Интелектуалци… како змии се провираат низ системот и му служат само на...

Интелектуалци… како змии се провираат низ системот и му служат само на сопствениот интерес

494
SHARE
Фото: Борче Поповски

Сончогледи… кокетираат со секоја власт, ама баш со секоја. И мизеријата од сопственото полтронство ја бранат со неутралност и објективност, кои не ги поседуваат и немаат намера да ги поседуваат.

Не им е грижа што нивниот колаборационизам и послушно лижење чизми на политичарите и бизнисмените служи како апологија на криминално и насилничко владеење.

 

Џабир Дерала

 

Абер да се немало од животот. Академски титули наредени уште од минатиот систем, кога навистина се учеше во образовните институции. За бадијала. Но, очигледно е дека немаат ништо научено и тогаш кога можело нешто да се научи. Мажиња со бели коси или оќелавени, жени, повеќето теткосани и заоблени како крофни, владеат со просторот.

Нивниот ден не е едноставен. Зујат наоколу за да го задржат тоа што го имаат. Потоа, се посветуваат на тоа да отворат уште некоја врата каде што има уште повеќе мрсни придобивки, но не одбиваат ни трошки. Многу енергија трошат за да му забијат нож в грб на секој што е пред нив со светлосни години.

Вредните чистачи на изметот на режимите
Држат по најмалку три-четири позиции. Една-две во образовните институции, па местенце во некој борд, па невладина организација, па бордови во влада… Уживаат во тоа да се продадат како експерти, секаде каде што за тоа има можност. Упорни се и во објавување трудови надвор од земјата, за да мавтаат со тоа дома и уште поскапо да се продадат.

Повеќето се националистички гомца, а своите позиции ги бранат со комплицирани флоскули што ни самите не ги разбираат. Бескрајно им завидуваат на младите и одважни умови. Ги оцрнуваат кај стигнат, а најмногу во коментари на Фејсбук.

Сончогледи… кокетираат со секоја власт, ама баш со секоја. И мизеријата од сопственото полтронство ја бранат со неутралност и објективност, кои не ги поседуваат и немаат намера да ги поседуваат. Во својата суштина се опскурни бирократи.
Ова не е ново за интелектуалните елити насекаде. Најчесто, тие се вредните чистачи на изметот на режимите. Орвел кажал: „Некои идеи се толку апсурдни, што само интелектуалци можат да веруваат во нив.“ Јас би додал – сакаат да веруваат, бидејќи така им одговара.
Да, тоа е интелектуалната елита на оваа земја
Не им е грижа што нивниот колаборационизам и послушно лижење чизми на политичарите и бизнисмените служи како апологија на криминално и насилничко владеење. Не ги допира тоа што режимот убива луѓе, некои побавно, некои побрзо. Не ги погодува тоа што мрсните газди експлоатираат и убиваат, им се разболуваат работниците, паѓаат од скелиња, машините им ги отсекуваат прстите или гладуваат.

Не. Тие пишуваат рекламни текстови или монографии за политичарите и бизнисмените. Се борат за подобра позиција во нивниот видокруг. Еден од ваквите квазиинтелектуалци стаса и до претседателска фотелја и пресреќно раскажуваше како му намигнал на американскиот претседател.

Како змии се провираат низ системот и му служат само на сопствениот интерес. Одговорноста пред јавноста и општеството длабоко ја презираат. Тоа за нив е глупост, но и добра обланда.

Ете, тоа е интелектуалната елита на оваа земја. А прекрасни, млади и супер талентирани и креативни луѓе работат по шанкови, или одат во белиот свет да си ја бараат среќата.

NO COMMENTS

LEAVE A REPLY