Македонци и Албанци, обединете се околу новото

Македонци и Албанци, обединете се околу новото

578
SHARE
Денко Малески
Денко Малески

Има една секвенца од сјајниот филм на Ричард Атенбороу, „Ганди“, кога таткото на индиската нација, загрижен за единството на новата држава и во обид да ја смири кавгата, бара од Нехру, како претставник на мнозинската хинду заедница, да отстапи и да дозволи Џинах, претставникот на малцинската муслиманска заедница, да застане на чело на првата влада на независна Индија. Нехру го убедува Ганди дека иако тој лично се согласува, таквиот предлог само би ги запалил чувствата на мнозинската заедница, што би довело до граѓанска војна. На крајот, во отсуство на согласност, Нехру формира влада избива крвава граѓанска војна, која завршува со создавањето на две држави – Индија и Пакистан.

Како и во индискиот случај, посакав најистакнатиот меѓу Албанците кои ја подготвија Платформата, да застане на чело на идната влада и да се обиде низ демократскиот процес да ги спроведе напишаните заложби. Тоа, се чини, е невозможно. Зошто? Заради темите запишани во неа. Имено, зголемениот интензитет на етничкиот национализам кај едната страна, го зголемува интензитетот и на другата страна. Имено, заедничкиот именител на нашата политичка култура, како кај Албанците така и кај Македонците, е силниот интензитет на етничкиот национализам со неразвиени граѓански вредности кои ги бришат или ги ублажуваат етничките поделби. Такви, конечно, се и мнозинството наши политичари ширум етничкиот спектар. Но, што ќе се случеше албанските партии да се обединеа околу извештајот на Прибе и ништо повеќе. Околу идејата да направиме правна држава и систем на владеење под демократска контрола како дел од тешката задача на грањене нови демократски државни структури. Ќе беше ли тогаш можен Албанец за премиер?

Се разбира.

Сакам да речам дека, во политика, моите размислувања кои ги споделувам со други интелектуалци, дека нема ништо страшно во Платформата на албанските партии или изјавата на премиерот на Албанија дека албанските политичари во Македонија не се борат за фотелји, се ирелевантни, немаат значење. Во првиот случај, независно од тоа како јас лично ја доживувам, Платформата, во време на составување влада, објективно ја префрла дебатата од темата за корупцијата и злоупотребите на власта, изворот на нашата сегашна длабока криза, на омилената националистичка тема: за оние што сакаат да ја поделат државата и оние што сакаат да ја одбранат нејзината целовитост. Ако дебатата што следува продолжи примарно во таа насока, ќе отпочне забрзано да се врти спиралата на етничка хомогенизација и ете ви го назад „на голема врата“, бранителот на нацијата. Што се однесува до фотелјите на Рама, да нема сомневање, сите се борат за фотелји, макар и само за да можат да му сторат добро на народот, ќе ви речат.

Како млад министер за надворешни работи, на еден заеднички ручек кај претседателот Глигоров со американскиот амбасадор Цимерман, ја добив една од првите политички лекции. На моите учени објаснувања за корените и решенијата на кризата во Југославија, амбасадорот, и самиот подоцна професор, ми рече дека со својата аргументација би победил на некоја научна дебата. „Но, ова е политика“, заклучи со блага насмевка. Настаните што доведоа до најголемата катастрофа во Европа по Втората светска војна покажаа колку грешев. Распадот на Југославија не се должеше толку на историските омрази меѓу народите колку на отсуството на граѓански вредности и идентитети што ќе ја направеа етничноста само еден од конкурентските идентитети.

Плусинфо

Денко Малески 

NO COMMENTS

LEAVE A REPLY