Епитаф за државата Македонија 

Епитаф за државата Македонија 

328
SHARE
Злате Лозановски
Злате Лозановски

Ако продолжи да се зборува дека Ѓорге Иванов се става „над формалното право“ за да ги штити националните, а не интересите на криминалците од злосторничкото здружение на власт, тогаш наскоро нема да се зборува ни за Македонија. И – со право.

Стана премногу тешко, ако не и невозможно, да се каже што зборуваме кога зборуваме за Македонија. Како за држава, пред сè. „Погрешно е да му се забележува на претседателот дека не може да прави што сака и дека треба да го даде мандатот…Неговата одлука е далеку од своеволие или инат, во неа имате оценка што се повикува на важноста на државните приоритети и нивната надреденост во однос на формално правното. Не може во овој случај правно позитивистички да се гледа на тоа дали е исполнет условот за добивање мандат за составување влада. Има секогаш нешто што е над формалното право. Националните интереси се токму такви“, вели, меѓу другото (поточно, меѓу истото) во интервју за „Курир“ професорот, социополитичкиот аналитичар Бранислав Саркањац.

Ако продолжи да се зборува вака како што сугерира авторот на студијата „Македонски катахрезис – како да се зборува за Македонија“, тогаш да заборавиме на сè што се кажало (од Аристотел до сега) во врска со законите и државата. На тоа дека законите мора да се почитуваат, ако сакаме да бидеме дел од цивилизираниот свет; дека таму каде што не се почитуваат највисоките закони станува збор за приватна држава во која наместо закони владеат моќници, криминално збогатени, злосторнички осилени и убедени дека можат да прават што сакаат. Да заборавиме дека самоволието на претседателот значи анархија во која се животно загрозени сите граѓани, вклучувајќи ги оние што го поддржуваат. Ако продолжи да се зборува дека Ѓорге Иванов се става „над формалното право“ за да ги штити националните, а не интересите на криминалците од злосторничкото здружение на власт, тогаш наскоро нема да се зборува ни за Македонија. И – со право.

Злате Лозановски

 

NO COMMENTS

LEAVE A REPLY

5 × four =