Груевски и Ахмети бараат реванш!

Груевски и Ахмети бараат реванш!

998
SHARE
Бранко Героски
Бранко Героски

Целта на организирањето нови избори ќе биде дерогирање на волјата на избирачите за промени, јасно изразена на декемвриските избори.

Во искушение сум да ги препечатам вчерашната и претходните две мои колумни објавени на ова место, во кои отворено се сомневам дека Али Ахмети ќе го поддржи Никола Груевски во намерата да се организираат нови предвремени избори, со цел двајцата најголеми губитници да се вратат „на голема врата“, односно на единствениот начин на кој беа навикнати да победуваат – со нова изборна кланица.

Но, нема потреба од таков его трип. Во својот последен јавен настап, Ахмети потврди дека размислува за нови избори. Со тоа, безмалку, е кажано сè. Обелоденет е и планот и скриената намера на платформата на албанските политички партии скроена во Тирана. Ахмети, токму како и Груевски, не може да се помири со тешкиот пораз на изборите и бара реванш.

Слушам, некои луѓе оптимистички најавуваат уште поголема победа на опозицијата на евентуалните нови предвремени избори. Аргументите во поткрепа на овој оптимизам се прилично тенки – новите избори ќе ги организирала техничка влада, ќе биле фер и демократски и под силен мониторинг на меѓународната заедница. Предупредувам дека таквата теза е фатална грешка. Да повторам, целта на организирањето нови избори, ќе биде дерогирање на волјата на избирачите за промени, јасно изразена на декемвриските избори.

Дури се сомневам дека Груевски и Ахмети ќе се приклонат кон наједноставниот начин за реализација на нивниот валкан план – ќе формираат влада со мнозинство од 61 пратеник, можеби дури и со поддршка од другите албански партии, влада на која ќе ѝ ја доверат задачата да ја организира новата изборна кланица. А платформата? Како и многу други платформи и договори, ќе заврши како употребена тоалетна хартија.

Не ме разбирајте погрешно, ве молам. Не убивајте го гласникот. Јас само сакам да ви кажам што се мота во главите на предводниците на режимот. Ако пружиме силен отпор, тој план ќе пропадне. А ако сепак планот се оствари, тогаш ќе знаеме барем една работа – дека Груевски и Ахмети имаат поддршка од меѓународниот фактор и дека ние сме пуштени низ вода.

Бранко Героски

NO COMMENTS

LEAVE A REPLY

13 − five =