А мор Светлано, сигурна ли си дека Тито ти е дедо?

А мор Светлано, сигурна ли си дека Тито ти е дедо?

1146
SHARE

Внучке, историските факти се познати: во текот на целата историја на повоена Југославија, Тито инсистира и на името Македонија и на самобитноста на македонската нација!

Пишува Бранко Героски

Сте чуле ли за Жарко Броз? Сте чуле, тоа е најстариот син на Тито. А за Светлана сте чуле? Не сте чуле. Таа е ќерка на Жарко, внука на Тито. Живее во Сараево. Кардиолог е, граѓански активист и според нејзиниот памфлет во атински „Катимерини“, публицистка која (погрешно) ја толкува политичката мисла на својот славен дедо. Кон кого ние, Македонците, имаме особена почит, бидејќи тој е неспорно заслужен за создавањето на македонската држава во 1943-1945 година.

Светлана тврди дека Тито ѝ го дал името на нашата држава – Македонија! Тешка глупост! За тоа не постојат никакви историски документи или сведоштва! Таа и сите други тези на внуката на Тито се толку неточни и контрадикторни сами по себе, што човек мора да ја праша оваа госпоѓа е сигурна дека е внука на „оној“ Тито, а не на некој фантом во нејзината глава?

Таа, на пример, вели: „Тој (Тито) никогаш не би ја поддржувал идејата за инсистирање на името Македонија“. Ма немој! Ако човекот ни го „измислил“ името, како што тврди таа, зошто „не би инсистирал“ на тоа име? Историските факти се сосема спротивни: во текот на целата историја на повоена Југославија Тито инсистира и на името Македонија и на самобитноста на македонската нација. Има безброј докази за тоа.

Внуката на Броз покажува тотално непознавање на македонско-грчките односи, тврдејќи дека е „апсурдно од делот на Скопје да се инсистира на употребата на терминот Македонија на исклучива основа“. Таа не знае дека Македонија никогаш не инсистирала да го употребува своето историско име „на исклучива основа“. Обратно е, Грција во еден период инсистираше таа да го има правото на ексклузивната употреба на тоа име. За среќа, таа приказна е завршена.

Титовата внука глуми дека е заинтересирана Македонија и Грција да постигнат компромис. Којзнае што се крие зад нејзиниот памфлет во „Катимерини“. Ние можеме само да ѝ порачаме:

Не се секирај, внучке, ќе постапиме така како што би постапил твојот мудар дедо – Македонија ќе постигне компромис, ќе прифати сложено име за меѓународна употреба, но основата на тоа име ќе биде зборот Македонија, а името на народот и на јазикот на овој народ ќе останат – македонски. Ние ќе си ги сочуваме и идентитетот и споменот на Тито.

NO COMMENTS

LEAVE A REPLY