Мало и големо, никакво (1)

Мало и големо, никакво (1)

223
SHARE

 

Јас, како професионалец, прифатив да ја следам реализацијата на делата исклучиво од сликарски аспект.

Се добива впечаток, не само пред споменичката антиквизирачка композиција посветена „Филип 2“ дека станува збор за грубо насилие врз старото градско ткиво

 

Владимир Величковски

 

Само да потсетам дека на клучката кај хотел „Континентал“ е насаден „монумент“ посветен на генерал Михаило Апостолски, понижувачка локација за една значајна личност од народноослободителната борба. Вниманието го насочувам на една поголема беда на македонскиот нов монументализам. Станува збор за комплексот скулптури кои го симболизираат ликот и фамилијата на Филип Втори Македонски, физички малку повисок од камбанаријата на македонската православна црква „Св. Димитрија“, чија ограда е тргната за да се поврзе верскиот објект со другите градби и новата античко-барокна фасада на зградите на Домот Ибни Пајко.

Скулптурите, дело на Валентина Стефановска, вајарка со ограничени способности, се поставени на висок постамент и во фонтана каде што доминираат женски фигури симболизирајќи мајчинство и заедништво, со пренагласени женски атрибути и натурализам во претставувањето (припиена облека на бујните гради и тело). Објектот на Националната галерија „Даут-пашин амам“ се изгуби опкружен од  зголемените збиени новоградби. На кејот на реката Вардар е подигнат Музејот на македонската борба, со сликарски илустрации на историски личности и настани, изработени во манир на фотографски „реализам“ (однапред одреден пристап) кои доминираат во просторот (како и восочните фигури).

Историчарите решаваа

За разлика од овие дела-дескрипции на поставката се изложени мал број оригинални музејски предмети и материјали. Концептот, во глобални црти, бил однапред подготвен и тој им беше познат на одреден круг посветени (политичари и историчари). Јас, од професионален аспект (повеќе години работев во Музеј на Македонија, на дела со историска тематика) прифатив да ја следам реализацијата на делата исклучиво од сликарски аспект, кои се моја постојана преокупација и предизвик како што е и националната историја (од   ВМРО се до поновата историја). Главните инструкции и одлуки ги донесуваа историчарите и овие (прекубројни) дела, со оглед на концептот не треба да се сметаат (бидејќи таква намера не постоеше) за уметнички дела, туку пред сè претставуваат израз на сликарска вештина. Музејот е решен во класичен дух, со елементи на модифициран традиционалистички, античко-барокен „стил“. Вкусот, сфаќањата и потребите се менуваат. Дали некој светски музеј денес би одбил вредно дело од Бугеро, Дејнека или Брекер чие творештво има идеолошка мотивација и познат политички контекст? На ист потег, во продолжение на музејот е подигнат обновениот стар Македонски народен театар со ентериерен простор кој делува стеснето и нападно  со густата „златна“ обоеност и кич украсите. Веднаш спроти овие зданија е изграден Еврејскиот музеј пред кој се наоѓа фигуративна класична композиција, со жанр сцена од трагичната историја на овој народ. Музејот е решен во модернистички дух, како и катната гаража (градби, меѓу кои има добри современи остварувања, кои добија имиња на војводи и востанија).

На платото на расцепканиот плоштад се поставени фонтани со мотиви на коњска глава и лав кои се налик на невешти, картонски декорации (што да се каже за двата пара лавови инсталирани на двете страни на мостот „Гоце Делчев“, едните изведени во реалистички манир кои можеби симболизираат сила и опстој – автор е Д. Дуковски, а другите во еден стриповски „футуристички“ манир, чиј автор е К. Јанев ?).

Фалсификување на историјата

Од фонтаните на платото погледот, за кратко се фокусира на монументите посветени на сесловенските просветители „Св. Кирил и Методиј“ и „Св. Климент и Наум Охридски“, статични фигури и типизирани ликови симнати од иконите и фрескоживописот. Одбрана е единствената фронтална визура, што значи дека од другата страна на Камениот мост (жално соголен од знаковно запаметените историски атрибути) се гледаат како темна контурна маса, само од грб. Пред скулптурите, дело на Жарко Башевски, уште еден вајар со просечен талент но занаетска подготвеност биле поставени плочки со опис и легенда, но тие се сосем уништени, што е  вообичаена вандалска практика и за други корисни предмети во нашиот урбан хаос и безредие. На други „монументи“ не е испишано името на авторот (негрижа, незнаење или срам од своето дело, што може да предизвика збрка и неточност на информациите).

Инаку, позната практика е да не се спомене името на уметникот кој го изработил монументот пред кој  се одржуваат политички говори по повод некој празник (на “Мечкин камен“, во Скопје итн.). Се добива впечаток, не само пред споменичката антиквизирачка композиција посветена „Филип 2“ дека станува збор за грубо насилие врз старото градско ткиво и инсталирање на нова просторно компонирана, бледа фигуративно предадена приказна која ве збунува и создава противречни чувства и размисли кои се однесуваат на личниот и националниот идентитет, на потребата од селективност и оправданост на споменици кои се подигнати во урбан амбиент. На овој непромислен и неквалитетен начин беа предизвикани реакции не само од граѓаните туку и од соседните земји како мешање и фалсификување на историјата и со други политички конотации.

NO COMMENTS

LEAVE A REPLY

three × 1 =