Лекот е петпари ако го знаеш

Лекот е петпари ако го знаеш

623
SHARE

Ако не се реагира навреме, постојано и во секоја непријатна прилика, политичкиот капитал на секоја власт, колку и да е голем, се топи како снег на сонце…

Пишува Жарко Јорданоски

Имам чувство дека нашава нова влада има голема екипа за таканаречени „односи со јавноста“, а самата многу малку влегува во такви „осноси“. Што би се рекло, не е доволно „реактивна“.

Еден бесплатен совет за неа – фамозниот „пи-ар“ не се прави со перење мозок на народот, со ангажирање ботови и армија портпароли, туку со конкретни чекори, потези – како во шах. На секоја акција мора да следува соодветна реакција (само не вербална).

На пример – некој е фатен со рацете во медот, дрпа од државните пари (авантуристот, „диковците“, неколкумина што арчеле без мера по кафеани), јавноста дознала и се скандализирала. Чаре? Мора да биде разрешен или „кандисан“, да се повлече со глупаво образложение, и – угледот на Владата се реставрира, колку-толку.

Исто важи и со министри и други високи функционери што влечат негативен „одиум“ за власта. Реконструкциите постојат за тоа – Владата повремено мора да пушти (своја) „крв“, за да не се акумулира премногу отров, и по правило на оние позиции каде што таа негативна енергија најмногу ја има. Тоа не мора да значи дека најнепопуларните министри нужно се и најлошите и најнеспособните, но со такви „жртви“ мора да се оперира.
Ако не се прави така, постојано и во секоја непријатна прилика, политичкиот капитал на секоја власт, колку и да е голем, се топи како снег на сонце.
Власт што не размислува така, туку повеќе се грижи нејзините експоненти да се чувствуваат заштитени и презаситени, се соочува со проблем при следните избори. Тогаш, бидејќи е доцна да се врати угледот што долго време расипнички се трошел, обично се нема време, па се посегнува по експресни решенија – клиентелизам, притисоци, закани, дубари…
Во таква замка паднале сите досегашни власти. Зошто мора туѓите лоши искуства да се повторуваат? Лекот е болен, но единствен, исправен – јавна осуда, разрешувања, оставки, смени, реконструкции. Така се праќа порака кои се новите правила на игра. Поарно порано отколку подоцна…

NO COMMENTS

LEAVE A REPLY