Државните невистини за св. Климент

Државните невистини за св. Климент

564
SHARE
Фото Слободен печат

Севкупното дело на св. Климент, нема тесен, еднонационален, туку има икуменски размер и во себе ја содржи сета широчина на ромејството.

Пишува Давид Нинов

Минатата година бев поканет во Р. Грција, да одржам предавање по повод 1100-годишнината од упокоението на св. Климент Охридски. И денес, воочи неговиот празник, јадровито ќе се осврнам на тоа што го говорев во Верија, во однос на историските искривувања, поврзани со името на оваа неодминлива личност од нашето минато.

Првото искривување е аматерскиот став на непризнатата МПЦ, дека, како што самите се изразуваат, МПЦ била: обновена светиклиментова Охридска архиепископија и црква! Во учебникот од кој учат богословите на МПЦ, пишува: „св. Климент е основоположник на денешната Македонска православна црква“ (Јован Белчовски, „Историските основи за автокефалноста на МПЦ“, стр. 12, Скопје, 1990). Покрај многуте други, ја наведувам само оваа референца, за јавноста одблизу да се запознае со тенденциозното фалсификување на историјата и конфликтот, кој оттаму произлегува при стручната соработка со онаа јавност кај нас и во светот, која не подлегнува на изопачувањата.

 Епископ велички

Но, да видиме што велат историските факти! Кога кнезот Борис Михаил го испраќа св. Климент да учителствува во Кутмичевица, се разбира, св. Климент сѐ уште не бил епископ. Научните истражувања покажуваат дека дури после барањето на бугарскиот цар Симеон, за поставување архијереј од словенско потекло, Вселенската патријаршија формира нова епископија, со име: Величка. Таму за прв епископ го поставува св. Климент, кој за време на својот живот единствено ја имал титулата – епископ велички (Αγγελική Δεληκάρη, «Η Αρχιεπισκοπή Αχριδών κατά των μεσαίωνα», стр. 82, University Studio Press, Θεσσαλονίκη 2014). Значи, сите научни истражувања се сложуваат дека св. Климент епископот велички, се упокоил на 27 Јули 916 година. Исто така, непобитен научен факт е дека Охридската архиепископија е основана во 1018 г., од византискиот император Василиј Втори Бугароубиец, и оваа архиепископија имала своја автономија во канонската јурисдикција на Вселенската патријаршија (Иван Снегаров, „История на Охридската Архиепископия“, Том 1, стр. 52 – 63, Академично издателство Проф. Марин Дринов, София, 1995). Како е возможно св. Климент да биде основоположник на МПЦ, кога од датумите е очигледно дека тој се упокојува цел еден век и две години пред основањето на Охридската архиепископија, чии архиепископи, патем речено, во најголем број, биле Грци! Штом не бил на Охридската архиепископија, тогаш, на која црква бил епископ? Несомнено, св. Климент (916 г.), бил епископ на Вселенската патријаршија и не може да се смета за основач на Охридската архиепископија (1018 г.), а во ниту еден случај за основач на МПЦ (1967 г.). Св. Климент е наречен архиепископ охридски од страна на составувачот на црковната химнографија за светителот, долго после неговото упокоение.

Поглед на галебот

Второто искривување на историските факти, кое од поново време е присутно во нашата татковина е дека св. Климент ја создал кириличната азбука. Согласно на важечкиот образовен систем, веќе во трето одделение децата учат дека со таа иста кирилица се служат и денес (Весна Настоска, Љубица Севдинска, „Македонски јазик за трето одделение, за деветгодишно образование“, стр. 194, „Просветно дело“, Скопје, 2015), иако денешната азбука во нашата татковина во голема мера е изменета! На пр., во 1945 г., додадени се шест целосно нови букви, а отфрлени се многу букви од автентичната кирилица, чиј создавач веројатно е Константин Преславски. Како одговор на спомнатото извитоперување на историската вистина, ќе предочам дека светски познатиот византолог Димитри Оболенски, со научна поткрепа, тврди дека св. Климент ја употребувал глаголицата! Токму заради Климентовата дејност, Охрид бил главен центар на глаголични скриптории на Балканот, до 12 век (Димитри Оболенски, „Шест византиски портрети“, стр. 48, Макавеј, Скопје, 2011). Димитри Оболенски ќе напише дека Климент, кој еднакво зборувал грчки и словенски, покрај своите учители Методиј и Кирил, претставува еден од главните архитекти на византиската, ромејската културна заедница. Со други зборови, севкупното дело на св. Климент, нема тесен, еднонационален, туку има икуменски размер и во себе ја содржи сета широчина на ромејството.
Завршувам со следниов исказ: на дното од еден исушен бунар се наоѓала жаба, која од дното гледала горе, кон небото. Одеднаш, горе на бунарот слетал галеб, кој ѝ рекол: колку е прекрасно небото, зарем не?! Но, жабата недружељубиво и грубо му одговорила: каква дрскост, ти ли ќе ми зборуваш за небото, кога од овде кадешто сум и самата многу убаво го гледам! Погледот на жабата кон небото од дното на бунарот е погледот на оние, кои сакаат небото да го стават во нивниот ограничен калап, во нивните тесни, националшовинистички граници. Погледот на галебот кон небото е погледот на св. Климент, погледот на наднационалното ромејство, поточно погледот на кој е повикан секој човек, кој сака да се ослободи од стегите на националшовинизмот и гнилежот.

NO COMMENTS

LEAVE A REPLY