Колку да се знае!

Колку да се знае!

486
SHARE
Бранко Героски
Бранко Героски

Македонија беше „антифашистичка“ и кога малкумина се осмелуваа да зборуваат за фашистичката природа на режимот на Никола Груевски.

Бранко Героски

Во право е професорот Ѓорги Спасов, кога вели дека идентитетот на нашата држава е антифашистички. И кога предупредува дека жртвите на фашизмот во последнава деценија беа омаловажувани со приказните дека едно ропство, „фашистичкото“, било заменети со друго, „комунистичкото“.
Но, не е во право Спасов кога додава дека „денес сите носиме по малку вина што го дозволувавме тоа“. Се надевам дека нема да оди на контото на мојата извикана „суета“, но морам да кажам – сепак, не сите!
Ќе потсетам само на една група луѓе, кои речиси пред цела деценија, предупредувавме дека во Македонија се раѓа фашизам. Бевме здружени во иницијативата Граѓани за европска Македонија и низ целата земја зборувавме за фашистичката природа на режимот на Никола Груевски. Покојниот Роберто Беличанец го употребуваше зборот „протофашизам“. Во една прилика, американски дипломати, со кои седнавме на муабет, на Владимир Милчин и мене ни забележија, да не речам нè „искараа“, затоа што груевци сме ги нарекувале фашисти.
Освен нас, се разбира, имаше и други што пишуваа и говореа за фашистичката природа на тој режим. Затоа, можам да кажам дека антифашистички идентитет секогаш беше дел од нас, дури и кога малкумина се осмелуваа да говорат за фашистичката банда на Груевски. Но, секако има потреба енергично да расчистиме со обидите современа Македонија и понатаму да се прикажува како дело на „антикомунисти“, кои својот идентитет го изградиле врз наративот на еден ординерен фашистички квислинг, каков што е Ванчо Михајлов.
За почеток, треба да се почне од Музејот на ВМРО. Не да се „додаваат“ артефакти за Шарената револуција (комична идеја на Васко Лазаревски), туку од Музејот да се исфрлат фашистите и вистинските предавници на Македонија. За почеток, спомнатиот протеже на Анте Павелиќ. Поради нив јас никогаш не сум влегол во таа зграда на македонскиот срам.

NO COMMENTS

LEAVE A REPLY