Чуму овој реваншизам против Бакрачески, другари?

Чуму овој реваншизам против Бакрачески, другари?

1267
SHARE
Бранко Героски
Бранко Героски

Солидниот кардиолог, поранешен градоначалник на Охрид, добил работна задача да реди холтери. Како медицинска сестра! Ново во низата понижувања кон него, од реваншистички побуди. Вака ли животот ќе ни стане подобар?

Пишува Бранко Героски

Уште одамна, кога почесто го посетував Охрид, од пријатели имав чуено еден важен совет – ако те стегне срце дури си во градот, барај го Никола Бакрачески. Во меѓувреме, откако стана градоначалник, за овој човек, кого имав прилика неколкупати од нога да го поздравам и само еднаш, пред изборите, со него да седнам на подолг муабет, можевме да слушнеме сè и сешто. Како и за секој друг човек, впрочем. Но, никој никогаш не го оспорил фактот дека Бакрачески е солиден кардиолог, мајстор на својот занает.

И биднаа изборите… Во околности кои мене ми се познати (случајно, но од прва рака), Бакрачески одлучи да не се кандидира за уште еден мандат. Победи кандидатот на СДСМ. Победи „нашиот“. И сите, заедно со мене, се радувавме на победата. Не затоа што беше битно да се порази Бакрачески, туку затоа што беше неопходно да му се зададе уште еден силен удар на злото, олицетворено во ВМРО-ДПМНЕ. Бакрачески спокојно и достоинствено го поднесе поразот и му се врати на својот занает, на своето работно место, во Кардиолошкиот завод „Свети Стефан“ во Охрид.

Неодамна слушнав дека новото раководство на Заводот, избрано од партијата на власт, упорно и на различни начини го шиканира Никола Бакрачески, во очигледен обид да го избрка од оваа медицинска установа. Вчера, пак, дознав дека човекот и официјално добил решение, според кое неговата нова работна задача ќе биде да реди холтери. Како медицинска сестра! Ново, веројатно последно во низата понижувања од реваншистички побуди.

Повторно ќе нагласам – немам никакви посебни причини да бидам на страната на Бакрачески, уште помалку на страната на партијата што го држеше на власт во Охрид еден мандат. Сигурен сум дека тој има многу слабости, какви што имам и јас. Но, не можам да издржам, а да не се бунтувам против овој, со ништо непредизвикан, безочен и малоумен реваншизам.

Зошто ви пречи кардиологот Бакрачески, другари? Што мислите дека постигнувате со ваквото однесување? За кратко време, можеби човекот можете да го повредите и да го понижите, но неговата стручност, неговите знаења и неговата репутација на добар кардиолог, нема да успеете да му ги земете. Што добива новата власт, што добиваме ние, граѓаните, ако Охрид изгуби еден добар кардиолог, ако Бакрачески реши да се спакува и да си замине да работи некаде на друго место?

Или „гревот“ на Бакрачески е во тоа што не е „сончоглед“, што не сака да стане „наш“, што сака да се посвети на својата работа и што тоа може да го стори каде што ќе посака, бидејќи луѓе со неговиот занает секаде се бараат и добро се плаќаат. Дали шиканирањето на таквите луѓе ќе го направи нашиот живот подобар?

NO COMMENTS

LEAVE A REPLY