Мора да се спасиме!

Мора да се спасиме!

446
SHARE
Фото Слободен печат

Средбите за помирување во куќата на Моне се проект на Европскиот парламент. Дури и да не се случи таму, тоа е силна порака дека нешто слично некаде ќе треба да се случи.

Пишува Мерсел Биљали

Жан Моне е човекот кого со право го викаат „Таткото на Европа“, кој лично ги доживеал двата светски ужаси за да констатира дека компромисот и мирот немаат цена. Автор е на историски проект – соработка наместо војни; разбирање наместо поделби; зближување наместо оддалечување; заеднички вредности наместо омраза; напредок наместо сиромаштија. И успеал во тоа. Тој мислел дека токму кога проблемите нè стегаат, треба да бидеме најсилни. За разлика од нашиве што секоја голема пропаст ја продавале како голем успех. Неговиот продукт – Европската Унија, на 12 октомври 2012 за својот 60-ти роденден ја доби „Нобеловата награда за мир“. При врачувањето на наградата, претседателот на комитетот Торбјен Јагланд кажа: „Војна меѓу вечните историски непријатели Германија и Франција денес е сосема незамислива“. Наместо тоа, имаме соединување, заеднички развој, разбирање и зближување меѓу нациите и државите. Полни 73 години европското семејство живее без војна и сè повеќе се оддалечува од неа.

Која било куќа

Иво Вајгл дојде кај нас точно на денот кога пред 129 години бил роден Жан Моне. Дојде поради нас, а не поради себе. Тој не донесе со себе машина со врвна технологија, со која автоматски ќе излекува болни умови на политички манипуланти, кои како вредност ги сметаат антивредностите, кои како национален интерес ги сметаат – недовербата, омразата, разорувањето и уништувањето. Средбите за помирување во куќата на Моне се проект на Европскиот парламент. Дури и да не се случи таму, тоа е силна порака дека нешто слично некаде ќе треба да се случи. Можно е и тука внатре во државава. Дури и во самиот врв на ВМРО веќе сфаќаат дека одбивачката политика што ја практикуваше водството на таа партија, државата ја доведе на колена, луѓето до европска и светска мизерија, а нив самите до зависност од средства за смирување. Сигурен сум дека ниедно црно богатство не може да ја санира таквата нивна душевна болка. Имено, ако тоа не се случи во куќата на Моне, веројатно ќе се случи некоја овдешна куќа, ако не и во самата бела куќа на ДПМНЕ. Блиски соработници веќе јавно му кажуваат на Груевски дека промените и смените се неизбежни, па дури и тоа дека идното водство ќе треба да ја ужива поддршката од меѓународната заедница.

Треба да знаеме дека тука проблемот не е во потребата за помирување меѓу случајно скарани страни. Целата технологија била сведена на неограничена власт и неограничени пари. Јасно е дека тука нема скарани страни на ниво на опции. Туку имаме скарана страна на една и законот од другата страна. А со европска логика не е можно да се помират овие две структури. Од друга страна сè уште не е откриена таква технологија за намалување на ненормалната страст во зграпчување власт и пари. Некој иден детектор можеби ќе ги поштеди луѓето од лажговци што со лажен патриотизам ќе сакаат да дојдат до огромни вистински пари.

Договор, не инает

Многу лидери го жртвувале својот рејтинг во полза на национални интереси на нивните држави. Сите тие станаа историски личности. Други завршија како кукавици и маргиналци. Нашиот проблем со Грција е обична детска играчка во споредба со нивните. А Груевски, за свој интерес дури ги срушил и тие тешко стекнати позиции со Грција. До 2005 година Европа и САД проблемот со името го третираа како билатерален и вршеа силен притисок врз Грција. Битката нивна беше пред капитулација. Но, со нашата антика на Грците им се врати силата. Проблемот од билатерален стана меѓународен. Минатата власт глорифицирајќи го минатото, ја закопа иднината. Сега тие може да не се согласуваат со овие факти, но и тие не се согласуваат со нив. А со бројните лопати само што ја погребаа вистината.

ЕУ е уморна од балкански проблеми. Таа и така има многу други проблеми – брегзит, Крим, снабдувањето со гас низ Украина, глобален тероризам, бегалци, санирање на Грција, проблеми со Унгарија. Потребно е самите да тргнеме за да бараме нивна помош. ЕУ функционира врз договор и консензус, а не како нас со инаетот на магарето пред мостот! ЕУ се градела со циклични кризи, а токму тие биле можност за докажување на нејзините политичари. Со „јас сум небитен“, Груевски во практиката се движел во спротивна насока, додека „длабинските анализи“ стануваат сè поплитки. Национализмот веќе не гарантира победа за никого. Луѓето разбрале дека може да бидат слободни само ако се робови на законот и вистината. А актуелните политичари треба да сфатат дека со добивањето власт, не треба да се загуби разумот.

NO COMMENTS

LEAVE A REPLY