Евтино мајтапење

Евтино мајтапење

354
SHARE

Бесплатното возење, доколку и понатаму се применува како мерка, може да се воведе среде ден, но никако и да се прекине на тој начин, а особено не кога луѓето се враќаат од работа.

Пишува Анета Стојковска

Бесплатниот градски превоз, како една од интервентните мерки за намалување на загаденоста на воздухот, зимава беше воведен двапати, по ден и пол. Ќеф им направи на оние што и вообичаено користат автобус за движење низ Скопје, па дури и на некои од граѓаните што тешко се разделуваат од сопствениот автомобил, ова им беше повод да се провозат со автобус.

Сепак, по она што се случи во автобусите во средата попладне, ретко кој ќе гледа на мерката како добредојдена сѐ додека градската власт и ЈСП „Скопје“ не ги усогласат активностите.

Граѓаните што се затекнаа во возилата на јавниот превоз во 16 часот беа непријатно изненадени кога возачите преку разглас им соопштија дека – бесплатното возење завршува во тој момент и сите треба да си ги „исчукаат“ картичките. Експресната одлука на ЈСП предизвика жесток револт кај патниците, особено кај оние што воопшто немаат картичка и кои го послушале советот на градскиот татко наместо автомобили да користат автобус. Во меѓувреме, Шилегов соопшти дека бесплатното возење завршува наредниот ден, па ЈСП излезе со ново соопштение дека, еве, пушта срце скопјани да не користат картички до полноќ. И додека едни валидатори работеа, а други не, додека едни граѓани плаќаа, а други не – не стивнуваа реакциите дека ова е всушност – мајтапење со народот.

Затоа градоначалникот Шилегов и градскиот превозник треба да седнат и да си ги договорат чекорите во иднина. Бесплатното возење, доколку и понатаму се применува како мерка, може да се воведе среде ден, но никако и да се прекине на тој начин, а особено не кога луѓето се враќаат од работа. Инаку, џабе ќе се најдобрите намери доколку некој не знае да ги реализира. Особено кога тие ќе им се скршат од глава на граѓаните.

NO COMMENTS

LEAVE A REPLY