Да виси ДКСК!

Да виси ДКСК!

931
SHARE
Сашо Орданоски

Веднаш по оставката на Бонева во ДИК, следни на ред за колективна оставка да бидат членовите на ДКСК! Предлагам на тоа да го насочиме притисокот на јавноста, до нивните оставки.

Пишува Сашо Орданоски

Да проверам, можеби јас нешто сум пропуштил: Дали НЕКОЈ слушна НЕКАКВА реакција од Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) по повод многубројните скандали што дневно се откриваат во земјава, врзани за политичката смисла и законскиот опис на постоењето на ова државно тело? Гугнаа ли нешто? Пријава? Иницијатива? Соопштение? Макар изјава? Изјавичка? Барем да се накашлаа, да кивнеше некој, за да му кажеме: „На здравје“?!
Ништо.

Смислата на промените

Ако влезете на нивната официјална веб-страница (http://www.dksk.org.mk/), последното соопштение им е од 19 септември (задолжително мислење во врска со мандатот на преодната влада бла-бла-бла…), а претходното е од – јануари годинава! Значи, во еден од најдраматичните периоди во македонската демократска историја, ова тело единаесет месеци (всушност, многу години наназад) се занимава со – ќутологија!

Во чл. 49, ст. 1, од Законот за спречување на корупцијата, има 14 точки со опис на законските надлежности на Комисијата, со кои таа треба да се бори за спречување на корупцијата во земјата. Ништо од тоа не го прават.

Во следниот член од Законот, чл. 50, во ставот 2, се определува месечниот надоместок за нивната работа. Само тоа го прават.

Ова го посочувам од две причини. Прво, во државата има едно чудо органи и институции кои, по закон, се задолжени да делуваат за она за што со месеци се надвикуваме по Фејсбук, по телевизии и по портали – не може Македонија да ја управуваат странски амбасадори и невладини организации и нивни активисти, макар и да се најпаметни на светот (а, еве, сме!). И, второ, на сличен начин, не може некаков Зоран Заев за сѐ да биде одговорен во државата – видовме до кај стигнавме кога и како тоа го правеше Грујо. Смислата на падот на таа краста не е некој друг да го замени него, а ние да продолжиме да се чешаме; смислата е да профункционираат колективните институции на системот и демократијата (од Собранието, па надолу), секој со својот интегритет и одговорност, по закон.

Соучесници во кражбата

На пример: според Законот за спречување на корупцијата, чл. 47, точка 1: „Државната комисија е самостојна и независна во вршењето на работите определени со овој закон.“ (Како и ДИК, патем.)

Реторички кажано, ако таа не си ја работи својата работа, јавноста ќе се претвори во гневна толпа која секој ден, со право барајќи одговорност, ќе шета наоколу со ортома и ќе бара дрво за бесење. Тоа не е демократија.

Во оваа точка, сепак, доаѓаме до неопходноста од уште дрво за бесење: овој состав на ДКСК одамна, многу одамна, го има изгубено кредибилитетот за остварување на овластувањата што им се дадени со закон. Дури, не е претерано да се тврди дека се тие, всушност, едни од главните соучесници во кражбата на столетието во Македонија.
Не е ни чудно што – барем за сега – СЈО за нив не формирала предмет (ако го има, би можел да се вика „Тутулебалиња“), затоа што нив, навистина, најверојатно и ги нема во прислушуваните разговори. Луѓето НИШТО, апсолутно ништо не сработија со години наназад, па нема ни за што да се домунѓаваат по телефон.

Затоа, веднаш по оставката на Бонева во ДИК, следни на ред за колективна оставка да бидат членовите на ДКСК! Предлагам на тоа да го насочиме притисокот на јавноста, до нивните оставки.
Ако не, па, да го замолиме Грујо да си ја повлече оставката?

NO COMMENTS

LEAVE A REPLY