Чекајќи го последниот воз

Чекајќи го последниот воз

342
SHARE
Злате Лозановски
Злате Лозановски

Сè додека ваквите тези и анализи не го фатат последниот воз, сè дотогаш груевизмот ќе биде жив на свој начин. Погубен за сите. Значи и за среќните.

Пишува Злате Лозановски

Сите среќни партии личат една на друга, секоја несреќна е несреќна на свој начин, би рекла денес Ана Карењина, која на свој начин го фати возот, кој за неа навистина беше последен. Не само ВМРО-ДПМНЕ, туку и потрагата по причините за нејзиниот тежок пораз на овие локални избори е бескрајно несреќна на свој, вмровски начин. И, секако, несфатлива. И кога партиските мегафони за дебаклот го обвинуваат народот и, особено, кога го оправдуваат. „Имаше нерегуларности и изборите не беа фер, но ако народот навистина беше против, ќе застанеше со такво мнозинство зад ВМРО-ДПМНЕ што ќе ги надминеше сите купени гласови и разни далавери кои СДСМ ги правеше на изборите.“ Ете, народот, чија верност и мудрост до вчера ја величаа, сега го обвинуваат за неверност и лицемерие: не бил „вистински“, што значи така како што тие замислуваат, против нивните противници.

Далеку позагрижувачка, пострашна и далеку покрвава е „тезата“ која ги оправдува граѓаните: „Најлогична теза според мене е дека главната причина за падот на ВМРО-ДПМНЕ е разочараноста на граѓаните, од нивниот однос по 27 април и од лесното предавање на власта на квислинзите и оставање на народот на улица сам. По 27 април, јавноста сè уште чека логично објаснување зошто народот што ја бранеше државата се влече по судови, а предавниците не завршија зад решетки?“ – пишува главниот уредник на „Република“.

Ако навистина ова е „логичната“ причина за падот на ВМРО-ДПМНЕ, ако е ова оправдание за тие што гласале против, тогаш несреќата навистина е неспоредливо поголема, отколку што изгледа и што може да се претпостави. Сè додека ваквите тези и анализи не го фатат последниот воз, сè дотогаш груевизмот ќе биде жив на свој начин. Погубен за сите. Значи и за среќните.

NO COMMENTS

LEAVE A REPLY