Да се преговара, за мирен трансфер на власта

Да се преговара, за мирен трансфер на власта

512
SHARE
Бранко Героски
Бранко Героски

За да се квалификува за какви било сериозни разговори за иднината на земјата, ВМРО-ДПМНЕ прво мора да си ги врзе кучињата, а потоа да прифати дека промената на власта е неизбежна.

 

Колку и да се лутат некои читатели кога го спомнувам зборот „преговори“, јас упорно тврдам дека порано или подоцна, кризата во Македонија ќе се решава со преговарање. Никола Груевски успеа, со уличен и бандитски притисок, да го блокира мирниот трансфер на власта и процесот на обнова на институциите. Не верувам во најавите дека меѓународната заедница него и неговата криминална банда ќе ги изложи на силен, директен притисок.

Во своето интервју на Канал 5, Груевски јавно го обелодени својот план. Тој подготвува документ што ќе му биде претставен на еврокомесарот Хан, како основа за идните преговори со СДСМ и со албанските партии. Сите посакуваме Хан да ја отфрли таа платформа и да го потврди одлучниот став на западните земји дека Груевски и неговиот полтрон Иванов треба мирно да ја предадат власта. Но… има тука едно „но“.

Се плашам дека работите не се така едноставни. Кризата што ја предизвика Груевски веќе има сериозни безбедносни импликации. Хунтата има и доволно ресурси и неограничена неодговорност, со излевање агресија на улиците, кризата опасно да ја продлабочи. Конечно, не е исклучено во евентуалните преговори странците да видат шанса да му кажат на Груевски дека веќе не е „фенси“ и можеби да побараат да се „факторизира“ друг централен лик на неговата партија.

Внимавајте, од идејата за преговори не се плашиме само ние кои сакаме беспоговорно да се спроведе волјата на избирачите – се плашат и најзагрижените поддржувачи на Груевски. Засега, тој самиот ги минира преговорите што ги посакува. Никој, ни Хан ни свети Хан, не може да натера некого да седне да преговара додека на улиците дивеат банди црнокошуљаши. Но, утре може да биде поинаку.

За да се квалификува за какви било сериозни разговори за иднината на земјата, ВМРО-ДПМНЕ прво мора да си ги врзе кучињата, а потоа, во најавената платформа, да го прифати фактот од кој нема бегање – парламентарно мнозинство кое претставува повеќе од 700.000 избирачи покажува дека промената на власта е неизбежна. Како тоа да се случи мирно и безболно? Е за тоа може и треба да се преговара!

Бранко Героски

 

NO COMMENTS

LEAVE A REPLY

3 × 2 =