Генетичарот

Генетичарот

527
SHARE

Националниот идентитет нема врска со генетиката и не се докажува со генетски тестови. Иако многу Македонци така „докажуваат“ дека се „антички“.

Пишува Бранко Героски

Извесно момче со име Димитар Џундев, кое, според неговиот профил на Фејсбук, студира во Минхен, вака го коментира мојот текст во кој тврдам дека ние, современите Македонци, немаме идентитетска врска со античките Македонци. Цитирам:

„Јас сум генетичар и директно работам на проучување на нашето антички потекло, а сето тоа е платено од државни пари на Данска, Германија, Русија и на ЕУ. Користам најсовремена технологија за истражување на ДНК земена директно од гробовите на античките Македонци, а истражувањата ги вршам во Центарот за геогенетика во Копенхаген. Слично истражување правев и во Руската академија на науките (за што бев стипендист на баварската влада). Сите досегашни генетски испитувања што се објавени, покажуваат дека ние не сме Словени. А научниот тим од Руската академија на науките заклучи дека Словените имале само културно влијание врз сите простори што ги населиле, а многу мало генетско. Тоа значи дека ние како народ не потекнуваме од Словените. Како може ти да знаеш, а сите ние да не знаеме? Ај, те молам, објасни ми како може ти да се правиш попаметен од Руската академија на науките? Кој си ти да коментираш за генетика? Кое образование го имаш ти? Може ли да ми ја покажеш јавно твојата диплома за завршено образование по генетика? Јавно те повикувам да прикажеш научни биолошки докази за твоето тврдење…“

Итн, итн, итн… Младиот Џундев, кој не заборава да ме обвини за „југословенски фашизам“ (?!), ми нуди бесплатен генетски тест за моето потекло, под услов јавно да го покажам резултатот. Момчето веројатно не знае, или заборавило, дека некаде во деведесеттите, повеќе Македонци од Македонија (не баш од гробовите, туку главно од вмровските дувла) правеа такви тестови и докажуваа дека се „антички Македонци“, ама делумно и Азијати, Африканци и што ли уште не. И сето тоа пресметано во проценти.

Верувам дека дечково е добар генетичар, но пред тоа мора да научи една основна работа – феноменот на националното не е биолошки! Националниот идентитет нема врска со генетиката и не се докажува со генетски тестови. Тоа се учи во една друга гранка на науката, која се вика филозофија. Она што е тажно е што сè уште има многу Македонци што тоа не го разбираат и кои сакаат да веруваат во приказната дека се директни потомци на Александар. Верувајте, тој тажен факт не треба да се потценува.

ПС. Не сум заинтересиран за генетски тест, бидејќи знам кој сум, што сум и од каде потекнувам. Но, ако младиот Џундев сака да вежба, со задоволство би му пратил примерок од крвта на мојот расен аљаски маламуд, за да го утврдиме неговото генетско потекло. На моменти, кога ме гледа со неговите умни очи, помислувам дека има некаква врска со шимпанзата во Африка.

NO COMMENTS

LEAVE A REPLY