Кандидати за новата влада

Кандидати за новата влада

794
SHARE
Слободен печат

Дали воопшто има такви, дали може да се најдат и каде, ако ги има и ако ги најдат, дали тие би прифатиле и под кои услови нема што ние да се секираме. Наше е, колку што можеме, да помогнеме при изборот. Да не биде после не сме кажале.

Пишува Злате Лозановски
Најдобро е сега да се состави најдобра влада, што ќе ја води најдобрата политика и што ќе ја извади Македонија на најдобар пат. Конкретно, тоа значи во новиот владин кабинет да влезат најдобрите поединци што постојат. Треба да се внимава, зашто сега ќе почнат да се нудат секакви и од сите страни.

Затоа е клучно да се знае дека ни требаат само врвни стручњаци со висок просек, со неспорен авторитет и во својата струка и воопшто во пошироката јавност. Луѓе што се докажале како високоморални личности со интегритет, кои не ни знаат што е тоа полтронство, кои никогаш не рекле „да, шефе“ и не останале неми пред неправдата; кои никој не може и не се ни осмелува да ги поткупи со пари, привилегии и награди, ниту тие би помислиле со мито да завршат некоја работа; луѓе обележани како борци за правда, бескомпромисни кога е во прашање остварувањето на високите цели, на државниот, односно заедничкиот интерес; тајни донатори, мецени и ктитори, а јавно признати како големи хуманисти; неверојатно чувствителни особи кои никогаш, ни по грешка не згазиле ништо, ни едно цвеќе, ни мравка (пред да излезат надвор врзуваат ѕвончиња на чевлите како мерка за рано предупредување на се што лази); кадри кои од чист патриотизам, од исконска љубов кон заедничката татковина и на сите што живеат во неа – без разлика на пол, вера, националност и партиска припадност – решиле во наредните четири години (најмалку) наместо на довршување на своето светско си-ви да почнат да работат – па, речиси бесплатно – на поправање на домашното библиско сивило.

Дали воопшто има такви, дали може да се најдат и каде, ако ги има и ако ги најдат, дали тие би прифатиле и под кои услови не е на нас да се секираме. Наше е, колку што можеме, да помогнеме при изборот. Да не биде после не сме кажале.

NO COMMENTS

LEAVE A REPLY

3 × four =