето што го живееме стојат пред државата, таа партија сепак не може да го запре овој воз што веќе тргнал. Без оглед колку некои ќе се чувствуваат погодени од работата на новата власт, мора да се истакне дека таа го држи вистинскиот курс и дека е решена да успее. Таа ориентација на Владата и темпото со кое работи ќе ѝ донесат широка и зајакната доверба од граѓаните, но и од нашите клучни стратегиски партнери во странство. Доаѓањето на Прибе и ангажирањето на други истакнати меѓународни фактори, сами за себе укажуваат дека нашата влада засега е на вистинскиот пат.

Критика и на ненаправени грешки

За иднината на земјата од исклучителна важност е Владата да ја враќа довербата во државата и во државните институции како на нашите граѓани така и на нашите пријатели во странство. Притисоците врз Владата од поедини центри што не се од опозицијата имаат улога на будно око, кое предупредува и ја потсетува Владата да се зацврсти на курсот што го зазела. Некои луѓе познати во јавноста не одобрувајќи одредени реални или од нив замислени потези на Владата, жестоко се истураат на „грешките“ на Владата, за кои сè уште не е докажано дека се направени. Колку и да имаат добра намера тие луѓе, сепак нивните инсистирања претставуваат непотребен притисок врз Владата и можат да и го одвлекуваат вниманието од вистинските предизвици со кои се зафатила.

На домашен план сигурно е дека е најважно сите овие разгранети институции во државната администрација и околу неа да се вратат во нормала. Засега може да се рече дека Владата го утврдила правецот на својата акција, а и темпото што го остварува сосема е во ред. Најнепосредни задачи со кои се соочува сега Владата се уредувањето на правосудството и полицијата, што е во тек. Што се однесува до зацврстување на линијата на промените, веќе се покажа дека ни е неопходна стручна и политичка помош од нашите пријатели, од кои засега тонот го даваат САД и Германија.

Нервозни соседи

На меѓународен план видлив е скокот на довербата на најбитните меѓународни фактори кон политиката на Република Македонија. Во најголем дел од меѓународната јавност тој тренд е поддржан, но очигледно е дека кај некои кругови, особено од нашите соседи тоа зацврстување на довербата во Македонија и јакнењето на нејзината меѓународна позиција предизвикува нервоза. Тоа е суштината на последните изјави на некои високи функционери од Србија и од Грција. Тоа беше очекувано и затоа Македонија треба да разработи прецизна програма за соочување со оваа сложена ситуација.

На меѓународен план е направен добар избор, што со помош на пошироката меѓународна заедница се гради доверба и расположение за блиска меѓусебна соработка на Македонија со Бугарија. Бугарското раководство и пошироката бугарска јавност се искажуваат како вистински пријатели на Македонија и како важни фактори на помирувањето, стабилизацијата и напредокот во меѓусоседските односи. Тие потези на Бугарија ја покажуваат оваа земја како сè позначаен фактор на Балканот, што кај некои што не се расположени за таков развој на настаните на Балканот предизвикува нервоза, со што се покажува нивната неспремност да го поддржат процесот на помирување и воспоставување на добрососедска соработка на Балканот. Важен знак за ова однесување е последниот состанок во Солун. Раководствата на Србија и на Грција како да се враќаат на оние активности што ни се познати од времето на владата на Милошевиќ и на надворешната политика на Самарас.

На меѓународен план за нас сега е важно што потемелно и поуспешно да ги средуваме домашните состојби според пржинските договори и со почит кон укажувањата дадени на Македонија од Европската Унија и САД. Истовремено со иста настојчивост треба да се заврши договорот за соработка и пријателство со Бугарија и тој да биде потпишан. За жал, потезите на високите државници од Грција и од Србија укажуваат дека Македонија ќе се соочи со некои повторувања на историјата од минатото, за кои доскоро владееше убедување и кај нас и во меѓународната заедница дека се надминати, припаѓаат на историјата, но не се живи понатаму. Таа активност особено од грчкото раководство, раководството на Македонија и целата јавност ги исправа пред некои сериозни прашања: прво, што Грција навистина сака од Македонија штом ги прифаќа времињата на Милошевиќ и на Самарас од 1991, 1992 и 1993 година и, второ, како да се добијат меѓународни гаранции дека тоа што ќе се преговара со Грција, ќе се договори со неа и ќе биде потпишано од нејзините и нашите надлежни државни функционери, навистина во практика и ќе важи и ќе се спроведува.

Внимателно со Грција

Инаку сега многумина во Македонија, но и надвор од неа се прашуваат дали воопшто има смисла да се преговара со Грција, кога таа не се држи до договореното, не се држи ни до основните документи со кои се уредени односите меѓу нашата земја и Грција какви што се Резолуцијата 817 и Резолуцијата 845 и Привремената спогодба, документи кои се на Советот за безбедност и чија основа се одлуките на Советот за безбедност.

Затоа не треба да се брза со идеите за ваков или таков наш потег особено не со идејата за референдум за решавање на спорот со името туку е потребно извесно време да потрошиме труд добро да ги проанализираме сите документи што досега беа донесувани во врска со нашите односи со Грција и оттаму да извлечеме заклучоци што е можно а што не е во силата на Македонија да се реши во директни преговори.

Во минатото имавме ваква ситуација, кога на Самитот во Лисабон 1992 година во Резолуцијата за Југославија, од Македонија се бараше да избере ново име и да го брише своето. Тогаш Велика Британија и САД констатираа дека невозможно е да се водат преговори и да се бара решение на спорот, ако позициите на двете страни не бидат рамноправни. За да се дојде до рамноправни позиции мораше да се пренесе спорот од Европската Унија во Обединетите нации итн.

Знам оти е многу значајно да го решиме спорот со Грција. Но, треба да бидеме свесни дека спорот што не сме успеале 26 години да го решиме, не е можно да го решиме за 26 дена. Затоа им препорачувам на премиерот Зоран Заев и на министерот за надворешни работи Никола Димитров да поразмислат околу овие мои дилеми и мислења и, што се однесува до спорот со Грција, да не им се случи да направат некој брзоплет потег, бидејќи во таков случај штетите би можеле да бидат долготрајни и судбоносни за нас.

NO COMMENTS

LEAVE A REPLY

17 + one =