Ќе издржат ли Шутка и Ромите во Македонија?

Ќе издржат ли Шутка и Ромите во Македонија?

794
SHARE

Сојузот на Ромите, како најголемата ромска партија, се уште е во коалиција со ВМРО ДПМНЕ и се чини дека Амди Бајрам заборави на својата радиоактивна теза дека „Ромите се секогаш со власта“.

Повеќето ромски лидери се политички кукавици и стравуваат од силно и големо политичко дејствување, додека пак невладиниот ромски сектор располага со индивидуалци кои слободно можат да станат алтернатива на моменталното клиентелистичко лидерство.

 

Мартин Демировски

 

Пред неколку дена слушнавме и видовме дека Елвис Бајрам, актуелниот градоначалник на Шутка, бил претепан на своја територија. Сите знаат дека Елвис Бајрам е син на сениорскиот политичар Амди Бајрам, кој пак на изборите во 2.000- година исто така беше истепан и примен во болница. Тажна судбина… Но, тепачките во Шутка не се ништо ново. Такви случаи имало на скоро сите изминати избори. Тепачки и закани имало и на самиот ден на изборите, а богами многу повеќе за време на кампањите. На МВР и набљудувачите останува да евидентираат и информираат за тоа кој, колку и како тепал.

Договор за услуга

Мене лично, повеќе од тепањето ме вознемирува апсурдното делување и пубертетот на ромските политички лидери во Македонија. Ромските политички партии во Македонија во голема мера се соочуваат со кусогледост и опортунизам. Тие подолго време делуваат корумпирано и диктаторски, можеби затоа што соработувале со еден таков режим. За жал, се повеќе се конзервативни наместо либерални или социјалдемократски ориентирани. Многу им недостасува познавање и почитување на демократските принципи за водење на една партија.

Со ваква комплексна дијагностика, тука се за да креираат и имплементираат политика и политики за својата етничка заедницата, а всушност во практика се само инструмент на големите партии за апсорбирање на ромски гласови. Таквите ромски партии, кога учествуваат на избори, често се спонзорирани од големите македонски партии и се потпираат на „договор за услуга“, а не на исполнување на стратешките политички цели на заедницата. Активирани да играат на таква сценографија и со таква костимографија, прашање е колку простор и слобода имаат да ја играат ромската драма до крај, ако земеме предвид дека режисерот не почитува многу актерска слобода и креативност.

За поткрепа, може да го анализираме однесувањето на Сојузот на Ромите кон ВМРО ДПМНЕ. Сојузот на Ромите, како најголемата ромска партија, се уште е во коалиција со ВМРО ДПМНЕ и се чини дека Амди Бајрам заборави на својата радиоактивна теза дека „Ромите се секогаш со власта“. СДСМ, пак, со својот нов „mainstreaming“ пристап за вклучување на етничките заедници во својата партија, избра ромски членови и лидери како Курто Дудуш и Геге Демировски, кои се политички аналфабети, ризични и за самиот СДСМ. Тука слободно може да се спомене резултатот од коалицијата СДСМ-ПЦЕРМ и назначувањето на Самка Ибраимовски за министер, кој што лично мислам дека има одлични вештини за пратеник, а помалку за министер.

Лидери и кукавици

Прашањето кое се наметнува е дали вклучувањето на некомпетентни и несоодветни ромски кадри/лидери и коалицирање со квази-ромски партии е евентуално случајно? Лично, се сомневам дека е случајно, нo и не мислам дека е некоја теорија на заговор против ромскиот народ.

Причините за ваков начин на политичка вклученост на Ромите лежат кај двете страни. Повеќето ромски лидери се политички кукавици и стравуваат од силно и големо политичко дејствување, додека пак невладиниот ромски сектор располага со индивидуалци кои слободно можат да станат алтернатива на моменталното клиентелистичко лидерство.

Истото е и со некои образовани Роми и ромската дијаспора, кои се докажани на просторите каде што живеат. Значи, возможно е, ама треба да се сака да се излезе од комфорната позиција на критикување и да се тргне „во име на нацијата“.
На другата страна, на големите македонски партии им е потребен нов договор со етничките заедници за градење на доверба и соживот, затоа што актуелниот договор не дава добри резултати и себичноста на етничките заедници е се помалку поднослива. Искрено, го почитувам новиот пристап на СДСМ за „mainstreaming“ на етничките заедници во нивната партија, но како и да е тука има уште многу што да се додава и дошминкува за тој да стане ефикасен. Процесот на правилен „mainstreaming“ на соодветни кадри и лидери од етничките заедници ќе стане здрава конкуренција на досегашниот етнички принцип на вклучување и делување во Македонија.

Та нели сите велат каде што има конкуренција – има и квалитет. Па така македонскиот народ ќе може да ги увиди и почувствува способностите на ромската заедница која ќе треба да се стави во корист на самите Роми и на државата каде што живеаат.
Заедно сме посилни!

(авторот е поранешен парламентарен советник за ромски и малцински политики во Европскиот парламент и поранешен аналитичар за ромски политики на Европска Унија во OSEPI, Брисел)

NO COMMENTS

LEAVE A REPLY