Македонски фудбалски ТВ-екран

Македонски фудбалски ТВ-екран

212
SHARE
Атанас Костовски
Атанас Костовски

Анализи на колото, особено на дерби-натпреварот, спорните моменти, најубавите голови и моменти, гости во студиото… нема ниту во една програмска ТВ-шема.

Сега кога телевизијата може да биде присутна во секое време секаде, македонскиот фудбал заслужува поквалитетен и посодржаен пристап од телевизиите.


Атанас Костовски

 

Во времето кога ги немаше кабелските оператори, телевизиската спортска, а тоа значи и фудбалска понуда, беше многу поскромна. Националните фудбалски сојузи (федерации) преку УЕФА го заштитуваа својот производ, постоеше договор со кој на телевизиските станици им беше забрането во времето на одигрувањето на натпреварите од државното првенство да преземаат директни телевизиски преноси од кое било странско првенство! Договорот куќа гради, членките на УЕФА мислеа дека на овој начин се овозможува поголема посета на натпреварите од националните фудбалски првенства. Кај нас тоа се почитуваше сè до моментот на појавата на приватните телевизии, интересите тогаш бргу се испомешаа, не постоеше расположение за почитување на напишаното во некои си „хартии“ на УЕФА.

Пробирливи гледачи

Сега со новосоздадената поволна фудбалска клима во нашата Македонија, домашниот фудбал заслужува поголема телевизиска поддршка од јавниот сервис, но и од комерцијалните телевизии, особено од оние со национални концесии. По зголемената заинтересираност за фудбалот по спектакуларниот двобој меѓу Реал Мадрид и Манчестер јунајтед во рамките на Суперкупот 2017, потоа пласманот на Вардар во групната фаза на Лигата на Европа, успешните игри на Шкендија на европската клупска сцена и, конечно, добрите резултати на „А“ и на младата репрезентација на Македонија против Израел, Албанија и Ерменија, сега со право се очекува многу поголема и позабележителна фудбалска минутажа на македонските телевизии.
Го изгледав преносот на ТВ Нова од натпреварот Вардар-Силекс 3:1. Видов празни трибини, но и добар фудбал! Добро, утре, кога екипата на Зенит ќе гостува во Скопје, трибините ќе бидат исполнети на сите четири страни, тоа е натпревар за историјата на македонскиот фудбал – премиерен настап на македонски фудбалски клуб меѓу европските клупски фудбалски великани! Вардар ќе има забележителна посета и на средбите со Реал Сосиедад и Розенборг, но основниот проблем допрва останува за решавање – како скопскиот, македонскиот, пробирлив фудбалски навивач конечно да се реши да ја консумира, во што поголем број, домашната, македонска фудбалска понуда. Како во старите добри фудбалски времиња.

Невидливи терени

За поздравување е, домашниот фудбал се враќа на ТВ! Фудбалската федерација на Македонија има договор со „Продукција Скендеровски“ за телевизиско покривање на сите прволигашки натпревари, се снима и по еден дерби-натпревар од двете втори лиги, сето тоа може да се следи на веб-страницата на ФФМ. Најдобро од сè е што еден натпревар од секое коло директно го презема ТВ Нова – саботниот натпревар Вардар-Силекс беше вистински погодок!
На тема нашиот фудбал и телевизијата сум пишувал неколкупати, особено кога на јавниот сервис (па и ден-денес) не може да се види ниту еден гол од македонските прволигашки терени! Фудбалот не е само директен телевизиски пренос, сега кога ТВ може да биде присутна во секое време секаде, македонскиот фудбал заслужува поквалитетен и посодржаен пристап од страна на нашите телевизии. Специјализирани емисии пред и по одиграно прволигашко коло – сега и двете втори лиги, поради составот имаат прволигашка привлечност – нема ниту во една програмска ТВ-шема. Анализи на колото, особено на дерби-натпреварот, спорните моменти, најубавите голови и моменти, гости во студиото… Воведување ваква емисија, особено сега кога „Продукцијата Скендеровски“ ги нуди телевизиите, бездруго ќе придонесе за зголемување на интересот за купување (гледање) на домашниот производ (фудбал). Последните резултати едноставно повикуваат – ајде да гледаме домашен фудбал!

NO COMMENTS

LEAVE A REPLY