Можно ли е чудо во Хрватска?

Можно ли е чудо во Хрватска?

427
SHARE

Високиот праг на очекувања од ЕП во голема мера е поради довербата што ја ужива македонскиот селектор со „шпански акцент“ Раул Гонзалес, но и поради други, поволни фактори кои му одат во прилог на националниот машки ракометен тим.

Пишува Милорад Стојмановски

Колку се реални очекувањата, дури и за медал, на гладната за успеси македонска спортска јавност од Европско ракометно првенство во Хрватска? Што е тоа што ги издигна на пиедестал? Ќе почне ли неизбежната смена на генерации која нужно беше одбегнувана? Кои се перспективите на македонскиот ракомет?

Високиот праг на очекувања од ЕП во голема мера е поради довербата што ја ужива македонскиот селектор со „шпански акцент“ Раул Гонзалес, но и поради други, поволни фактори кои му одат во прилог на националниот машки ракометен тим. Ракометот цела деценија го држи приматот во популарноста и оттаму и неговата одговорност да го задржи високиот рејтинг. Тој во континуитет и е меѓународно е „признат“ на СП и ЕП, два наши клуба играат во најдобрата – ЛШ, бевме организатори на ЕП за сениорки и на неколку младински првенства, наши судии делат правда на најзначајни натпреварувања, Македонец предводи комисија во меѓународната федерација… Во сивилото на другите колективни спортови кои живуркаат во пониските европски ешалони, искрата надеж за меѓународна спортска верификација на Македонија остана само во играта со топка меѓу двата шестерци.

Официјално најдобриот ракометен тренер во ЛШ за 2017 година, Раул Гонзалес македонската јавност го издигна до статус на божество. Дебито му беше одлично – обезбеди пласман на ЕП, по бледиот почеток кога црвено-жолтата селекција во квалификациите ја предводеше Лино Червар.

Токму на ова ривалство, Червар – Раул, односно Металург – Вардар, почиваше македонскиот ракометен квалитет. Да не постоеше силниот Вардар немаше да биде создаден и силниот Металург, и обратно. Некогаш беше речиси незамисливо во спортската „касаба“ наменета за екс-ју кучињата на спортската војна да дојдат шпански репрезентативци. Сега ракометниот бастион Скопје е препознатлив.

За Раул ова ќе биде деби како селектор на една репрезентација на едно ЕП. Неговите мотиви за оправдување на титулата „Тренер на годината“, како и предизвикот тоа да го потврди и со поскромен играчки потенцијал, ќе бидат големи, без разлика што налето се сели во Пари Сен Жермен. Но, за разлика од јавноста, која во него гледа чудотворец, скромниот стратег, кој на аутсајдерот Вардар лани му ја донесе европската клупска титула, за себе вели дека „не е Хари Потер“.

Искусните играчи во дресот на Македонија веќе неколку години се заедно, сега засилени со млади резерви на клупата. Повеќето ракометари сезонава имаа силни натпревари во ЛШ или во СЕХА-лигата во континуитет. Ваков состав со високи бројки на одиграни натпревари во најсилното клупско натпреварување Македонија немала никогаш. Дел од тимот што настапуваше за селекцијата „под 21“ имаше и успешно јуниорско СП зад себе, со освоено шесто место.

Според Раул, мошне важно е што на овие подготовки стручниот штаб има многу повеќе денови за уигрување на техничко-тактичките варијанти, како и два контролни натпревара од кои ефектот не беа само двете победи. Пред крајот на квалификациите летоска тоа му недостигаше на селекторот Раул, но сепак извлече поволен исход во не така лесната квалификациска група. Истото време за подготовки го имаа и противниците, но немаат сите нов селектор, кому му треба повеќе време за да ја пренесе својата ракометна филозофија на играчите. Таа веќе се препознава на теренот – се игра побрзо, со повеќе комбинации во составот и комбинаторика во играта, со поголем избор во фазата на напад и во одбрана. Што е пресудна важност за тим притиснат од бремето на годините.

Кога елитните ракометни собири ни се во близина, речиси секогаш постигнуваме добри резултати. СП 2009 во Хрватска беше наше лансирање меѓу првите 11 на светот, а петтото место од ЕП 2012 во Србија сѐ уште е нашето најголемо достигнување. Несомнено побројното присуство на македонските навивачи влијаеше врз мотивацијата и квалитетот на прикажаната игра на македонските ракометари.

Слабости ни се ограничениот избор првокласни играчи и веќе посочениот притисок од јавноста. Проблем е и просечната старост на екипата поради згуснатиот распоред на натпреварите и тешките противници. Првенството ќе покаже дали e хендикеп или предност тоа што капитенот Кирил Лазаров годинава настапува со помала минутажа во дресот на Нант. Ја загубил ли рутината или сега е поодморен за репрезентативните обврски? Неговиот авторитет, знаење и искуство се непроценливи, тој е „спиритус мовенс“ на тимот, но сепак е во 37-та година од животот. Со бремето на годините врз плеќите се и Филип Миркуловски (34), мошне важна алка во тимот, столбот на одбраната Аце Јоноски (37), па и Немања Прибак (33), Велко Маркоски (31) и Стојанче Стоилов (30). За играчи навлезени во четвртата деценија играње три тешки натпревари во само шест дена се огромен напор.

Иако помалата минутажа на капитенот Лазаров годинава во ЛШ може да биде проблем, филозофијата на Раул во нападот секако нема да се потпира само на најдобриот голгетер на сите времиња во елитното клупско натпреварување. Лазаров е и одличен асистент, оттаму многу е важно како ќе бидат расположени за игра и нашите крила и пивоти. Одбраната е клучна. Од формата на Борко Ристовски на голот, од неговите контри кон крилата, но и уиграноста со првиот бедем пред голот ќе зависат многу нешта. Оската Ристовски – Лазаров е клучот на играта цели 10 години, но Раул се обидува товарот да не паѓа на едни исти играчи и да промовира ракометари што играат во двата правца за да не мора да прави ризични летечки измени на кои беа принудени сите негови претходници.

Како и да заврши претстојното ЕП, на целиот проект треба да се гледа позитивно, поточно како на создавање на селекција за во иднина, со оглед на тоа што смената на генерации е веќе неизбежна. Таа нѐ очекува, со или без Лино Червар и Раул Гонзалес. Нивното заминување ќе покаже дали Македонија знае да ги искористи придобивките што тие ги оставаат зад себе. Се разбира, и Хрватот и Шпанецот нема потполно да заминат (Червар и како хрватски селектор дојде во Скопје за да го бодри Металург, а Раул останува македонски селектор и по преселбата во ПСЖ, каде што ќе биде шеф на стручниот штаб), но нема ни постојано да бидат тука како досега за да надгледуваат како функционира системот што го поставиле.

Неизвесно е каква ќе биде физиономијата на двата гиганта Вардар и Металург по заминувањето на ѕвездите налето и дали и со каков буџет ќе остане Сергеј Самсоненко во европскиот првак. Ако досега начинот на финансирање на двата клуба беше мошне нејасен и поврзуван со сомнителен тек на парите, една од обврските на државата е да раскрсти со сомнежите дека нивните успеси се платени од нашите пари. Финансирањето мора да биде транспарентно, а државата да даде максимална поддршка. Можеби приливот ќе биде многу поскромен отколку досега, но барем резултатот ќе биде реален, на здрави основи и нема да биде надуен балон.

Несомнено, финансискиот инпут во двата система, од кои произлегоа ракометната школа (Металург), односно европската титула (Вардар) ќе биде значително помал. Во такви услови, Ракометната федерација на Македонија ќе биде пред сериозен испит да го одржи воспоставениот континуитет на брендирање на македонскиот ракомет во меѓународни рамки. Притоа, не мислам само на присуство на А-тимот на европските и светските првенства и на трите клуба во ЛШ, туку и на создавање уште посилно национално првенство, посериозен систем во младинските категории, креирање квалитетен стручен кадар, решавање на проблемот на инфраструктурата, понатамошно лобирање во меѓународните федерации…

Законските измени со даночни олеснувања за потенцијалните спонзори на спортот и најавата на премиерот за конкретна поддршка е потенцијалот врз кој треба да се гради иднината, и тоа не само на ракометот. Со добра финансиска подлога, најдобро организираната федерација кај нас треба да го надгради досега создаденото. За да ги овенча досегашните успеси можеби не со медал, но барем со исполнување на стремежот – да се застане во дефилето, заедно со „бесмртните“, под олимписки оган.

NO COMMENTS

LEAVE A REPLY