Гласај локално, мисли централно

Гласај локално, мисли централно

275
SHARE
Слободен печат

Дури и да се остварат сите ветувања на сите кандидати, Македoнија ќе остане руина, ако проект над проектите на гласачите не им е заминувањето од политичката сцена на обвинетите за злосторничко здружување.

 

Злате Лозановски

Штета што кандидатите за градоначалници, односно лидерите на нивните партии, од некоја сега веќе непозната причина мора да ветуваат сè и сешто. Односно да се закануваат дека ќе изградат нови – веројатно е потешко (сфатливо) да градат стари – улици, тротоари, водоводи, канализации, пречистителни станици, паркинзи, паркови, станови, болници, игралишта… да набројуваат сè што можело да им падне напамет. Не толку на гласачите, колку на нивните пи-ар агенции. Навистина штета, зашто најголем број од „проектите“ се неостварливи ни во лабораториски, камоли во македонски услови. И, поважно, не само врапчињата, туку сите знаат дека целта на локалните избори – најважната, ако не и единствената – не е општинската, туку централната власт.

Но, еве, дури и да се остварат сите ветувања на сите кандидати за градоначалници заедно (без разлика на нивнатa национална, верска и партиската припадност), тоа нема да донесе ништо ново, уште помалку добро за Македонија. Таа и понатаму ќе остане руина, некакво градежно неизградено земјиште, ако прв приоритет, проект над проектите, на гласачите не им е  дефинитивното заминување од политичката сцена на обвинетите за злосторничко здружување, на осомничените за тешки кривични дела, меѓу кои најистакнат е лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски. Ако, после сè, повторно загризат на неговите мамки (последна е таа за бесплатен здрав оброк за учениците од прво до петто одделение во сите училишта низ државата), ако не сфатат дека единствен услов за да почне нова ера е конечно да заврши неговата кариера. И, најважно, ако со резултатите од гласачките места не покажат дека заврши бескрајната приказна – негова и на неговите репликанти.

NO COMMENTS

LEAVE A REPLY