ДКСК постои, навистина постои! (Ама како да ја нема.)

ДКСК постои, навистина постои! (Ама како да ја нема.)

492
SHARE
Сашо Орданоски

Дами и господа од ДКСК, мислите ли вие дека е поважно да ја демантирате мојата грешка со вашата веб-страница, а со тоа и моите ставови во врска со вашето однесување кон скандалот со ДИК – или мислите дека е поважно да имате ВАШ СТАВ за случувањата што драматично ја разбрануваа македонската јавност?

Пишува Сашо Орданоски

На Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) ѝ требаа помалку од 24 часа за да реагираат на мојот текст објавен на ЦИВИЛ Медија (www.civilmedia.mk) на 12 декември оваа година под наслов „Да виси ДКСК!“. Во тој текст, да потсетам, предупредив на тоа дека во јавноста се шири атмосфера на линч („јавноста… шета наоколу со ортома и… бара дрво за бесење. Тоа не е демократија.“) околу скандалот со исплатите на парични награди во ДИК, токму затоа што надлежните независни институции, каква што би требало да биде ДКСК, јавно и навремено не реагираат за експлицитни случаи кои се од доменот на нивните законски овластувања: јавниот вакуум заради нивниот молк, се исполнува со интернет-повици за барање одговорност, што во манирот на масовни „фејсбук мобилизации“ на излив на јавно незадоволство, прераснуваат во повици за линч. Затоа и предложив: ако веќе се бара метафоричното „дрво за бесење“, да почнеме од ДКСК, кои со својот молк токму придонесуваат за ширење на атмосферата за линч!

Говорот и омразата

Еве, поминаа три дена, но ДКСК и понатаму смета дека може да си дозволи да нема став за скандалот со ДИК, но ургентно испратила реакција за мојот текст. Во таа реакција, тие се во право: на интернет јас погрешно сум ја анализирал нивната веб-страница www.dksk.org.mk (која со месеци веќе не се ажурира), а сум требало да ја пребарувам www.dksk.mk, која е нивната нова интернет-адреса. За тој груб превид од моја страна ИМ СЕ ИЗВИНУВАМ на членовите на ДКСК и на моите читатели, како и на ЦИВИЛ Медија, кои се платформата за објавување на моите дневни колумни. Кога во новинарството ќе се направи грешка, за тоа мора да следува јасна исправка и јасно извинување. Ова мое извинување воопшто не е пријатно за мене, но само така се штитат професионалните принципи во нашиов мачен занает, во кој нема безгрешни.
Но, тука суштината на нашата расправа не завршува. О-хо-хо-хоо, напротив!

Во својата реакција, ДКСК двапати повикува на тоа дека со мојот текст ширам „говор на омраза“, што индицира елементарно непознавање на правото и долгата меѓународна и скромната домашна правна практика од областа на „говорот на омраза“. Имено, тоа што јас мислам дека членовите на ДКСК се исполитизирани опортунисти со долгогодишна традиција на невршење на важни надлежности од своите овластувања (за што повеќепати јавно сум ги повикувал да си поднесат оставки), па дури и кога би мислел дека можеби се и општествено-политички штетни глупаци, може да биде правен основ само за граѓанските инкриминации клевета и навреда, а не за ширење на кривичното дело „говор на омраза“. Во таа смисла, тие можат, како што милуваат, да се најдат погодени од мојот циничен, духовит, метафоричен, приземен или арогантен новинарски стил (којшто јас дневно го ставам на читателска процена на јавноста), но не можат грубо, со намера да ме дискредитираат, да ги мешаат правните основи, од граѓански во кривични, за мое евентуално судско гонење. Повелете, тоа можеме да го докажуваме и на суд, до Стразбур, ако е потребно. Уверен сум дека на крајот вам ќе ви падне одговорноста за плаќање на судските трошоци.

Но, секако, за јавноста многу е поважен меритумот на нашата „расправа“: ја оправдува ли ДКСК смислата на своето постоење и, доколку не ја оправдува, не нанесува ли штета со несогледливи последици на македонскиот демократски систем?

Конкретно, дами и господа од ДКСК, мислите ли вие дека е поважно итно и со заканувачки тон да ја демантирате мојата грешка со вашата веб-страница, а со тоа и моите ставови во врска со вашето однесување кон скандалот со ДИК – или мислите дека е поважно да имате ВАШ СТАВ за случувањата што драматично ја разбрануваа македонската јавност? Треба ли да имаме толкава стрпливост за тој став да го видиме во вашиот Годишен извештај за работата во 2017 година, кој ќе го објавите, некогаш, во 2018 година?

Се чини дека таквиот мој впечаток за големите потфрлања на овој состав на ДКСК го дели и македонската јавност: според истражувањата на јавното мнение во однос на ДКСК, објавени во мај 2017 г. од страна на Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС), 68,1 отсто од граѓаните чуле дека постои ДКСК, но само 38,7 отсто од нив сметаат дека работата на ДКСК е ефективна. Дополнително, дури 61 отсто од испитуваните граѓани сметаат дека „со својата работа ДКСК ги штити интересите на поединците (приватен интерес на политичари, избрани и именувани лица)“, наспроти само 28 отсто кои сметаат дека ДКСК го штити јавниот интерес.

Можеби треба да ги побарате адресите на овие 61 отсто граѓани и да им поднесете кривична пријава за ширење на говор на омраза?

Понатаму, вие памтите дека во едно друго истражување, она на Институтот за човекови права од Скопје (www.ihr.org.mk), во 2014 г. за изборот на членовите во ДКСК само 30 отсто од граѓаните мислат дека е резултат на вашата „стручност и репутација“, а речиси двојно повеќе дека е резултат на „блискоста со власта“ (тогашна).

Добро, ќе речете, ова се само селективно избрани перцепции на граѓаните кои не мора да ја изразуваат реалната состојба за вашиот професионален углед и ефективноста во работата, а дека јас сум „жртва“, а можеби и „поттикнувач“ на таквите перцепции.

Неотповиклива оставка

А, како ви звучат следниве, официјални, податоци, од вашите Годишни извештаи: во 2013, 2014, 2015 и 2016 година – годините за кои во македонското правосудство тукушто се започнати мега судски процеси за десетици случаи за корупција од епохални размери, ДКСК има нула (и со бројка: 0) поднесени иницијативи за кривично гонење до Јавното обвинителство, за јавни функционери од средни или од повисоките ешалони на власта, па следствено, нула (и со бројка: 0) е бројот на покренати обвиненија по овие иницијативи, како и нула донесени судски одлуки.

Па, што, навистина, работите вие во ДКСК за да ја заработите платата што ви ја даваат граѓаните на Македонија?! Мислите дека потпишувањата меморандуми за соработка, сликањето на состаноци со разноразни странци, патувањето на семинари, покренувањето на грст прекршочни постапки за „ситни риби“ (директори на училишта или секретари на рурални општини, на пример) од областа за која сте надлежни е, навистина, работата што сме ви ја довериле?!

Или мислите дека ви беше работа да го криете имотниот лист на премиерот, да бидете лични финансиски донатори на партијата на власт, арогантно да одбивате да одговорите на кое и да било посериозно новинарско прашање… Деновиве ве прашуваат колку пари трошите за патни трошоци, за одвоен живот, за репрезентација, за службени патувања, а вие транспарентно си молчите, како да сте Државна комисија за поттикнување на корупцијата.

Сѐ на сѐ, во право сте со вашиот демант на мојата колумна од пред три дена во која констатирав дека ништо не работите – ма, работите вие, со години, во корист на штетата на Македонија. И затоа и мислам дека, посредно, сте голем соучесник во рушењето на демократскиот и правниот систем во државата, во заштитата на јавниот интерес за борба против организиран криминал и корупција и, да, во создавањето атмосфера на линч, на која и самите ќе бидете жртви, доколку што поскоро не си поднесете колективна, неотповиклива оставка.

NO COMMENTS

LEAVE A REPLY