Бигори

Бигори

599
SHARE

 

Пред прославата бев затворен и осуден како македонски сепаратист. Изостана аплаузот на прославата, ама ракоплескањето се пренесе во затворот по мојот грб.

Д-р Асен Татарчев нас македонистите нè третираше како србомани или комуњари, оти сме измислиле антибугарски нација и презимиња!

 

Ефтим Гашев

 

„Нема заедничка историја и заеднички јазик помеѓу два одделни народа, кога едниот е окупатор на другиот!“

Животот ми беше скршена ветерница или скината броеница од дивите ебиветровци, чии зрна како бигорчиња уште се тркалаат по распуканата моја дедовина. Неколкуте скршени зрна од броеницата, како пијавици, или крлежи ми ја цицаа срцевината од спомените на парталосаната животна пајажина. Време кога цутеше пирејот и го загорчуваше животот.

1) Со победата над фашизмот и ослободувањето, татковината тргна во преродба. Низ градовите и селата во декември 1944 г. се одржуваа учителски курсеви. Курсистите беа со свршено и несвршено средно образование. Јас бев со матура. По едномесечни курсистички денови, тргнаа даскалчињата по сколиите низ земјава. Во Скопје курсот беше одбележан со тржествена прослава во присуство на државните големци: Влахов, Поп-Андонов, Чучков… За курсот весникот „Нова Македонија“ одбележа: „Особено впечатление направи стихотворението напишано и рецитирањето од авторот, Ефтим Гашевски, за песната Бане – убиен матурант од бугарската полиција“.

2) На 25 мај 1945 година во државава се одржа академија по случај Денот на младоста, роденденот на Тито и Денот на просветителите, светите Кирил и Методиј. Во тоа време бев учител во скопската осмолетка „Даме Груев“. Во програмата на прославата беше вклучена и една моја стихотворба. Но, ѓаолот ми ја однесе шегата! На два-три дена пред прославата, на 23 мај 1945 година, од ОЗН-а бев затворен, потоа и осуден како македонски сепаратист. За мене изостана аплаузот на прославата, ама ракоплескањето се пренесе во затворот по мојот грб.

Реакционерен штаб

3) Во затворот „Идризово“ суштествуваа производни погони за издржување на казната присилна работа: „Препород“ со Килимарница, столарска и браварска работилница и т.н. полска тулана, како и земјоделски производни погони. Килимарницата работеше и во ноќна смена. Кога ќе се случеше од втората смена младите затвореници, уморни во ткаењето персијанци за чаушите, да заспијат или да задремат на работното место, тогаш дежурниот надзирател, затворниците ги „будеше“ со млаз од студената вода во дворната чешма!

4) Управата на затворот „Идризово“ во 1950 година формира работна група од затворници-интелектуалци со задача – изработка на Речник на македонски јазик, со англиско толкување. Во групата беа поповите, Методија Гогов, Никола Аапостолов и Јонче Кузмановски; учителите Илија Кондов и Методи Попов. До скоро не се знаеше ништо за судбата на ракописот на Речникот, додека деновиве при посета на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“, директорката на Институтот не ме информира дека ракописот е депониран во Институтот! Браво!

5) Во селектираната затворничка соба на политичките затворници во 1947 година политиката беше мошне активна. Во огромната просторија од турскиот затвор беа спастрени околу 70 затворници – соработници на бугарскиот окупатор, балисти, Дражеќевско-Гролова српска група и други. Тука бевме со Борислав Градишки, како македонисти. Управата оваа соба ја нарекуваше „Штаб на реакцијата“. Собата беше под најстрога контрола и тортура од Управата. Во овој илегално и разнообразно политички див парламент, политичката борба продолжуваше немилосрдно.

Пишував поезија на македонски. Песните ги читав пред затворниците. Го преведував Христо Ботев од бугарски на македонски. Од српски преведував на македонски по една песна од Гете, Хајне, Бранко Радичевиќ и ја преведов од српски комедијата „Шума“ од рускиот писател Островски, која беше „играна“ во затвореничкиот „театар“. Во овој контекст жестоко ми се спротивставуваше д-р Асен Татарчев, осуден како соработник на бугарскиот окупатор, внук на претседателот на ВМРО, д-р Христо Татарчев. Тој нас македонистите нè третираше како србомани или комуњари, оти сме измислиле антибугарски нација и презимиња! Моја реплика: И за време на бугарска окупација го носев и денес го носам македонското презиме со „ев“ на крајот, ама никогаш не бев Бугарин! Се разбира, бевме Македонци!

6) Околу 200 македонски вмровски затворници бевме на тешка присилна работа во каменоломот кај Добој, Босна. Кршевме камен во зимски услови, голи и боси со налани, под рефлектори, гонејќи ја дневната норма од 100 вагони камен за автопатот „Братство-единство“. Таму ги напишав стиховите и ги прилагодивме за пеење: „Не сме Срби ние/ Не сме ни Бугари/ А, чесни Македонци/ На Гоце синови“. Куриозитет за грозоморниот Добој: командантот на логорот, Перо Ташевски-Челик, за да ги заплаши логорашите да не бегаат, му овозможи на македонски милиционер (Симо?) да убие еден од затворниците (Црногорецот Ѓоко Митровиќ).

Патешествието на „Галичанката“

7) Од Кратово пријателот ми пренесе една неверојатна, а вистинска сторија. Имено, деновиве кај мојот пријател во посета дошол негов сограѓанин и му покажал редок сувенир. Станува збор за копија – портрет на лидерот на Советскиот Сојуз, Сталин, во графички третман со молив „Кохинор“ на голем хамеров лист хартија. Портретот, сувенир, е копија од некој весник, успешно изведен по задача од Управата на затворот и потпишан од автор на копијата Ефтим Гашев, со наведен датум – 1947 година.

Сопственикот на портретот копија „Сталин“ веројатно е пензионер од Кратово, кој по ослободувањето на Македонија бил вработен во затворот „Идризово“, кога и станал сопственик на портретот. Вистинскиот автор е Ефтим Гашев, кој во 1947 година издржувал казна од 12 години затвор со присилна работа. Денес авторот го живее своето 92. немирно пензионерско лето.

8) Борислав Градишки, познат политичар, писател, ликовен уметник, графички и „персиски“ дизајнер, уметнички колекционер, еминентен политзатворник како Македонец, лидер на „Бунт“. Во „Идризово“ тој издржува 12 години присилна работа од пресудата на 20 години. Во затворот во некој стар весник уметникот забележува црно-бела фотографија: портрет на Македонка во „Галичка носија“. Градишки прекрасно ја обработува фотографијата во темпера и ја предава на Управата на Затворот. Сликата „Галичанка“ на Градишки беше изложена педесетина години во кабинетот на управителот на затворот. Сè до нејзиното исчезнување пред неколку години. Во една пригода при посета на Управата на затворот, забележав дека „Галичанката“ исчезнала од затворот. Од управителот на затворот, г. Младеновски, добив информација: непозната жена се појавува во Управата на затворот со писмо од Министерството за култура на Р. Македонија, како налог предметната слика лично да се предаде на донесителката на писмото, со образложение дека ликот од спорната фотографија наводно потврдува оти „Галичанката“ била на мајката на писмодоносителката, па затоа ѝ припаѓа и сликата. Моето прашање како на свидетел е дали „мајката“ Галичанка не му позирала на авторот во затворот? Криминогената верзија за лажирање на „Галичанката“ од пред неколку години поставува логичното прашање: Кој ја бојадисува со лаги невината „Галичанка“? Така беше, кога беше!

9) Хрватското издание на југословенскиот весник „Комунист“, по барање на главниот редактор на весникот, на 12 јануари 1990 година објави на целата последна страница од весникот 150 мои авторски, сатирични афоризми, со мојот портрет и биографија.

NO COMMENTS

LEAVE A REPLY