Државен воздух

Државен воздух

299
SHARE

Единствено тие неколку квадратни метри и четирите ѕида од сопствениот стан го претставуваат просторот каде што денешниот урбан Македонец се однесува долично и домаќински. Но, зошто тој одбира таква теснотија?

Пишува Мартин Богатиноски

Штом ќе го пречекорат прагот на својата врата, луѓето сметаат дека веќе го напуштиле својот дом и дека сè друго што ги опкружува надвор од нивниот двор е туѓа или ничија сопственост. Не сум баш сигурен како стручно се нарекува таа психолошка искривеност, но ќе си земам слобода да ја наречам со еден збор – македонштина. Таквите психијатриски случаи најчесто сметаат дека влезот, лифтот, скалите, зградите, просторот пред зградите, плоштадите, автобусите и целиот град се туѓа или државна сопственост, па нормално, не треба да ги почитуваат, туку напротив, треба да ги плукаат, чкртаат, валкаат или да уринираат. Единствено тие неколку квадратни метри и четирите ѕида од сопствениот стан се просторот во кој денешниот урбан Македонец се однесува долично и домаќински.

Зошто тој одбира таква теснотија? Зошто не може да разбере дека кога ќе излезе од својот дом, сето тоа што го гледа е повторно негово, но и не само негово, туку го дели со соседите од катот, соседите од зградата и со сите жители на градот?! Сето тоа е негова сопственост, па зошто не се однесува долично, како за свој дом? Несомнено, Македонците се восхитени од западната цивилизација и сакаат постојано да ја имитираат, често без никакво расудување. Но, оние што некогаш имале шанса да мигрираат на (дивиот) Запад, потпевнувајќи си го стихот „на западу ништа ново“, честопати умеат да кажат и некој пример како тамошните обични граѓани го собираат секое ѓубренце што ќе им се најде на патот и го фрлаат во блиската корпа за отпадоци. Е, тоа ние не го имитираме! Кај нас сите се принцови и принцези. Па, ако веќе така гледаме, тогаш зошто се жалите дека воздухот во Македонија е загаден? По вашата логика, тој е државен и ничиј, па неговата состојба не треба да ве интересира. Дишете и молчете!

NO COMMENTS

LEAVE A REPLY