ДИК – парада на алчните

ДИК – парада на алчните

668
SHARE
Фото Слободен печат

Време е да стори нешто (барем како осуда!) Заев со раката на Дума, како и со тоже подобните раце на сите оние сложни ДИК-калуѓери што гинат сложно, како еден, за своето чекмеџе без дно.

Пишува Атанас Вангелов

Првин ја покажа својата алчна ќуд (како и онаа на груевизмот, сега под синото руно на СДСМ и неговата политичка филозофија „живот за сите“) оној Тунте со некои 2.500 евра патни трошоци надомест за неговите страданија од Охрид до Скопје и назад; уследи, потоа, еден до небеси правдољубив Шарен револуционер кој само за три месеци (каков рекорд!) успеа да го обиколи светот на државен трошок; сега, тајфата сложни ДИК-калуѓери зад врати под клуч си гласаат по пет плати згора редовни (изнесуваат над 100.000 денари на месецот), а по три други за неодржани избори. Многу биле „разочарани“ од јавноста затоа што не им аплаудирала. Затоа што не предложила, генерозно, да си изгласаат уште по – пет? Затоа што, нели, сè било според „Уставот и законот?“

И обвинет и судија

Најзанимлива работа во таа колективна распаљотка во која секој граба како што ќе стигне и колку што ќе стигне (се работи, господа, за општа состојба на духот; за абнормалност која се регенерира и нормализира во недрата на оние кои, со години, јавно ја пердашеа абнормалноста-груевизам) ми е изјавата на екс-судијката Виолета Дума која петпари не дава за некоја си таму будна и возбудена јавност што негодува!; Дума вели дека не „чувствува вина“, затоа што со крв и пот си ги „заслужила“ тие убави пари! Ама ете ќе ги донирала (?!) иако не се тоа пари од нејзиното чекмеџе, иако се државни пари кои си ги турила в чекмеџе откако самата си гласала да си ги тури.
Што е толку многу занимливо, да не речам оригинално во таа дрска изјава на екс-судијка која, на времето, нашла храброст да му каже историско „не“ на еден Михаило Маневски – ударна тупаница на пастир Никола Груески, а камоли сега на некоја си јавност која си зема право и смелост да ја потпрашува нешто околу нејзините пари што, нели, си ги „заслужила?“ Занимливо и оригинално во таа изјава на Дума е очигледниот факт дека таа се јавува како обвинет и судија истовремено, од што следува дека ни под разно нема да си напише себеси пресуда во која ќе плати нешто за делото осум (5 + 3) плати што си ги доделила самата себеси како и сите други, тоже подобни сложни ДИК-калуѓери. Нема да си напише таква пресуда затоа што раката која треба да го напише тоа е истата онаа рака што дигнала два прста да си ги земе тие осум плати кои, нели, ги – „заслужила?“ Па кога е иста раката што зема државни пари и која треба да суди истовремено, само од себе се разбира дека таа рака е една блокирана, имобилна, неупотреблива рака. Не е ни лева ни десна рака. Затоа ни не може да се рече дека десната не гледа што прави левата рака; или, ако десната си зема државни под формата „заслужени“, со крв и пот заработени пари, тоа го прави со царски ферман на – левата. Таа е просто и „правдоподобно“ лева и десна рака истовремено. Една рака на велеправедната, чиста како солза Дума. Една Дума со „интегритет“ по кој сега буричка балкански сурова јавност.

Пацифизмот на Заев

Бидејќи сум далеку од помислата дека екс-судијката Дума просто „сишлa с умà“ (омилена формула на поетот Стојан Тарапуза) кога претурала државни пари во свое чекмеџе (според „Устав и закон“), бидејќи уште помалку верувам дека макар за миг таа влегла во зоната „исчукан ум, како угасено коледарско огниште“ (Конески), не ми останува ништо друго освен да мислам дека се работи за една општа „состојба на духот“, чија конкретизација или, ако сакате, антропоморфна инкарнација е – екс-судијката Дума со нејзината верна ДИК-кохорта која покажала чудесна склоност кон едноумие кога станувало збор за тоа да се префрлат туѓи, државни пари во свое, чекмеџе без дно, а склоност кон разноумие по сите други прашање за кои, патем, се платени од мерата надвор.
Каде е во таа алчна приказна или ДИК-парада на алчните која од темел, како подземна вода поткопува носечки столб на политичка филозофија „живот за сите“, премиерот христијан-пацифист? Сега засега го нема. Сè уште молчи и не крева глас против „мангупите во своите редови“ (Ленин). Или чека, можеби, да види до каде ќе одат тие „мангупи“ во својата алчност која не се разликува од онаа на груевистите, но затоа, пак, е побобезобѕирна затоа што е нова и тазе-алчност. Или пак тој, во духот на својот христијански пацифизам, ќе им даде до знаење на сите тие „мангупи“ од неговите редови, кои никнат како печурки по дожд, кои се ројат дури и сред зима, во декември, ќе им рече, со јазикот на својот мек, мазен христијански пацифизам: „не пет или осум, земете си, вие, батиња, осумнаесет плати; јас не сум научен за зло да враќам со – зло (казна!)“.
Дотука го разбирам тој христијански пацифизам на Заев како – особен вид хуманизам. Арно ама, што правиме ние сега со правдата и „правната држава“ која г. Заев не ја вади од уста? Тие две работи не се потресуваат многу за тој пацифистички хуманизам! Затоа што тој си има свое поле на важење, како што правдата и правото си имаат свое. Време е да стори нешто (барем како осуда!) Заев со раката на Дума, како и со тоже подобните раце на сите оние сложни ДИК-калуѓери што гинат сложно, како еден, за своето чекмеџе без дно.

NO COMMENTS

LEAVE A REPLY